Мајдан почна со барањето за ЕУ
Во очајничките настојувања на Володомир Зеленски да ја сочува земјата од целосното распарчување и од понижувачкиот пораз, што настојува да го изведе руската солдатеска, за да се задоволат фрустрациите на Владимир Путин, украинскиот претседател, официјално побара од Европа – неговата земја, по забрзана постапка да стане членка од ЕУ.
Осум источноевропски земји на Унијата (Полска, Чешка, Словачка, Словенија, трите Балтички држави, како и Бугарија) самите поднесоа таков предлог, со една заедничка изјава. Романија, пак, одделно, од другите, освен за Украина, прием во ЕУ побара и за Молдавија и за Грузија – две поранешни советски републики кои Путин веќе ги има распарчено, како што тоа и го има направено на Украина.
Молдавската територија со окупацијата на источниот дел на земјата – Придњестровје, уште од 1991 година, од кога, без никаков меѓународен мандат, Русите 30 години се на туѓа територија, а Грузија – со насила, со руска помош, отцепените Абхазија и Јужна Осетија, што Москва уште во 2008 година ги има признаено за независни држави.
„Прашањето не е на дневен ред“
Во случајот со Украина, европскиот Парламент во Стразбур, со големо мнозинство гласови, усвои резолуција со која бара од Европската комисија во Брисел да и се додели кандидатски статус на земјата која, во овој момент се наоѓа во ситуација, да не се знае што ќе биде со неа во следните денови.
Меѓутоа, уште претходно, европскиот „шеф на дипломатијата“ Јосеп Борел, дискретно, порача дека ова прашање за украинскиот статус во Унијата, не е на дневен ред, затоа што сега има други работи што треба да се решаваат за да се спасува Украина. Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, пак, само потсети дека ЕУ и Украина, од порано имаат спогодба за пристап на земјата на заедничкиот европски пазар.
Оваа куса изјава на Дер Лајен е многу повеќе од обично реагирање на украинското барање, затоа што, практично, укажува на тоа од каде тргна кризата на Истокот, рускиот гнев и бесот на Путин, поради двата (политички) порази што ги има доживеано во Киев, низ тамошните две револуции, за што сега сурово им се одмаздува на Украина и на Украинците.
Две украински револуции
И двете се случија на киевски Мајдан (Плоштадот на независноста) – првата во 2004, позната како „Портокаловата револуција“, а втората десет години подоцна, кога Украинците го соборија од власт про – рускиот претседател Виктор Јанукович.
Протестите избувнаа откако тој одби да го потпише веќе постигнатиот договор за трговска соработка на Украина и ЕУ, што заеднички беше подготвен меѓу Брисел и тогашната, проруска украинска влада. Москва уште во текот на преговорите, беше против и настојуваше да спречи да дојде до договор, тврдејќи дека тоа е на штета на руските ЕКОНОМСКИ интереси.
Немаше ништо за членството на земјата во Унијата. Немаше ниту барање на Киев за влез во ЕУ. Уште помалку никој не зборуваше за НАТО и за членството во оваа Алијанса. Кога Москва не успеа да ја разувери владата, да не прави договор со Брисел, затоа што има договор со Москва, во Кремљ побараа од Јанукович да не го потпише договорот, што тој тоа и го направи.
Тогаш, на Мајдан почнаа протестите на „шарената револуција“ на кои се бараше свртување на земјата кон Европа, истакнувајќи ги европеизацијата и интегрирањето во ЕУ, како нови стратешки цели на земјата.
Бегството на Јанукович
Кога во една валкана операција на (велат) руски специјалци, преоблечени во украински униформи, беа нападнати демонстрантите кои од Мајдан направија свој „логор“, при што беа убиени околу 100 лица, гневот на јавноста експлодира, а Јанукович на почетокот од 2014 година, мораше да побегне во Москва.
Луѓето бараа, покрај постоечките економски договори со Русија, земјата да има договор и со ЕУ.
Не им дозволија, затоа што Москва сакаше преку економијата, да продолжи силно да се меша во украинските работи и да го има Киев и натаму под контрола. Новата проевропска влада, веднаш ги истакна барањата на „шарените“ за една поинаква Украина, свртена кон Западот, а Владимир Путин, кој уште еднаш доживеа да биде поразен од Украинците, одлучи сурово да им се одмазди.
Неполни три месеци по падот на Јанукович, без никакво НАТО и без никакво оправдување за некаква „западна, натовска закана“ за руската безбедност, Путин ги испрати своите специјални единици да навлезат на Крим. Без испукан куршум, тие го окупираа полуостровот, на шок на новата власт во Киев и на збунетиот Запад. Во својата одмаздничка операција, Кремљ изведе и фалсификат „референдум“, го анектира Крим и им раздели на тамошните луѓе, веќе подготвени, 700 илјади руски пасоши.
Русија ја казнува Украина
Еден месец подоцна, во Донецк и во Луганск, Москва поттикна анти – украински бунт, пружајќи им на локалните Руси и на платеници и „доброволци“ од Русија, секаква воена, политичка и економска помош.
Изговорот на Путин беше дека локалното население “не сака да ја прифати политиката на владата во Киев, за свртување кон Запад, затоа што сакале да останат блиски со Русија“.
Тогаш, во пролета 2014 година, за прв пат, во Москва се зборуваше за многу пошироки планови со Истокот на Украина.
За целосно заземање на областите Луганск и Донецк што сега се уште во поголем дел се водат како украинска територија и за обновата на некогашната царистичка губернија – Новоросија – што изгледа дека сега, во воениот налет на војската на Путин, ќе се ревитализираат плановите од времето на царот Николај Романов.
Лаги и дезинформации
Според тоа, растурањето на Украина и одмаздата на рускиот претседател, не се покренати поради наводните закани од НАТО и „лажните ветувања “ давани на Украинците од страна на Западот.
Таа лага силно ја шират русофилите низ Европа, платените агитатори на Москва, вклучувајќи ги и оние на Западен Балкан (и во Македонија), како и тајната служба ГРУ која е задолжена за ширење лаги и дезинформации.
Киевски Мајдан и барањето независна и демократска Украина тргна само од еден трговски договор на Киев и ЕУ, постигнат во есента 2013 година, што Путин не дозволи да стапи во сила.
Во такви услови, истакнатите АМБИЦИИ за влез во ЕУ и за приклучување во НАТО (за што нема ниту формално украинско барање), се појавија подоцна, во текот на окупацијата на Крим и на Донбас, кога веќе стана јасно дека Украина не може да остане како држава се додека Путин е во Кремљ.
Во Киев сфатија дека во Москва, повеќе немаат пријател, па дека затоа не може да соработуваат како порано.
Излегува, така, дека токму Владимир Путин, со својата арогантна, старо – советска политика за доминација, најмногу придонесе за свртувањето на Украина кон Западот, кон евро – атланските интеграции, иако за ниту една од нив, Киев досега ниту брзаше, а ниту покажуваше преголеми аспирации.
Путин ги поттикнува промените
Тврдоглаво подржувајќи го Јанукович, пред осум години, а сега сурово и безмилосно нафрлајќи се врз украинската територија – за да биде целосно воено, економски и територијално обезглавена, Кремљ само го покрена свртувањето на Украинците против Москва.
Со својата погрешна политика, Русија помогна некогашните 50:50 поделени Украинци, околу определувањето меѓу Истокот и Западот, да прерасене во 70:30 за историско свртување на земјата. И, тоа без мешање на Американците, на НАТО, ЕУ, на целиот Запад.
Кога во 2019 година, Парламентот во Киев гласаше за внесување на стратегијата за влез во НАТО во украинскиот Устав, 345 пратеници од 450 гласаа „за“. Тоа само покажува дека „случајот Украина“ не е толку геополитичко прашање, кое покренува и гео – политички проблеми, околу идните безбедносни разместувања во Европа, како што некои сакаат да го прикажат.
Путин и Кремљ покажаа – сега и низ инвазијата уште повеќе – дека во основа станува збор за „внатрешен проблем“ на Русија. Едноставно, не може да го проголта сознанието за постоењето на една независна Украина. Владимир Владимирович тоа го потврди со својата гневна, хистерична анти – украинска тирада.
На референдумот 1991 година, меѓутоа, над 90 отсто Украинци беа за независна Украина. Над 55 отсто од населението на Крим, тогаш се определија за независност од Русија.
(С.С.Г.)