Поврзете се со нас

Skopje Global

Едиторијал

Непријатели и пријатели

bigdan/Depositphotos.com

Непријатели и пријатели

Владата на Русија (на барање на Владимир Путин) објави список на државите и териториите кои според Москва “преземаат непријателски акции против Русија, против нејзините граѓани и компании“.

На списокот на „непријателите“ се сите земји – членки на ЕУ, потоа САД и Канада, па Британија, Австралија, Јапонија, Јужна Кореја и Нов Зеланд, како и уште десетина други, вклучувајќи ги и Микронезија во Пацификот, или островите Џерси и Гернси во Ламанш кои имаат целосна самоуправа, но се само територии под британската круна. И, Украина, секако – затоа што се спротивставува на окупацијата.

Од реонот на екс Југославија и она што сега се нарекува Западен Балкан, меѓу „непријателските земји“ се сместени сите поранешни ЈУ републики и Албанија. Исклучок се само БиХ, поради врзаноста со Русија на српската енклава Република Српска и на нејзиниот „газда“ Милорад Додик, како и Република Србија.

Македонија меѓу „непријателите“

Меѓу државите  „непријатели“ се наоѓа и Република Северна Македонија, а Москва не е свесна колкава голема чест и прави со таквото класифицирање. Ја сместува државата меѓу земјите од демократскиот, слободен свет. Меѓу земјите од ЕУ на кои сака да им се приклучи. Заедно со САД и Британија кои одамна се македонски стратешки партнери – земји кои сега и се сојузници во НАТО.

Или, едноставно, Македонија е меѓу слободарските демократии кои не може да прифатат грубо газење на меѓународните норми и повелби – да се нападне без никаков повод, една суверена, независна земја, само затоа што не сака да прифати да стане сателит на Русија.

Сите овие земји, прогласени за руски “непријатели“ – не прифаќаат анексија на туѓи територии. Не прифаќаат дека едностраното прогласување независни држави од украинските источни региони претставува „право“ на Москва – како свршен чин. Сега уште и ултимативен услов за прекинување на војната.

Затоа, Македонија се има приклучено кон остатокот на Европа. Затоа што, осудувајќи ја руската инвазија врз Украина, го осудува „правото“ да се нападне и покори суверена земја со редица измислени причини, бидејќи на тој начин се брани и себе си од една таква потенцијално можна агресија.

Во манирот на Минхен 1938

Во секој случај, сите се бранат од повторувањето на една нова (иста, или слична) европска војна, како онаа од пред 83 години. Се почна во 1938 година, во Минхен со големата измама на германскиот нацистички лидер околу измислениот проблем за Судетската област, а продолжи со окупација на една земја (тогашна Чехословачка) и со неиспровоциран напад врз Полска – за да се претвори во глобална војна.

А, му се допаѓало тоа некому, или не, украинската трагедија од 24 февруари започна во истиот манир – со лажни обвинувања, со барање ревизија на меѓународни договори и со провокации.

Овој пат дека (наводно) Русија е изложена на закана и со лажните приказни за спремноста за водење преговори за мирно решение (А, ла Минхен), додека во исто време, Москва веќе имала детално разработен план за инвазија и за војна.

Тоа се оправданите македонски стравувања кои се и балкански и европски. Разбирливо е што во такви услови, владата во Скопје застана на вистинската страна (не ни можеше на друга како членка на НАТО) и се приклучи  во воведувањето санкции кон Русија.

Подалечна и поблиска историја

Зашто тогаш Македонија е третирана како непријател на Русија. Веројатно затоа што не подржува воени решенија, наместо дипломатски и затоа што не ја брани инвазијата врз Украина, како наводно „исправна и оправдана операција“.

Конечно, бидејќи се спротивставува на намерата – Украина да биде територијално распарталена и практично окупирана, со власт која ќе ги задоволува руските империјални планови, а не украинските определби.

Но, во целата оваа приказна за непријателите и пријателите – мора да се отвори и прашањето – кој кому му е непријател – и зошто.

Зашто Македонија е непријател на Русија, кога (да не се правиме заборавни) токму Москва се има поставено непријателски кон Македонија и кон нејзиниот народ.  Паметиме дека руската страна, низ историјата – подалечна и поблиска – редовно била на страната на оние кои на Македонија не и мислеле добро. Не паметиме кога таа биле на македонска страна.

Од Сан Стефано до Брежњев

Уште од времето на неславната руска творба, наречена „Санстефанска Бугарија“, во втората половина на 19 век, врз чии корени се потпира бугарскиот национализам и претензиите кон македонската територија, Русија на Македонија гледа само како на „парче земја кое и служи за поткупување “ на новосоздадените балкански држави.

Во време на комунизмот и брежњевизмот, Македонија и нејзината историја (тогаш како република во екс ЈУ) се користеа за пресметка со наводниот ревизионизам на југословенските комунисти.

Во 1968 година, на пример, по советската инвазија врз Чехословачка, што Југославија ја осуди, давајќи им поддршка на Чехословаците во уредувањето кај себе  либерален социјализам, наспроти советскиот комунизам, Бугарија доби задача да го отвори „македонското прашање“. И тоа се случи.

Бугарската академија на науките тогаш го издаде својот историски памфлет “За македоното прашање“ – прогласувајќи се што може од историјата на Македонија за бугарско. Секако, со целосно негирање на постоењето на македонската нација, како посебна словенска нација и на македонскиот јазик.

Пазарлаците на Елцин

Во годините по распадот на Југославија и СССР, во лудите години на Слободан Милошевиќ и неговите амбиции да прави нова “голема Србија“, посткомунистичка Москва воопшто не брзаше да ја признае независна Македонија. Не сакаше да си ги расипе односите со Србија и со Милошевиќ, кого руската страна го избра за свој човек во новото разместување на силите во Југоисточна Европа и на Балканот.

Според признание на поранешниот бугарски претседател Жељу Желев, тој во Москва има барано од Борис Елцин да ја признае македонската независност, што е можно побрзо, за да не случи Милошевиќ да ја подели (тогаш меѓународно непризната екс Ју република) со Грција. Како што, Белград од тоа време,  и има нудено на Атина еден таков договор.

Пријателите на Македонија, од светот на Западот кон кој таа се определи многу брзо, по прогласувањето на независноста, ги спречија сите вакви сценарија и закани.

Прво, за да нема некоја нова балканска војна и второ, за да не се случи македонската територија да се користи за руските пазарлаци со нејзините стари, историски сојузници на Балканот – во Софија и во Белград.

Путин ги менува работите

Како и да е, Скопје и Москва, сепак, можеа да бидат пријатели.

Македонската страна никогаш не се спротивставувала на тоа, особено што нејзината стратешка определба за ЕУ/НАТО не ја тангира Русија. Како дел од поранешна Југославија, Македонија никогаш не била во Варшавскиот пакт на СССР и неговите источноевропски сојузници, ниту ја има делено советската идеологија.

Работите се изменија кога 2000 година Владимир Путин стана претседател. Тој ги извади старите руски империјални карти за Балканот и посебно за земјите кои останаа надвор од ЕУ и НАТО од разни надворешни, но и внатрешни причини.

Тогаш полека стануваше јасно дека со путинова Москва тешко ќе се градат вистински, искрени пријателски односи.

Србија веќе стана базата за руското влијание во Западен Балкан, мешајќи се во внатрешните работи на регионот, позаборавен од ЕУ и Западот кои се заглавија со десетгодишната финансиска криза, но и со проблемите што почнаа да ги прават Источноевропејците, сега како дел од Унијата.

Руско непријателство

Меѓутоа, како непријателско треба да се оцени руското настојување да се дестабилизира Македонија.

Со правењето пуч за да се блокира „шарената револуција“, да се дискредитираат луѓето кои сакаа соборување на корумпираниот, криминален, антизападен и проруски вмровски режим, на еден деспот кој како осуденик побегна, пред да оди во затвор. Многу е веројатно дека во разузнавачкото друштво кое има работено на бегството, има и руски прсти и руски пари.

Според тоа, Македонија не е „непријател“ на Русија, туку е изложена на руското непријателство, кога беше тргнат прорускиот режим и деспотот – сојузник на Москва. Од него се бараше само да биде лојален на Русија. А, тоа значи – да се откаже од влегувањето во ЕУ/НАТО.

За тоа требаше да создава и одржува постојана криза во земјата, потпалувајќи го екстремниот македонски национализам со вмровската компанија. Подоцна, Русија и нејзините тајни служби работеа – и во Македонија и во Грција – за да не се постигне договорот од Преспа. Кога тоа не им успеа – Македонија стана „непријателска“ земја, а актерите на историското помирување на Балканот – како „предавници“ – беа тргнати од политичката сцена.

Во македонскиот случај – со помош и на домашните проруски сили – кои останаа доминантни во вмровската дружина и околу нив. На нив Москва и понатаму смета – како на своја „пета колона“.

(Спектатор)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Едиторијал

Горе