Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Гордон Браун предлага „Нирнбершки процес“ за Путин

Chinaimages/Depositphotos.com

Гордон Браун предлага „Нирнбершки процес“ за Путин

Поранешниот британски лабуристички премиер Гордон Браун предлага создавање меѓународен трибунал – налик на оној од времето на „Нирнбершкиот процес“ – за да му се суди на Владимир Путин за неговата инвазија врз една независна земја – врз Украина.

Браун е меѓу 140 угледни правни експерти, професори и политичари (од Британија меѓу нив е и поранешниот премиер Џон Мејџор), кои бараат приспособување и осовременување на правниот систем, како што тоа било направено по завршувањето на Втората светска војна, за судењето и процесот на нацистите во Германија.

Ограничени овластувања за ИЦЦ

Постоечкиот Меѓународен кривичен суд (ИЦЦ) веќе има покренато истрага за Путин, како осомничен дека има извршено воени злосторства во Украина. Меѓутоа, постојат правни толкувања дека овластувањата на овој суд се ограничени.

ИЦЦ не може да започне процес (вклучувајќи и евентуалниот против рускиот претседател), пред да се прогласи за криминална една агресија. За тоа е потребна одлука на Советот за безбедност при Обединетите нации, а таму Русија ќе стави вето.

Во изјава за Би – Би – Си Браун објаснил дека после падот на Берлинскиот ѕид, светот веруваше дека демократијата и владеењето на правото се вратија во цела Европа и дека тие ќе надвладеат. Но, Владимир Путин, наместо тоа – правото и правдата – ги замени со воена сила.

Согласност со Џо Бајден

„Ако сега не испратиме јасна порака, тогаш ќе се соочиме со слична агресија и во некоја друга земја, што може да остане неказнета“ – рекол поранешниот британски премиер.

Во напис во лондонски „Дејли Меил“, Браун зборува дека целосно се согласува со изјавата на Џо Бајден кој, јавно, го нарече Путин „воен злосторник“ и дека и тој мисли како американскиот претседател.

Со ваквата изјава на Бајден, претходно се согласија и украинскиот претседател Володомир Зеленски, како и актуелниот британски премиер Борис Џонсон, без разлика што во Москва, оваа квалификација за рускиот претседател беше грубо отфрлена и означена како “неприфатлива навреда“, додека Путин продолжува агресијата во соседството да ја нарекува „воена интервенција“.

„Предупредување за Путин“

За руската реакција, Браун реагира со прашањето – што уште треба да се направи за да се определи квалификација – воено злосторство – после бомбардирањето и ракетирањето на болници, породилишта, театри каде се кријат цивили, што, инаку, само по себе е спротивно на меѓународното право, или по попречувањето хуманитарен прекин на огнот со разни изговори и после „нуклеарно уценување“.

Само нападите врз цивили и врз цивилни објекти се примери за воено злосторство – оценува Браун и инсистира дека светот и меѓународната заедница треба да испратат предупредување дека „Владимир Путин ќе се соочи со силината на меѓународната правда и на меѓународното право”.

За тоа, според Гордон Браун, е потребен нов трибунал, како додаток на Меѓународниот кривичен суд, за да се покрене еден таков судски процес против рускиот претседател.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе