Поврзете се со нас

Skopje Global

Вести

Војна во знакот на симболот „Z”

Војна во знакот на симболот „Z”

Во текот на руското навлегување на украинската територија, бројните репортерски екипи открија дека на руските тенкови и оклопни транспортери – од позади, или од страна е испишан симболот „Z”, идентичен на латиничната буква – „З“.

Тоа веднаш го предизвика интересирањето – зашто на своите тенкови Русите го ставаат и овој знак, покрај нормалната воена ознака за идентификација. А, од таквото интересирање настана и прашањето дали станува збор само за ознака, за да руските тенкови се разликуваат од украинските, или пак ставањето латинична буква, на армиските возила, во земја каде се пишува со кирилското писмо – има и некое друго значење.

Порака за поддршка на војната

Европските медиуми почнаа да нафрлаат разни  теории околу појавувањето на буквата, за да на крајот заклучат дека – „дефинитивно станува збор за знак со порака“. И, тоа за поддршка на руските армиски сили и на руската војска во нејзиниот освојувачки поход на украинската територија.

Едноставно, како што забележуваат медиумите во Европа – станува збор за поддршка на војната која Русија и на наметна на соседна Украина.

Британскиот Би – Би – Си го отвори ова прашање откако стана јасно дека рускиот гимнастичар Иван Кулијак, најверојатно, ќе биде казнет од меѓународната гимнастичарска федерација (можеби и со одземање на медалот), затоа што на официјалниот дрес со кој се натпреварувал го имал овој симбол и на своите гради.

Со симболот на дресот се појавил и на подиумот при доделувањето на медалите на првенството во Катар, за освоеното трето место – стоејќи до победникот и носителот на златниот медал – гимнастичарот Иван Ковтун – од Украина.

„За победа“ и „Пат на Запад“

Телевизијата Скај Њуз од Лондон, пак, открива еден бизарен случај, од една детска болница од рускиот град Казан. Таму децата биле изведени во болничкиот двор, на снег, заедно со своите мајки, за да со своите тела ја формираат буквата „Z” и на тој начин, да ја покажат поддршката на инвазијата.

Претседателот на локалната хуманитарна организација, за борба со ракот, се пофалил дека ангажирал дрон, за да се направи фотографија од височина, која веднаш потоа ја ставил на интернет.

И двата британски медиуми настојуваат да утврдат што, навистина, се крие зад оваа латинична буква на руските тенкови и другите оклопни и транспортни воени возила. Според една варијанта – знакот значи „За победа“, а според една друга верзија – означува “Пат на Запад“.

Скај Њуз открива дека постојат толкувања оти овој знак, така како што е напишан со бела боја, има сличност со кукастиот крст – симболот што во Втората светска војна го има користено нацистичка Германија, па некои го нарекуваат како „путиновата свастика“.

Толкување на военото министерство

Тоа, сепак, е малку веројатно – самите Руси на тој начин да ја квалификуваат својата инвазија врз Украина, кога толку многу енергија трошат за да ја уверат и својата и меѓународната јавност дека агресијата – „била оправдана и потребна“.

Во „дебатата“ за тоа како да се толкува знакот и што значи „Z”, се има вклучено и рускиот весник Газета кој побарал објаснување од министерството за одбрана на Русија. Од таму на Газета и порачале дека во употреба биле две латинични букви и двете со определено значење – буквата „Z” и буквата „V”. Првиот симбол значи „За победа“, додека вториот „Сила во вистината“ и „Задачата ќе биде извршена“.

Меѓутоа, ниту ваквото службено толкување не ги има запрено разните верзии за значењето  на симболот, дури и околу тоа дали се појавува во квадрат, или е надвор од него. Има мислења дека тоа е знак за единиците кои учествувале во освојувањето на Крим, во март 2014 година.

Во меѓувреме, знакот се појавува и на автомобили, на маиците на Русите кои ја подржуваат инвазијата и на социјалните мрежи. Се верува дека тоа треба да биде одговор и контра – реакција на се посилните анти – воени протести во Москва и во другите руски градови.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Вести

Горе