Премиерот Петков контра претседателот Радев
Кусо време по создавањето влада во Бугарија, на чие чело е младиот, проевропски и прозападно ориентиран политичар Кирил Петков, меѓу премиерот и претседателот на државата се п0јави првото разногласие. И тоа, на јавна сцена, со крајно спротивставени изјави.
Основа за несогласувањата се енергетската криза во земјата и како таа да се решава и високите цени на гасот. Енергичниот Петков, одби поскапување од 30 отсто, го намали поскапувањето на 18 отсто и го смени составот на Управниот одбор на „Булгаргаз“.
Претседателот кој не би требало да се меша во ваквите владини потези, затоа што по тамошниот Устав се знае до каде одат неговите овластувања, ја критикуваше ваквата владина постапка. Го искористи одржувањето на бизнис форумот на „Економист“ за да на домашните новинари им каже дека премиерот направил грешка.
„Приодот кон Скопје мора да се смени“
Ова бранување, како што го нарекоа некои тамошни новинари, во секој случај, не е онакво како оние во времето кога „војуваа“ Румен Радев и екс премиерот Бојко Борисов, но покрај гасот и цените, шефот на државата ја искористи шансата да го искритикува премиерот и за неговата неодамнешна посета на Скопје.
Ја има оквалификувано како „избрзана“ иако претходно, по враќањето на Петков од Македонија, токму Радев ја пофали посетата како мошне успешна.
Премиерот веднаш возврати со контра реакција – како за енергетската ситуација, така и за неговата посета во Скопје, која уште еднаш ја оцени и како позитивна и како значајна – и за двете земји, одбивајќи да ја прифати оценката на претседателот на државата.
„Ние (Бугарија) загубивме 30 години во односите (со Северна Македонија). Жалосно е што поминаа толку години, па затоа јас немаше да се согласам да доцниме дури и еден ден со таа посета. И, како што видовте, го направив тоа само еден ден откако таму (во Скопје) беше назначен нов премиер. Верувам дека доколку не сакаме Балканот да остане и натаму најсиромашниот и најкорумпираниот дел од ЕУ, приодот (на Софија кон Скопје) мора да биде изменет. А, тој нов приод треба да се однесува кон градење добрососедство, односи на економски развој и за заедничко работење“ – има речено Петков.
Кавгите не водат никаде
Коментирајќи ја понатаму изјавата на Радев, бугарскиот премиер порачал дека – „Не може да се карате со соседот и притоа да мислите дека тоа што го правите е добро. Факт е дека има сили на Балканот кои не сакаат Република Северна Македонија да биде дел од ЕУ. Не сакаат затоа што нестабилниот регион и исто таквата геополитичка ситуација им обезбедуваат предност на земји кои нам (на Балканот) не ни мислат добро“.
Според Петков – од сега па натаму – Бугарија не треба да се оправдува (за односите со првиот сосед) со странски држави, туку дека треба да се завртат ракавите и да се зафати со работа, што треба и да се заврши.
„Ако притоа, таа работа ја направиме на стариот (досегашниот) начин, ќе се најдеме таму каде што сега се наоѓаме – на најниската точка„ – има речено Кирил Петков во изјавата во која не ја прифаќа оценката на бугарскиот претседател дека „избрзал што веднаш отишол во Скопје“.
Претседателот по старо
Радев, пак, продолжува со својот веќе добро познат старински и тврд, непопустлив став кон Македонија и кон амбициите на Скопје (конечно) да се почнат преговорите за влез и членство во ЕУ. Во изјавата открива дека забелешките му ги има пренесено на премиерот и во нив порачува дека „дипломатијата (бугарска) треба да се остави да работи сама, а не да им подлегнува на разни експертизи од странство, како и да не дозволи да падне под надворешни притисоци“.
Ваквите пораки не се нови, иако прв пат, јавно, му се даваат на новиот премиер. Суштината на делењето лекција за Петков е во од порано познатиот став на Радев дека “секој избрзан чекор и праќање позитивни сигнали (кон Скопје) може да се разберат како – слабост (на Бугарија)“.
Повод за тврдењето дека премиерот избрзал што беше во Македонија е – како што рекол Радев – „однесувањето” на македонскиот претседател Стево Пендаровски – затоа што има примено припадници на организацијата Илинден – Пирин од Бугарија. Оваа организација на бугарски државјани кои се сметаат себе си како етнички Македонци, од официјална Софија е прогласена за забранета.
Два аршина на шефот на државата
Останува прашање дали тој прием требаше да се случи токму сега, кога и Скопје, а и Софија се обидуваат да ги релаксираат односите, за да се постигне она што им треба и на двете страни.
Софија да ја врати својата европска позиција на Балканот, за да не да се третира како противник на стратегијата на ЕУ за ширење кон регионот, додека Скопје да го прекине 17 годишното чекање пред врата на Унијата. Уште пред Бугарија да влезе во ЕУ.
Радев, затоа, го користи приемот на „Пиринци“ во Скопје, за да го критикува Пендаровски што се послужил со реципроцитет, како вратка за неговото среќавање во Софија со Бугарите од Македонија, но дека тоа, според бугарскиот претседател, не можело да се примени и од македонска страна!
Според неговото толкување, неговата средба со македонските Бугари била “оправдана“ затоа што (наводно) тие луѓе биле онеправдани во земјата во која живеат, што е тврдење само за да и служи на Софија како орудие за пазарење и притисок врз Скопје.
Дистанцирање од Радев
И уште не можело да има реципроцитет, бидејќи за Радев, оние од Пирин, биле “сепаратисти“. Или, што ќе рече, сакаат да отцепат парче бугарска територија за да го приклучат кон Македонија, што прво е апсолутно неточно, а второ, станува збор за одамна затворено прашање.
Во повеќе наврати, а и низ официјални документи, Македонија се има декларирано дека нема претензии кон соседните територии, како и дека генерално е против присвојување и посегнување по туѓи територии.
На ваквите претседателски елаборации кои само ја одржуваат старата тензија – за кавга со Скопје за се и за сешто – сосема на место и охрабрувачка (барем засега) е реакцијата на премиерот Петков, а посебно неговото дистанцирање од зборовите на претседателот на неговата држава.
Тој им рекол на софиските новинари и дека не сака да коментира што тоа има направено Стево Пендаровски во Скопје. Само додал дека е добро што надворешната политика и потезите што се влечат, се во рацете на премиерите на двете земји.
(Д.С.)