Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Уапсен поранешниот бугарски премиер Борисов

Belish/Depositphotos.com

Уапсен поранешниот бугарски премиер Борисов

Поранешниот премиер на Бугарија и лидер на десно – центристичката партија ГЕРБ Бојко Борисов е приведен од специјалната полиција и уапсен, при што му е определен 24 часовен притвор.

Апсењето било извршено во четвртокот вечерта, во неговиот дом, во елитната софиска приградска населба Банки. Полицијата извршила детален претрес во куќата, без претходно да биде добиено одобрение од надлежен суд, што софиските медиуми го објаснуваат со тежината на целата полициска акција.

„На Борисов, досега, ништо не му е соопштено. Направен е претрес на домот каде живее, а претресена била и куќата на неговиот советник за односи со јавноста Севдалина Арнаудова„ – изјавил адвокатот на поранешниот премиер.

Злоупотреба на европските пари

Освен кај Борисов и Арнаудова, полициски претрес бил извршен и кај поранешната пратеничка (на оваа партија) Менда Стојанова и кај поранешниот министер за финансии Владислав Горанов.

Како што информираат бугарските медиуми, сите овие претреси, како и притворувањето на Борисов се дел од една “широка полициска операција, која е дел од истрагата на Европскот обвинителство (на ЕУ)“.

Според медиумските сознанија, оваа операција, како и акцијата на бугарската полиција се поврзуваат со дури 120 случаи на злоупотреба на европските пари од специјалните фондови на ЕУ за побрз развој, што Брисел и ги има префрлано на Бугарија.

Во првите сознанија од направените претреси на неколку локации во Софија, засега, се знае дека во куќата на Арнаудова бил откриен џип, што се покажало дека е сопственост на компанијата „Аркад“ која инаку учествува во изградбата на гасоводот „Турски ток“ низ територијата на Бугарија.

Тоа би требало да укажува на потенцијална корупција, во редовите на до пред две години владејачката бугарска партија, поврзана со компаниите и фирмите од градежната оператива.

ГЕРБ обвинува за „политичка репресија“

Функционери на ГЕРБ, меѓутоа, остро реагираа на полициската акција во која како чен на истрагата се нивни функционери и активисти, означувајќи го апсењето на Борисов, како акција” во стилот на нацистичката полиција Гестапо“.

Според нив, се прават претреси по домовите, а никој од нив не е ниту уапсен, ниту е сослушуван. Во ГЕРБ тврдат дека веќе ја известиле централата на ЕПП (на европските народни партии), каде членува и партијата на Борисов, за неговото апсење и за претресите низ Софија, заканувајќи дека ќе протестираат против „самоволието на полицијата“.

„Баравме средба со премиерот (Петков) во Парламентот, но наместо тоа тој ја испрати полицијата во куќата на лидерот на опозицијата, што е пример за политичка репресија“ – има речено висок функционер на ГЕРБ.

Портпаролот на владата во Софија одбил да ја коментира акцијата на полицијата, освен што соопштил дека таа е во тек. Премиерот Кирил Петков, пак, на Фејсбук само има напишано дека – „никој не е над законот“.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе