Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Турција ги затвори Босфор и Дарданелите

Atakan Divitlioglu/Depositphotos.com

Турција ги затвори Босфор и Дарданелите

Турција соопшти дека го затвора минувањето на воени бродови во Црно Море преку Босфорот и Дарданелите од „воинствени земји“, применувајќи ја на тој начин 86 години старата меѓународна конвенција,  според која земјата има такво право.

Во специјална изјава на турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу се вели дека ваквото решение се однесува како на државите кои не излегуваат на Црно Море, така и на оние кои излегуваат, а тоа се покрај Турција и две други земји – членки на НАТО (Бугарија и Романија), како и Украина и Русија.

Конвенција од Монтре од 1936 година

„Ги предупредивме сите земји да не ги упатуваат своите воени бродови кон Црно Море. Ги применуваме одредбите од конвенцијата од Монтре, која на владата во Анкара и има дадено право да управува со овие два, тесни морски премини” – има речено Чавушоглу.

Станува збор за морскиот пат кој овозможува, бродовите од Медитеранот и Егејското Море, преку Мраморното Море и двата премини, да влезат во водите на Црно Море.

Одредбите од конвенцијата од 1936 година, Турција има право да го забрани користењето на Босфорот и Даранелите, во текот на војна.

Украина уште од порано, кога започнаа руските „поморски вежби“, а особено, откако Русија ја започна инвазијата, бараше од турската влада да ја примени конвенцијата, за да го забрани пристапот на руските бродови што сега се надвор од Црно Море.

Конвенцијата, меѓутоа, предвидува дека Турција може да „прави исклучоци“ за минувањето на бродовите на кои матичните пристаништа им се на брегот од Црно Море. Се дознава дека матични пристаништа на некои од руските воени бродови кои се во Медитеранот, се на црноморскиот брег, па тоа предизвика конфузија околу одлуката на турската влада и за тоа како таа ќе се применува.

Односи и со двете земји

Турција на почетокот на кризата, кога Русија само натрупуваше војска до украинската граница, настојуваше да остане неутрална, колку што тоа беше можно, иако земјата е членка на НАТО уште од 1952 година. Но, кога Русите ја започнаа инвазијата, владата во Анкара ја осуди агресијата врз Украина.

Сепак, впечаток, е дека претседателот Реџеп Таип Ердоган настојува да ги одржи своите блиски врски со Украина, но притоа, да не ги поремети своите врски со Русија која е важна за Турција во повеќе сектори. Објаснувањето е дека Анкара има добри односи и со двете земји кои и се соседи на Црно Море.

Ердоган има изградено добри односи со Путин, особено откако Турција иако членка на НАТО има купено руско оружје – ракетниот систем С – 300, за кој има платено милијарда евра. Во исто време, Русија и Турција се јавуваат како противници и на спротивставени страни во неколку воени и кризни жаришта – Сирија, пред се, но и во случајот на Нагорно Карабах и Ерменија, кога Ердоган и Турција имаат голем удел во воената победа на Азербејџан.

Осуда на руската агресија

Околу Украина и сегашната руска агресија, Турција се изјасни против признавањето на независноста на Донбас, а потоа и силно застана зад почитувањето на територијалниот интегритет на Украина.

Во случајот со одлуката за затворањето на Босфор и Дарданелите, таа доаѓа откако два дена пред тоа, Володомир Зеленски (како што тоа го прави се почесто во изминатите денови) се „истрча“ со изјава дека турската страна ја има донесено одлуката за морските премини. Но, тогаш, прво Москва демантираше, опишувајќи ја изјавата од Киев како „лажна“, а потоа и Анкара соопшти дека таква одлука – нема.

Сега, кога одлуката – каква и да е – е донесена, станува јасно дека Ердоган и Турција потврдија оти за нив Украина е, исто така, мошне важна, особено што нивните билатерални односи постојано се унапредуваат и се збогатуваат. Најмногу во економијата, што за турскиот претседател е многу важно, поради економската криза, стагнацијата и драстичниот пад на лирата.

Турција најголем инвеститор

За време на неодамнешната средба на Зеленски и Ердоган во Киев, беше договорена економската размена од сегашните седум милијарди евра, да се зголеми на десет, на годишно ниво.

Освен тоа, Турција е земја која минатата година има вложено најмногу инвестиции во украинската економија. Тоа, само покажува, зашто официјална Анкара е внимателен кон војната во Украина, иако, ако се суди по соопштението на министерот Чавушоглу, таа веќе се има определено.

Украинската страна од почетокот сметаше на турската поддршка, па Зеленски откако одби преговорите со Русија, за прекин на огнот, да се водат во Минск, предложи Турција, или можеби Азербејџан да бидат посредници и да ги организираат преговорите. Ердоган од порано и самиот се понуди да биде посредник.

(А.Т.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе