Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Русија војува за целосна контрола врз Украина

Русија војува за целосна контрола врз Украина

Францускиот претседател Емануел Макрон продолжува да ја одржува врската со Владимир Путин, како актуелен претседавач со ЕУ и како единствениот западен државник кој разговара со другата страна, во обидот да се прекине војната и да се изнајде дипломатско решение за кризата која се одржува со месеци, а која добива драматични размери, откако на 24 февруари рускиот претседател нареди инвазија врз Украина.

Меѓутоа, по последниот таков разговор на Макрон, со Путин, се покажа дека работите не само што не одат на добро и кон смирување, туку според соопштението на Елисејската палата, излегува дека најлошото дури допрва треба да се случи!

Путин на Макрон му соопштил дека целта поради која Русија покрена војна во Европа, е воспоставување целосна контрола врз Украина – било со дипломатски, било со воени средства.

Покорување на Украинците

Тоа, практично, значи дека војната што Кремљ ја покрена со лажни и измислени обвинувања, сепак, се води за да се покори Украина, за да се тргне од власт сегашното легално и демократски избрано државно раководство во Киев и за да се стави (одново) под целосна и директна контрола на Москва.

Таквата, нескриено изразена суровост, само ги потврдува „најцрните“ сценарија од пред почетокот на агресијата.

Тогаш се сметаше дека Москва (ако покрене инвазија) нема тоа да го направи за да ги има Крим и Донбас, целосно за себе, туку за да се запоседне украинската територија, во обем што само Путин би го дозволил. И, тоа во зависност дали Украинците ќе го продолжат својот отпор, бранејќи ја земјата од непријателот, борејќи се таа да не биде окупирана и расцепена.

Што ќе рече – целиот источен дел на она што е денеска државна територија на Украина, да биде грабнат и анектиран од Русија, додека западниот дел, ако и тој воопшто би останал – да биде некаква „нова “ Украина. Само проруска, во секој случај.

„Нема попуштање и повлекување“

Според француски дипломатски извори, Путин на Макрон му рекол дека „операцијата“ – како што тој и неговиот министер Лавров ја нарекуваат инвазијата – засега оди според планот (на Кремљ), без разлика на жртвите на руските војници.

Затоа, војната ЌЕ ПРОДОЛЖИ БЕЗ БИЛО КАКВО ПОПУШТАЊЕ И ПОВЛЕКУВАЊЕ – се додека не ја постигнала основната цел. А, таа веќе од порано е позната – целосна капитулација на Украина и политички елиминација на Киев.

Ваквата реторика го открива вистинското лице на 69 годишниот доживотен претседател на Русија, за тоа каков човек се наоѓа на челото од оваа држава 22 години.

Но, воени експерти тврдат дека грубата реторика открива и колку Путин е гневен. Пред се, поради неочекуваниот жесток отпор на украинската војска и поради неочекувано прикажаната одважност и храброст на актерот – претседател Зеленски кој не дозволува Москва да се вшета на украинската територија, како да е на воена вежба, налик на руската воена интервенција во Грузија во 2008 година. Имајќи ја притоа – засега – и поддршката на Украинците.

Недопирлив за дипломатија

Станува збор за оние луѓе кои не прифаќаат дека тие и Русите се „еден народ“, дека „Украина е Русија“ и дека земјата ја водат „наркомани, криминалци и нео – нацисти“. Овие луѓе, исто така, се гневни затоа што гледаат како „братските “Руси им ја уништуваат земјата.

Затоа, тие не прифаќаат да капитулираат, како што Путин и неговите очекуваа, ниту да се предадат и да се согласат Украина да стане една од сателитските држави. За да Путин го возобнови поранешниот Советски Сојуз и на тој начин – на стари години – ги залечи фрустрациите што си ги има создадено од пред повеќе од 30 години, кога се распаднал СССР.

Во текот на последниот видео разговор, според информациите од Париз, Макрон му возвратил на рускиот претседател дека со ваквите постапки и однесувањето – едноставно, се лаже себе си. Уште еднаш го има потсетено дека (и да ја добие војната и да ги постигне целите), Русија после тоа ќе остане изолирана и под долготрајни санкции.

Разочарувањето на француската страна, меѓутоа, е во тоа што Путин е недопирлив за некакво дипломатско решение. Тој е решен да оди до крајот, затоа што и според соопштението за разговорите Макрон/Путин од страна на Кремљ, руската страна е уверена дека „воените цели ќе бидат исполнети“.

Војна за покривање на грешките

Путин, Лавров и официјална Москва и натаму продолжуваат да ги бранат своите „аргументи“ и лажните обвинувања кон Киев, меѓу кои останува апсурдното путиново тврдење дека Русија (во Украина) се борела – против неонацизмот.

Очигледно е дека во Кремљ ништо не се менува. Кога со ваква дисквалификација за една демократска власт – за разлика од таа во Русија – треба да се дискредитира Киев, во денешна Европа, тогаш уште појасно станува колку од ракав се вадат сите „аргументи“ и оправдувања за инвазијата и за војната, на кои Москва бара Европа да им верува.

Во суштина, во тек е уништувањето на една земја за да Кремљ не доживее пораз – не толку војнички, колку политички – и за да може да се одмазди за двата порази со двете украински револуции. Тоа треба да се покрие со наводната закана за безбедноста на Русија, иако никој не сака да војува со неа. Па, се продолжува со барањето – за украинско демилитаризирање и за воена неутралност кое – ако беше искрено и вистинско – Москва можеше да го истурка и низ серија преговори на Русија со Европа и со САД.

Во меѓувреме, Володмир Зеленски го повика Владимир Путин на директни разговори, за да се стави крај на војната. Условот е разговорот да не се води на масата на која ги услужуваше Макрон и Шолц.

(П.Ф.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе