Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Хрватска се извинува поради својот претседател

Ale_Mi/Depositphotos.com

Хрватска се извинува поради својот претседател

Официјален Загреб се извинува – кај своите партнери и сојузници – поради скандалозните изјави на хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, во врска со Украина, со актуелната криза на Истокот од Европа, поврзано со натрупаната руска војска на границата и заканата од руска инвазија врз украинската територија и со општата ситуација во оваа земја.

На Украина и на Украинците, прво им се извини премиерот Андреј Пленковиќ, кој подоцна одново се оградуваше од ставовите изречени од шефот на државата, директно од седница на хрватската влада, за да потоа, со дополнително извинување и објаснување, се јави и министерот за надворешни работи Горан Грлиќ – Радман.

И едниот и другиот изјавија дека ставовите и позициите на Милановиќ, не се ставови и на владата на Хрватска, како и тоа дека претседателот, со таквиот јавен настап, ги има урнато кредибилитетот и угледот на државата.

Милановиќ против Украина во НАТО

„Таквите изјави создаваат недоверба кај партнерите – од САД, па преку сите земји членки во НАТО и земјите во ЕУ, се до соседните држави“ – имаат речено Пленковиќ и министерот Радман. Тие признаваат дека изминатите денови им се имаат извинувано на амбсадорите, акредитирани во Заграб, а на сите страни во Европа се даваат објаснувања дека претседателот на државата зборувал сам за себе, изнесувајќи само свои ставови.

А, Зоран Милановиќ на прес конференција во Загреб, на прашање за ситуацијата со украинската криза – има речено работи кои ја шокираа хрватската јавност.

Прво, дека Хрватска нема ништо со сето тоа, дека земјата ќе ги исполни своите обврски кон НАТО, но дека хрватските војници стационирани таму веднаш ќе се повлечат доколку дојде до ескалација на кризата.

А, потоа се има нафрлено врз Украина, па рекол дека земјата не треба да влезе во Алијансата, објаснувајќи дека тоа не го ниту заслужува, затоа што – како што рекол – „станува збор за една од најкорумпираните држави во светот“.

Во одбрана на руската позиција

Продолжувајќи во тој стил, претседателот рекол дека Хрватска се оградува од она што сега го презема НАТО, порачувајќи му јавно на премиерот Пленковиќ дека – “може да и се заканува на Русија, но дека тоа во хрватската јавност нема да помине“. Уште и толкувајќи ја притоа (наметнатата) криза од страна на Москва, како – последица на американската внатрешна политика.

„Сето тоа таму, нема врска со Украина, туку само со политиката на Џо Бајден“ – рекол Милановиќ, практично, бранејќи ја тврдата и агресивна руска позиција дека “она што сега се случува (во Украина), всушност, како да се одвива во „предградијата на Москва“! Конечно, тој во оваа прилика го подржал рускиот став и околу соборувањето на прорускиот режим во Киев, во 2014 година. Има речено дека тоа бил – „државен удар“ изведен од страна на ЕУ.

Настапот на хрватскиот претседател кој претходно, пред неколку години, беше премиер, веднаш предизвика бурни коментари во Загреб, но и во европската политичка јавност.

Како меѓу партнерите во ЕУ кои имаат изградено заеднички став за кризата и за можните санкции, доколку Русија ја нападне Украина. Но, исто така, и кон сојузниците во НАТО, што сега настојуваат да го обезбедат Киев со доволно одбранбени средства и во исто време, да им помогнат на земјите од Алијансата во првата борбена линија на Истокот.

Извинување до Украинците

Владата во Загреб сега настојува да ги увери сите дека она што Милановиќ зборува е само негов став, иако се прифаќа дека пораките на хрватскиот претседател делуваат како да ги има изговорено некој руски функционер. Но, се стравува дека тие оставаат простор за недоверба на партнерите и сојузниците во лојалноста на Хрватска, во време на најголемата криза во Европа по падот на Берлинскиот ѕид.

Пленковиќ веднаш се има извинето на официјален Киев кој гневно и налутено има побарано објаснување.

Вложен е официјален протест до хрватските власти, а амбасадорката на Хрватска била повикана за да и се вложи службен демарш. Во Загреб, во министерството за надворешни работи, му се имаат извинето на украинскиот амбасадор за – „скандалозните зборови“ на Милановиќ.

Пленковиќ, пак, изјави дека им се извинува на сите Украинци во името на хрватската влада.

„И се извинувам и на Украина, една од првите земји која ја има признаено независноста на Хрватска“ – отфрлајќи го притоа тврдењето на претседателот дека ќе бидат „повлечени хрватските војници на украинска територија“.

„Херој“ во Москва – „непожелен“ во Киев

Премиерот на тоа реагираше дека претседателот зборува неточни работи.

Затоа што таму нема хрватски војници. Еден вод, под знамето на НАТО, беше во Полска, но дека војниците сега се вратени дома. Потсетувајќи дека Украина не заслужува да се третира на овој начин во време кога „делови од земјата остануваат и натаму окупирани“ од страна на Русија.

Меѓутоа, официјален Киев останува гневен на Милановиќ, сметајќи ги неговите зборови како недобронамерни, дадени со презир и како навредливи. Во Загреб се смета дека Украина би можела да го прогласи претседателот Милановиќ за непожелна личност, што би било дополнителна шлаканица врз угледот на Хрватска.

Единствени кои со одобрување и подршка зборуваат за хрватскиот претседател се московските медиуми. Тие го имаат направено Милановиќ херој, прогласувајќи го за „единствениот разумен политичар во Европа“. За руската пропаганда посебно е важно што шефот на државата од земја – членка на НАТО, се оградува од Алијансата и уште ја брани позицијата на Русија, обвинувајќи ги Американците.

Такво нешто руската страна нема добиено ниту од еден Виктор Орбан, близок човек на рускиот претседател, или од чешкиот претседател Милош Земан, а тоа во Загреб е примено како удар врз хрватската позиција во НАТО и во ЕУ. Уште повеќе што се посочува дека ова не е прв пат хрватската влада да се „вади“ за изјавите на шефот на државата.

(Д.З.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе