Поврзете се со нас

Skopje Global

Бизнис Глобал

Сбербанка целосно се повлече од Европа

chrisdorney/Depositphotos.com

Сбербанка целосно се повлече од Европа

Една од водечките руски банки – Сбербанка – објави дека се повлекува од финансискиот пазар во Европа, откако тешко беше погодена со максимално острите санкции, што беа воведени по руската инвазија врз Украина.

Во официјалното соопштение за ваквата одлука се признава дека банката морала да преземе еден ваков чекор, објаснувајќи го тоа со – “моменталната ситуација“. Но, главната причина за заминувањето е „нерешливата состојба поврзана со ненормалниот одлив на парите и поради заканата за безбедноста на вработените“.

Според сопственото признание, кое и онака не можеше да се сокрива, затоа што финансиските експерти веќе го имаат воочено – Сбербанка не може повеќе да им обезбедува ликвидност на своите филијали низ Европа.

Банкротирање на главната филијала

Банката, која во Русија е позната и како „Путинова банка“, без разлика што нема сознанија дека рускиот претседател, на некој начин, директно е поврзан со нејзината сопственост, беше присутна во осум европски земји. Шест од нив – поранешни комунистички и социјалистички држави од Источна и Средна Европа и Балканот – Унгарија, Чешка, Словенија, Хрватска, Србија и БиХ, како и две западноевропски – Австрија и Германија.

Во соопштението на банката се инсистира дека (во моментот на повлекувањето) европските филијали на Сбербанка „имаат високо ниво на капитал и располагаат со солиден имот“, како и тоа дека средствата на нејзините клиенти се безбедни и се во склад со законите на секоја од земјите каде се наоѓаат филијалите.

Во меѓувреме, банкарскиот регулатор на ЕУ соопшти дека ќе биде покрената постапка за банкрот на главната филијала на оваа руска банка во Европа.

Станува збор за – Sberbank Europe AG – со седиште во Австрија, во која во моментот има четири илјади вработени. Главната филијала на банката, мошне брзо, ќе се соочи со постапка за несолвентност (неспособност за исплатување) на австрискиот финансиски пазар.

Паника меѓу штедачите

Во сите четири балкански земји, републики на поранешна Југославија, каде руската банка се има сместено, меѓутоа, уште веднаш по започнувањето на инвазијата врз Украина, настана панично извлекување на заштедите на граѓаните и на депозитите на разни фирми.

Владите во Љубљана, Загреб, Белград и Сараево се најдоа во ситуација да исправаат туѓи гревови и да се обидат да спречат финансиска криза која би можела да ги погоди и другите локални банки. Според медиумски информации – секоја од овие земји беше со дилемата – дали Сбербанката на нивна територија да се санира, или да се банкротира – со цел да се спречи паниката во јавноста и да се сочуваат девизните заштеди, што ќе требаше да ги покрива секоја од државите.

Решението кое сите четири земји го имаат прифатено – секоја за себе – беше нивната Спербанка да се „вдоми кај некоја друга банка“ – со продавање, или со спојување. Во Словенија, руската банка стана дел од НЛБ (Нова Љубљанска банка), во Хрватска се припои кон тамошната Поштенска банка, а во Србија, стана сопственост на локалната АИК банка.

Чистење од минатото

Останува понатаму, во новите средини, Сбербанка да се „исчисти“ од своето минато, кога според безбедносни експерти, им служеше на политичките и геостратешките цели на Кремљ. Се верува дека токму затоа таа беше присутна на Балканот и кај некогашниот комунистички Исток.

Преку филијалите на оваа банка се префрлани пари – зајмови, кредити или грантови на партии и лидери на европската ултра – десница, на разни популистички и националистички партии на Западот од Европа, за да се дестабилизира ЕУ.

Но, и на Балканот – за да се храни новото русофилство и за да се дестабилизираат младите демократии – посебно оние кои настојуваат да влезат во ЕУ/НАТО – како стратегија на официјална Москва.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Бизнис Глобал

Горе