Поврзете се со нас

Skopje Global

Екстра Глобал

Украинска потерница за Михалков

Kremlin.ru, Vladimir Putin at award ceremonies (2015-12-10) 12, CC BY 4.0

Украинска потерница за Михалков

Рускиот филмски режисер Никита Михалков се најде на потерница што ја покренаа правосудните власти на Украина, обвинет дека го повредил територијалниот интегритет на државата.

Во официјалната изјава на државната обвинителка Ирина Венедиктова, се вели дека потерницата по режисерот Михалков е меѓународна и тоа значи дека секаде каде тој ќе се појави, надвор од Русија, може да биде притворен.

Според украинските власти, Никита Михалков се најде на ваквата листа, затоа што има изјавено дека „независноста на Луганск и Донецк е единственото исправно решение“ (за кризата и војната што ја предизвика Русија).

Претходно, Михалков има речено дека „Украина, но и Белорусија се делови на идеална Русија“.

Овој некогашен Оскаровец (добитник на Оскар за најдобар странски филм) од либерален синеаст и интелектуалец на пост – комунистичка Русија се има претворено во руски националист и во гласноговрник на Кремљ и пред се, на Владимир Путин.

Михалков влезе во политиката како пратеник на владејачката путинова партија Обединета Русија, па затоа и не чуди што за настаните во Украина, за руската инвазија и за анексијата на источните украински региони зборува онака како што тоа го прави и рускиот претседател кој настојува да ја оправда својата агресија врз соседната земја – дискредитирајќи ги украинските власти.

Путин продолжува да зборува за „режимот во Киев“, а мирот го условува со капитулацијата на Украина, обвинувајќи ја нејзината легално избрана власт дека е „милитантна и заканувачка кон Русија и нацистичка“, само затоа што не сака да биде покорена од Москва.

Михалков во реакцијата на потерницата, за руската државна агенција ТАСС има изјавено дека „ставањето на еден уметник на меѓународна потерница наликува на времето на нацизмот во Германија, пред започнувањето на Втората светска војна“.

Овој режисер – политичар токму во деновите кога Украинците го ставија на потерница, затоа што отворено присвојува туѓа територија, за што се војува, што значи дека ја одобрува инвазијата врз Украина, требаше да престојува во Белград. Самиот ја има откажано посетата поради „новонастанатата ситуација“.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Екстра Глобал

Горе