Поврзете се со нас

Skopje Global

Вести

Загари-Ратклиф конечно на слобода

Загари-Ратклиф конечно на слобода

Британката со иранско потекло Назанин Загари – Ратклиф која шест години беше во затвор во Иран, е ослободена со одлука на властите во Техеран.

Со специјален авион на британското воено воздухопловство таа се врати дома, во Британија, кај своето семејство – малата ќерка и сопругот, Ричард Ратклиф, со кого се во брак десет години – завршувајќи го „затворскиот пекол што мораше да го издржи“.

Сопругот сите изминати години, додека таа беше во техеранскиот затвор, водеше силна кампања за нејзиното ослободување.

Во октомври минатата година, тој стапи во штрајк со глад, протестирајќи на одлуката на иранските власти, да и ја продолжат затворската казна за уште една година – без ново судење. Нејзината ќерка Габриела, која со мајката се сретна за прв пат после шест години, според лондонските медиуми, кога ја видела, го прашала таткото – дали е ова мајка ми.

Измислено обвинување

Назанин беше уапсена во Техеран, во 2016 година, на аеродромот, додека се подготвувала да се врати во Лондон.

Во Иран престојувала приватно – во посета на своите родители, за да ја прослави, заедно со нив, иранската Нова година. Беше обвинета дека „правела заговор за соборување на иранската власт“ и за едно вакво тешко дело беше осудена на пет години затвор.

Таа го негираше обвинувањето, но веднаш беше јасно дека апсењето и брзото судење е само изговор на Техеран. За да се држи во затвор – како заложник на Иран – како и неколкумина други британски државјани со двојно (британско/иранско) државјанство и со британски пасоши, кои веќе беа уапсени и осудени.

Доколку навистина Назанин беше дел од некаков “анти – државен заговор“ ќе беше осудена на многу повисока затворска казна, или дури и на смрт и брзо егзекутирана, како што тоа во Иран се прави во такви случаи.

Дополнување на затворската казна

Кога во 2021 година, таа ја издржа до последниот ден, пет годишната казна, наместо на слобода, без некоја посебна најава, со соопштение на еден локален суд во Техеран, Назанин доби уште една година затвор. Наводно, затоа што „ширела анти иранска пропаганда“.

Сега веќе беше сосема јасно дека несреќната жена за ништо не е виновна, туку дека е заточена за да се користи од иранскиот режим – да се натера британската влада во Лондон – на преговори. Посебно кога стана јасно колкав голем публицитет против ваквите методи на Иран, се покрена во Британија и во Европа.

Тамошните власти не признаваа дека дополнувањето на казната има политичка, а никаква правна заднина. Но, со ваквите брутални методи, сепак, ја натераа владата во Лондон – да преговара за еден стар долг на Британија кон Иран, уште од времето на шахот Пахлави, од пред 42 години.

Станува збор за 400 милиони фунти кои владата на шахот и ги има платено на Британија за купување 1500 британски тенкови, што Лондон никогаш ги нема испорачано.

Заложник на „воениот долг“

Испораката била запрена откако во Иран беше извршена исламската револуција – со преврат – по кој шахот беше соборен, а власта ја презедоа шиитските исламски свештеници, претворајќи го Иран во држава која има претседател Парламент и влада, но со неа управува ајатолах – највисокиот верски поглавар.

Новата власт, особено по упадот во амбасадата на САД и земањето неколку стотина заложници, вработени во амбасадата, се најде под санкции и под меѓународна блокада, па Британија не брзаше со исплатата на долгот, или, практично, за враќање на парите поради неизвршената зделка.

Тоа се случи дури сега, откак0 Техеран и Лондон се спогодија за тие 400 милиони фунти, за кои британската влада се согласува дека како и долгот, се сосема легитимни. Техеранската влада, од своја страна, за прв пат – индиректно ја потврди невиноста на Загари – Ратклиф. Во тамошното објаснување се вели дека таа била ослободена откако Британија го „исплати воениот долг“.

Жената што се користеше за да се уцени владата во Лондон, на два пати има престојувано во психијатриска болница. Откако избувна пандемијата со корона вирусот, таа беше и во домашен затвор – со електронски таг на ногата.

(Д.Л.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Вести

Горе