Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Како Евгениј Лебедев стана британски лорд

JMWx25665r, Evgeny-Lebedev-1-GQ-2sep13 rex b 320x480 1, CC BY-SA 4.0

Како Евгениј Лебедев стана британски лорд

Британскиот премиер се соочува со силен притисок од лабуристичката опозиција и од лондонските медиуми да објасни- како и зошто Русинот Евгениј Лебедев, стана член на Горниот дом на британскиот Парламент и лорд.

Лебедев, чиј татко Александар е поранешен оперативец на КГБ е еден од руските милијардери кои префрлајќи дел од богатството во Британија, купувајќи имот и вложувајќи пари во британската економија, успеа да се инфилтрира во британското општество, но и во домашната политика.

Навлегувањето на Лебедеви почна уште со таткото кој сега како руски богаташ, создаден во времето на пост – комунизмот, се појави во Лондон и го купи стариот (од 19 век) весник „Ивнинг Стандард“ кој беше пред затворање. Внесувајќи во него многу пари, успеа да го врати во живот, како градско гласило – со две изданија – кое се делеша на лондонските улици и по аеродромите и железничките станици – бесплатно.

Блискост на Џонсон и Лебедев

Во тој бизнис се вклучи и синот Евгениј, кој го потисна таткото и многу брзо, преку парите и богатството, се најде во високото лондонско општество. Посебно кога почна да купува и друг, скап имот.

Од тогаш (2008 година) – времето кога Џонсон беше градоначалник на Лондон – почнува неговото познанство и блискоста со Лебедев. Од тогаш, весникот се сврте кон ториевската партија и кон градоначалникот, подржувајќи ги сите негови планови и иницијативи врзани за градот, промовирајќи ја на тој начин и амбицијата на Џонсон за лидер на британските конзервативци.

Војната во Украина и руската инвазија од 24 февруари, одново го покрена прашањето за блискоста на Џонсон со богатиот Русин.

Затоа, опозициските лабуристи побараа од Комисијата за именување членови на Горниот дом (мажите ја добиваат титулата лорд, а жените дама) – да го преразгледаат именувањето на Лебедев за избран член на домот и лорд, што би бил прв  таков случа досегај.

Во 2020 година, Џонсон ги има отфрлено како „злонамермни“ тогашните приговори за тоа – зошто од својот пријател направил лорд – со титулата „Барон Лебедев од Хемптон во Ричмонд на Темза и на Сибир во Руската федерација“.

Две лица на Русинот

Приговорите се појавија откако медиумите открија дека во април 2018 година, Џонсон бил на богатата журка во вилата на Лебедев во Италија, во времето кога беше министер за надворешни работи, не почитувајќи никакви безбедносни мерки и не давајќи потоа никаков извештај.

Сето тоа доаѓа по активностите на Лебедев на британската политичка сцена. Во 2016 година, Русинот, како близок пријател на Џонсон (но и на министерот Мајкл Гоув) има учествувано во „зацементирањето“ на ториевските позиции за Брегзит. Познато е дека Лебедев се има претворено во силен приврзаник и поддржувач на излегувањето на Британија од ЕУ.

А, тоа е и позиција на официјална Москва, која изминатите десетина години, во путиновите претседателски години, интензивно работи на дестабилизација на ЕУ и на демонтирање на европските интеграциски процеси, користејќи и подржувајќи ги европските ултра – десничари и разните пронацискички групи и партии, од Грција се до северот на Европа.

Мајкл Гоув, во својата реакција за „случајот Лебедев“ , го брани својот премиер, но се брани и себе си, уверувајќи дека „Џонсон добро знаел за кого станува збор“ – кога го предложил Русинот за член на Горниот дом на Вестминстер.

„Не сум безбедносен ризик“

„Лорд Лебедев е сосема јасен во својата позиција за војната (во Украина), преку текстовите и позицијата за осуда на интервенцијата, што ја изнесува „Ивнинг Стандард“, но и низ својата лична критика кон Владимир Путин“ – рекол Гоув.

Минатата недела, овој британско – руски барон побара од Путин да ја повлече руската војска од Украина.

Но, колку за потсетување – тоа го направи и еден Олег Дерипаска, како и уште неколкумина други олигарси. Но, тие сега се наоѓаат на британската „црна листа“ на санкционирани, меѓу кои е и Роман Абрамович, за кого токму Џонсон, прв откри, дека ќе биде ставен под санкции за војната во Украина.

Лебедев, од своја страна, продолжува да се брани уверувајќи дека тој “не е никаков безбедносен ризик за земјата (Британија) “ за која тврди дека „многу ја сака“.

Руска донација за ториевците

Но, лондонските медиуми открија дека Евгениј Лебедев ја има величано и поддржувано воената интервенција на путинова Русија во Сирија (за одбрана на режимот на Башир ал Асад).

Освен тоа, тој има зборувано дека “оперативци на британското МИ – 6, а не  агенти на КГБ, како што тоа официјално заклучи истрага“ на Скотланд Јард, го имаат убиено рускиот дисидент Александар Лукашенко, во ноември 2006 година, со радиоактивниот изотоп Полониум 212“.

Од Борис Џонсон сега се бара да открие колку руски пари, како донација, се дадени за Конзервативната партија од руските олигарси и другите богати милијардери кои сега се санкционираат.

Лебедев, меѓутоа, се брани дека тој има двојно државјанство – руско и британско – и забележува дека војната во Украина не би требало да предизвика ширење на „русофобијата“ низ Британија. Јавноста, пак, се повеќе верува дека овој руски богаташ, сега и државјани на Британија и лорд – сето тоа го има купено – со своите пари.

(Д.Л.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе