Поврзете се со нас

Skopje Global

Култура

Оскар за „најдобра шлаканица“

Оскар за „најдобра шлаканица“

Актерот Вил Смит ја освои филмската награда Оскар за најдобра машка улога во филмот „Кралот Ричард“ (филм за таткото на тенисерките Венус и Серена Вилијамс), но неговата награда, како и целата манифестација на американската филмска академија, остана во сенка на шлаканицата што Смит му ја плесна на водителот – комичар Крис Рок.

Смит (видливо изнервиран и налутен) се искачи на сцената и силно му плесна шлаканица на Рок кој претходно имаш направено шега за сметка на сопругата на Смит – Џејд Пинкет Смит, која ја има избричено главата, затоа што боледува од алопеција – губење на косата.

„Љубовта тера на лудило“

Актерот – Оскаровец му рекол на Рок да ја остави неговата сопруга на мир и да не прави шеги на нејзина сметка.

Комичарот Рок откако се поврати од добиената шлаканица и од шокот, се обиде да направи шега, тврдејќи дека тоа е “најголемата ноќ во историјата на телевизијата“. Водителот, претходно, ја има споредувано избричената глава на сопругата на Смит, со исто така избричената глава на актерката Деми Мур во филмот „Џ.И. Џејн“ на Ридли Скот, снимен во 1997 година.

Подоцна, истата вечер, Вил Смит се обиде да се извини за предизвиканиот инцидент (не на Крис Рок, туку на јавноста), објаснувајќи ја својата постапка со – љубовта кон својата сопруга.

„Љубовта ве тера да направите луди работи“ – рече Смит примајќи ја наградата Оскар, што не го измени грдиот впечаток за претходно направениот инцидент. Многумина не се согласуваат со таквиот начин на покажување љубов и поддршка за сопругата, но на социјалните мрежи многу брзо почна да „шета“ приказната дека сето тоа било – наместено.

„Кода“ – најдобар филм

Односно, дека Смит глумел разулавен напаѓач, а Крис Рок – жртва, што изгледа дека не е така, затоа што изразот на лицето на Џејд Пинкет Смит и на децата на Вил Смит не покажуваат дека оскаровецот глумел – за да ја потврди својата (инаку) многу добра улога на суров татко во филмот за кој ја доби наградата, туку вчудоневиденост.

Инаку, при доделувањето на наградите се случи изненадување.

Не победија филмовите кои беа фаворити и кои имаа најмногу номинации, туку „Кода“ на режисерката Шан Хедер, кој беше прогласен за најдобар филм. Станува збор за римејк на еден француски филм, кој ја раскажува приказната за дете со глувонеми родители. Фаворизираната Џејн Кемпион, доби Оскар за најдобра режија и стана трета жена режисер, добитник на Оскар, но нејзиниот филм „Моќта на кучињата “ не беше прогласен за најдобар.

За најдобар актер беше прогласен Вил Смит, за најдобра женска улога Џесика Честејн. За најдобар странски филм Оскар доби јапонскиот „Drive my car”. А, за животни остварувања, Оскари добија Семјуел Џексон, омилена актер на Квентин Тарантино, како и Швеѓанката Лив Улман, омилена ѕвезда во филмовите на Ингмар Бергман.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Култура

Горе