Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Новинарката на „Времја“ во домашен притвор

'VLAGER' TELEGRAM

Новинарката на „Времја“ во домашен притвор

Новинарката на „Времја“ (централен ТВ дневник на првиот државен канал на руската телевизија) Марина Освјеникова (44), која пред неколку денови, во текот на директното емитување на вестите, застана зад водителката и истакна транспарент против војната во Украина, (велат) се наоѓа во домашен притвор.

На транспарентот, набрзина и со рака беше напишано : “Не на војната. Запрете ја војната. Не и верувајте на пропагандата, овде ве лажат“!

Веднаш по инцидентот беше уапсена. Се тврди дека била сослушувана 14 часови, а потоа изведена на суд и осудена да плати парична казна од 30 илјади рубли (280 евра). Не се знае што понатаму може да се случува со неа, но нејзиниот адвокат има речено дека и се заканува ново судење и затворска казна од пет до 10 години.

„Зомби“ јавност во Русија

Пред да застане зад водителката на вестите (Катерина Андреева) и да протестира, новинарката на „Времја“ има снимено и видео – порака во која агресијата и настаните во Украина ги квалификува како злосторство, додека за својата земја – вели дека е агресор.

Целата одговорност му ја префрла на Владимир Путин. Во видео пораката таа објаснува дека нејзиниот татко е Украинец, а мајката Русинка, како и тоа дека досега немала непријатели. Меѓутоа, жали што во изминатите години има работено на првиот канал на руската телевизија и дека на тој начин станала дел од пропагандата на Кремљ, помагајќи луѓето во Русија да станат како „зомби“.

А, тоа се луѓе кои молчеа во 2014 година, кога Русија и тогаш ја нападна Украина, молчеа и кога беше отруен Алексеј Навални, а молчат и за (рускиот) нехуман режим. „Целиот свет, затоа, ни го има свртено грбот“ – има речено во својата порака Освјеникова, повикувајќи ги притоа Русите да не се плашат и да излезат на улица за да протестираат против војната.

Храброст или „режирана претстава“

Нејзиниот гест предизвика бранување на социјалните мрежи во кои доминираат пораките со поддршка и со одобрување за нејзиниот гест.

Но, после првите изливи на воодушевеност со гестот, некои медиуми, повикувајќи се на експерти кои ја истражуваат руската пропаганда, се појавија со сомнежи за вистината на „протестот и за храброста“ на новинарката – уредничка.

Има експерти кои сметаат дека случајот е „наместен и режиран“. Не веруваат дека некој кој е дипломец на Кубанскиот државен универзитет и на руската академија за државна економија и за јавна управа и кој никогаш досега се нема огласено за било што од политиката (како Освјеникова), ќе демонстрира на ваков начин.

И, без притоа никој да не ја спречи, пред да се намести зад водителката на вестите во кадар од кој убаво ќе може да се прочита целата порака.

Путин против „предавниците“

Едноставно, сметаат овие експерти, во Русија не може никако да помине нешто што е негативно и спротивно на она што го прави државата. Не се знае зашто е направено, но оние кои не веруваат во „инцидентот“ сметаат дека станува збор за – обична фарса.

Така, или не, јавноста во Европа, а и во Русија се уште верува дека станува збор за „искрен и храбар гест“ на една „храбра новинарка“.

Инцидентот се случи пред Путин да се појави на митинг во Москва и да се пресметува со “предавниците “ и со оние кои даваат оставки, или заминуваат во странство, но такви има не малку и сето тоа е еден нов момент во путинова Русија, каков досега немало. Или, барем не се знаеше за тоа.

Веќе е познато дека низа угледни функционери во културата и оние кои работат во неа, демонстративно поднесоа оставка поради агресијата врз Украина.

Демонстративни оставки

Десетина познати ТВ лица во информативниот сектор, респектабилни и популарни водители на разните дебатни и информативни програми, еден, по еден, се повлекоа од програмите, како што се тврди, не сакајќи и натаму да „продаваат“ невистини за Украина и за војната.

Многу од нив, кои се со двојна националност, тоа го имаат направено и од несогласлувањето – “да му се наметна војна на еден братски народ“.

Во тоа друштво на професионалци кои поднесоа демонстративно оставки, се најде и главната уредничка на пропагандниот, од Кремљ финансиран ТВ канал, РТ, познат и како „Раша Тудеј“, наменет за странство, Со воведените санкции по инвазијата, насекаде во Европа РТ е тргнат од ТВ каналите и од интернет.

Затоа што беше вклучен во „отровната пропаганда“ за одбрана на една брутална инвазија, како и затоа што ширеше невистини, дезинформации и лажни вести.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе