Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

Министерот вратен од Скопје во Подгорица

twitter.com/djordjeradulo10

Министерот вратен од Скопје во Подгорица

Црногорскиот министер за надворешни работи Ѓорѓе Радуловиќ кој допатува во Скопје во посета на Македонија, по налог на премиерот Здравко Кривокапиќ, мораше да ја прекине штотуку започнатата посета и да се врати во Подгорица.

Според информациите добиени од извори во владата на Црна Гора, порталот РТЦГ открива дека формалното објаснување за еден ваков крајно невообичаен потег на официјална Подгорица е дека – “премиерот Кривокапиќ не знаел, бидејќи претходно и не бил информиран“ – дека шефот на неговата дипломатија е во посета на една странска земја!?

Извинување за македонските домаќини

Затоа од министерот Радуловиќ било побарано веднаш да ја прекине посетата и да се врати дома, без разлика на дипломатскиот инцидент и повредата по угледот и престижот на земјата – членка на НАТО и кандидат за влез во ЕУ која (има од порано) отворено десетина поглавја во преговарачкиот процес, најмногу од сите земји во Западен Балкан.

Министерството во Подгорица, во вторникот (25 јануари) објави дека министерот има закажано повеќе средби и разговори во Скопје – со претседателот на државата Стево Пендаровски, како и со потпретседателот на владата за европски прашања Бојан Маричиќ, а требаше да биде примен и од претседателот на Собранието Талат Џафери.

Меѓутоа, непосредно пред да ја почне првата средба и разговорите, Радуловиќ добил известување – веднаш да ја прекине посетата.

Медиумите во Подгорица јавуваат дека црногорскиот министер им се извинил на своите домаќини за инцидентот и за ваквиот начин на откажување на посетата.

„Војна“ на премиерот и неговиот заменик

Се смета дека осрамотувањето на шефот на дипломатијата е последица на длабоката политичка криза во Црна Гора . Со недели на ред , трае „војната“ во владата меѓу премиерот Кривокапиќ и неговиот заменик Дритан Абазовиќ кои до скоро беа истомисленици и  партнери во широката и шарена владина коалиција.

Претходно, заменик премиерот се огласи со соопштение за тоа дека дел од партиите во коалицијата се спогодиле владата понатаму да функционира како – малцинска. Премиерот, погоден од ваквата постапка на својот заменик – го означи тоа како обид за негово елиминирање. Тој одби да се повлече и веднаш објави дека покренал постапка за сменување на Абазовиќ, во црногорскиот Парламент.

Но, Парламентот нема кворум, ниту за неговото сменување, а ниту за одлуката околу малцинската влада. Тоа, сепак, не го спречува Кривокапиќ да ја продолжи „војната“ со Абазовиќ – сменувајќи ги сите негови кадри во владата и во министерствата.

Здравко Кривокапиќ, непосредно пред посетата на министерот на Скопје,  остро го има нападнато и  Радуловиќ, обвинувајќи го дека “уште од септември во претходната година, работел интензивно на планот за создавање малцинска влада“, односно дека бил на страната на Абазовиќ.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Западен Балкан

Горе