Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

На Истокот ништо ново

ingus.kruklitis/Depositphotos.com

На Истокот ништо ново

На Истокот од Европа, на украинско – руската граница тензиите не се намалуваат, а заканата од напад врз Украина во изминатите неколку денови таа е зголемена. Не само што ја нема деескалацијата,  по пропагандните слики за „повлекувањето “ на руските трупи, која Европа ја очекува, туку на целиот простор околу украинската државна територија сега има уште повеќе руски војници.

Првично се оперираше со 100 до 120 илјади војници подготвени за напад, но најновите податоци од теренот зборуваат за дури 190 илјади Руси под оружје. Од Далечниот исток се префрлени нови сили, кои со оние 30 илјади во Белорусија и со сепаратистите во Донбас, ја сочинуваат зголемената армада за притисок врз Украинците и за потенцијален напад што би можел да се случи било кој ден.

Русите остануваат во Белорусија

Рускиот претседател на Емануел Макрон и на германскиот канцелар Олаф Шолц им зборуваше за потребата од дипломатско решение на кризата и за деескалација, што инаку треба да почне со повлекување на руските сили од границата – за да може да се разговара без заканата од војна. Во тој дух требаше да биде и најавата дека вежбата во Белорусија ќе заврши на 20 февруари и дека после тој датум сите руски војници кои се таму, ќе се вратат во Русија.

Меѓутоа, во неделата, кога вежбата требаше да заврши, беше соопштено дека таа ќе продолжи и понатаму.

Не се знае до кога, затоа што нема нов термин за повлекување, но продолжувањето се објаснува со “влошената ситуација“ во Донбас, во сепаратистичките региони што Москва веќе ги третира како „независни републики“. Од таму, руската страна почна да јавува за обнова на војувањето. Известувачи од теренот зборуваат за размена на оган меѓу проруските бунтовници и украинската војска која осум години е во рововите на линијата на прекинот на огнот.

Посматрачи на ОБСЕ, сепак, уверуваат дека нема украинска офанзива, па станува очигледно дека за да се оправда останувањето на Русите во Белорусија, руската пропаганда настојува по секоја цена да се создаде „криза“ на линијата на раздвојувањето. Редовно, притоа, обвинувајќи го Киев дека подготвува „силна офанзива врз Луганск и Донецк“ без разлика на неколкуте украински деманти.

Казната стана закана со инвазија

Во Киев и натаму инсистираат дека сакаат мирно решение за кризата, што беше создадена во 2014 година, кога руската војска го окупира и веднаш потоа го анектира Крим, а во источна Украина, Москва поттикна бунт и сецесија, оправдувајќи го тоа со наводната закана дека Украинците ќе „спроведат геноцид врз тамошното руско население“.

Јасно беше дека Украина и Украинците се казнуваат за нивната „шарена револуција“, за соборувањето на прорускиот претседател Виктор Јанукович и за свртувањето на оваа поранешна советска република кон Западот, кон ЕУ и НАТО.

Казната сега е претворена во сериозна закана од воена инвазија.

После осум години, е покренато прашањето за „руската безбедност“ доколку Украина стане членка на Алијансата. Владимир Путин бара „правни гаранции“ дека Украина нема да биде дел од НАТО (и од ЕУ). Освен тоа, бара и земјите од Источна Европа, екс советски сателитски земји, да се „демилитаризираат“ и да бидат само формално во Алијансата. За нив Москва смета дека се „предворјето на Русија“, па затоа морало да бидат без никакво воено присуство на Алијансата.

Новата тревога што Западот ја подигна во изминатите седумдесетина часови, меѓутоа, е поради останувањето на Русите во Белорусија.

Грузиско сценарио?

Стравувањето е дека преку територијата на оваа северна украинска сосетка, на директна закана е изложен главниот град Киев кој би можел да се најде во ситуацијата на Тбилиоси во 2008 година, кога руската војска навлезе во Грузија, да ги „заштитува“ Русите во Јужна Осетија.

За да не падне главниот град, Грузијците ги прекинаа сите воени дејствија. Оваа грузиска провинција стана руска, а во грузискиот главен град, набргу потоа, беше тргнат Михаил Саакашвили кој имаше силни евро – атлантски аспирации.

Безбедносна проценка е дека од другата страна, од реонот на Донбас, руската војска брзо би можела да навлезе во Источна Украина, со што. практично, би ја запоседнала целата таа украинска територија – за да се обезбеди слободен, директен и отворен коридор од Русија кон Крим.

Затоа се верува дека Украина и понатаму останува под опсада од сите страни и под силен психолошки притисок за деморализирање на Украинците, за да полесно и побезболно падне „режимот на Зеленски“. Воени експерти во Европа, пак, сметаат дека Москва бара изговор за напад.

Изговор за напад

Тој се бара таму каде веќе осум години се пука – во бунтовничките региони. Се создава атмосфера дека Украинците, „секој час може да извршат напад за да го вратат под своја контрола Донбас“, па почнаа да се лиферуваат слики и да се емитуваат изјави на водачите на бунтовнците дека властите во Киев „веќе започнале со офанзивата“ па дека од Луганск и Донецк се евакуира населението.

Брзо се запре со тие пропагандни слики кога Си – Ен – Ен и британското Би – Би – Си многу брзо открија дека целата приказна е монтирана. Изјавите за божемната „паника и ужасот“ на кои е изложено локалното население во Донбас, што беше прикажана на 18 февруари и требаше да биде за ситуацијата од тој ден, всушност, е правена два дена порано и само за да послужи како дезинформација.

Згора на се, репортери кои се на теренот во отцепените региони, или биле таму до пред некој ден, откриваат дека целата таа област е, практично, празна и ненаселена. Има повеќе војници и луѓе со оружје отколку цивили, затоа што мнозинството или е побегнато уште во 2014 година, во Украина, или во Русија, или пак, луѓето веќе се евакуирани.

Војна или дипломатија

Излегува дека нема кого – забрзано да се евакуира – освен да се тргнат со неколку автобуси оние кои – од кој знае која причина – се уште се во деловите кои може да се најдат под вкрстен оган.

На Истокот, затоа, нема ништо ново.

И понатаму се очекува да „пукне“ додека и натаму се зборува за „потребата од дипломатско решение“. Исто така, впечаток е дека зад сцената се преговара и (веројатно) се прави некаков пазар, од кој засега, не се знае што би можело да произлезе. Целта би требало да биде – да нема воено судирање во Источна Европа, но и да не се дозволи продавање на украинската независност и нејзиното суверено право на избор – со кого и до кој степен земјата ќе прави сојузи.

Во Киев велат дека поддршката кон членството во НАТО сега е уште поголема, затоа што луѓето гледаат дека на земјата и треба надворешна безбедносна поддршка – барем додека Владимир Путин е на власт, а тој ќе биде уште долго. На Западот, пак, повторуваат дека лекцијата од 2014 година е научена и овој пат, во случај на руска воена интервенција, одговорот ќе биде жесток – што тоа и да значи.

(С.М.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе