Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

„Владата на Борисов рекетирала бизнисмен“

Belish/Depositphotos.com

„Владата на Борисов рекетирала бизнисмен“

Апсењето па ослободувањето на поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов, продолжува да предизвикува бранување во тамошната политичка јавност. Борисов и неговата партија ГЕРБ ја обвинуваат новата влада во Софија за – како што велат – политичко мотивирано апсење на бившиот премиер, тврдејќи дека новата власт “ја враќа земјата во комунизмот“.

Новиот премиер Кирил Петков, пак, остро го прекори државното обвинителство што „брзо и лесно“ го пушти од притвор Борисов, не подигнувајќи (засега) обвинување и притоа порача дека со корупцијата во земјата, со случаите за злоупотреба на европските пари и со рекетот на владино ниво, сега ќе се занимаваат и европските обвинители.

„Случајот Васил Божков“

Во меѓувреме, софиските медиуми откриваат дека случајот со Борисов и со неговите соработници кои беа притворени заедно со него, сепак, не се става „ад – акта“ ниту се затвора уште пред да биде покренат, затоа што веќе е отворена истрага против сите кои беа 24 часови во притвор, за користење рекет во периодот меѓу 2014 и 2019 година.

Градското обвинителство на Софија не открива за кој случај станува збор, но заменик премиерот Асен Василев веќе го има споменато случајот со бугарскиот бизнисмен Васил Божков. Според вицепремиерот, Борисов и другите (во тој случај) ја имаат оштетено државната каса за 280 милиони евра, како неисплатени надокнади за Државната комисија за коцкање од страна на компанијата на Божков.

Овој бугарски бизнисмен од 2020 година живее во бегство, во Дубаи, за да не биде уапсен за бројните обвинувања од бугарските власти против него, меѓу кои е и обвинувањето за давање мито на поранешниот премиер. Тој тврди дека повеќепати морал да го подмитува Борисов за да го одржи својот бизнис.

Дваесет отсто од профитот

Медиумите сега откриваат дека на Борисов и на поранешниот министер за финансии (Владислав Горанов) им има дадено 30 милиони евра, како и дека тие двајца од бизнисменот Божков барале 20 отсто од профитот на неговата компанија и од бизнисот со лотаријата, во замена за донесување закони кои нему ќе му овозможат да плаќа понизок данок за телевизиската лотарија и за ТВ коцкање.

Токму бизнисменот ги има соопштено имињата на Борисов и на другите тројца,  кои беа уапсени ноќта кога беше притворен и поранешниот премиер и за кои сега е отворена истрагата.

Како доказ тој ги има покажано банковните документи за подигање готови пари, што ги испратил до бугарското обвинителство, како и до надлежните европски институции.

Целиот случај се покрена по еднодневниот престој на европската специјална обвинителка за борба со корупцијата – Романката Лаура Ковеши. Според медиумите во Софија, Ковеши си заминала од бугарскиот главен град во 14 часот, а веќе шест часови подоцна поранешниот премиер беше одведен од полицијата.

Време за правдата и правната држава

По веста за претресот во куќата на Борисов и на другите тројца осомничени, Божков на Фејсбук има објавено дека сведочел за сето тоа пред специјалното европско обвинителство, откако две години државниот обвинител на Бугарија настојувал да се ослободи од притисокот на неговите колеги во Брисел.

Бизнисменот тврди дека она што му се случувало е “најголемиот случај на рекет во историјата на земјата“.

Тој им замера и на софиските медиуми и на телевизиските станици кои во изминатите години одбивале да стапат во контакт со него, затоа што, како што тврди, биле во тесна врска со власта на Борисов, настојувајќи да го покријат доскорешниот премиер кои беше на власт 11 години.

„Има докази, има сведоци, а Бугарија има и закони кои Борисов и неговиот државен обвинител, како и другите околу нив ги имаат газено. Сега е време за правната држава“ – има напишано на Фејсбук бизнисменот кој обвинува дека бил со години ракетиран од владата на сега бившиот премиер.

(С.Б.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе