Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

И Русите бегаат на Запад

yanosh_nemesh/Depositphotos.com

И Русите бегаат на Запад

Главниот патнички премин на финско – руската граница, оддалечен на 200 км од Хелсинки е преполн со автобуси, комби возила и автомобили. Луѓето од разна возраст, но најмногу помлади и млади луѓе, трпеливо чекаат да влезат од Русија во Финска. Тоа, меѓутоа, не се Украинци кои бегаат од земјата изложена на силната руска агресија, туку Руси кои бегаат од својата земја – на Запад.

Европските медиуми кои се на граничниот премин пишуваат дека таму нема наплив од бегалци и луѓе како што има на границите на Украина спрема Полска, Романија или Молдавија, но дека ваквиот силно зголемен проток на луѓе е постојан и се зголемува.

Бегство од вонредната состојба

Според признанието на луѓето кои бегаат, тие ја напуштаат Русија поради стравот од војната, затоа што се плашат од можноста претседателот Владимир Путин да воведе воена, или вонредна состојба во земјата, да ја суспендира демократијата, која и онака таму ја има малку, па државата да се управува само според воените закони и правила.

Има и многу млади кои бегаат за да не бидат мобилизирани и пратени во војната против Украина, што тие не ја сакаат и се противат.

Откако сите меѓународни летови се откажани, а најголемата руска авио – компанија „Аерофлот“, практично, е приземјена, единствената можност да се напушти Русија е да се замине со автомобил, во соседна Финска или си воз, што Русите од реонот на Санкт Петерсбург го користат.

Во разговор за Би – Би – Си некои бегалци – младите пред се – изјавувале дека не сакаат да живеат во услови на страв, на неизвесност, на војна со Украинците и на вонредна состојба. Овие луѓе веруваат дека вонредна состојба ќе се воведе за да се спречат анти – воените протести кои изминатата недела беа засилена, а реакцијата на власта беше побрутална и заканувачка.

Страв од репресијата во Русија

Путин, навистина, има изјавено дека нема да има вонредна состојба, но изгледа дека нему не му веруваат ни во неговата земја, откако претходно уверуваше дека само „вежба“ со двеста илјадната армија на украинската граница, како и дека нема да има инвазија и дека нема намера да ја окупира Украина, па потоа покрена брутална војна и се фали дека војната ќе трае додека целосно не ја покори – целата земја.

Соговорниците на западните медиуми рекле дека стравуваат за вкупната ситуација. Според признанија, тие за прв пат може да ја почувствуваат војната, која за прв пат е толку блиска до нив, најмногу низ санкциите кои сега се посилни и поголеми од било кога досега.

Тврдат дека голем дел од младите не ја сакаат војната и не сакаат да војуваат, но знаат дека не може тоа гласно да го изразат на протести, бидејќи би ризикувале да завршат во затвор доколку му се спротивстават на Путин.

Меѓу оние кои бегаат има такви веќе имаат виза на некоја од земјите на ЕУ, а за таквите, велат, дека се вистински среќници, а сите кои прифатиле да разговараат, не откривајќи го идентитетот, изјавуваат дека нема да се вратат дома додека “не се средат работите“, а има и такви кои признаваат дека нема враќање додека власта во Русија е таква, каква што е сега.

Финците сакаат во НАТО

На финската страна која не ги сокрива своите симпатии за Украинците (Финска еднаш во не така далечното минато, беше изложена на инвазија од тогаш СССР, во времето на Сталин), затоа што иако не се членка на НАТО, силно ја подржуваат украинската независност и ја осудуваат Русија за агресијата, луѓето и властите имаат симпатии и за Русите кои сега бегаат од својата земја.

Според најновите истражувања – забрзано расте бројот на Финците кои сакаат нивната земја да стане членка на НАТО, за да ја има можноста од колективна заштита, што членството во Алијансата го нуди и го овозможува. Луѓето во оваа земја беа против влегувањето во оваа политичко – безбедносна организација, но сега, по инвазијата врз Украина, забрзано го менуваат своето мислење.

Наплив на Руси има и на железничката станица во Хелсинки, а возот од Санкт Петерсбург е секогаш преполн. Велат дека во вториот по големина град во Русија не може да се најде место, дека сите карти се распродадени, а дека на „црно“ нивната цена е неколкупати повисока.

Пад на рубљата и економијата

Сето ова се случува во време кога внатрешната ситуација во Русија забрзано се влошува.

Рубљата ја има преполовено својата вредност, а домашната економија се соочува со санкциите и со заминувањето на западните компании. Во Москва сега се прават очајнички напори да се задржат странските банки и да се спречи и нивното заминување.

Самите Руси веруваат дека голем удар врз режимот би можело да биде блокирањето на богатството на олигарсите, или нивното свртување против војната, а тоа значи и против Путин.

Се смета дека потегот на големата нафтена компанија Лукоил, која веќе се огласи против војната и побара запирање на инвазијата, може да биде начин како да се запре воинствениот Владимир Путин. Изгледа дека рускиот претседател сега го бранат и го подржуваат само неговите сателити, сместени во земјите во Европа и на Западен Балкан, каде луѓето лесно се купуваат и се продаваат.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе