Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Русија обвинета за масакр врз цивили во Буча

Dmytro Kuleba/Twitter

Русија обвинета за масакр врз цивили во Буча

Украинскиот град Буча што е сместен на околу 40 км. северозападно од Киев, стана познат во Европа и во светот по тешкото воено злосторство врз цивилното население, за што локалните и официјалните украински власти ја обвинуваат руската војска.

Во Киев, претседателот Володмир Зеленски обвинува дека руските војници при навлегувањето во местото, во првата недела од инвазијата, како и при повлекувањето, во Буча имаат извршено масакр врз невини, невооружени лица, жители на градот, кои се масовно убивани, или ликвидирани, пукајќи им во тилот.

Мртви тела на мажи и жени, се затечени како лежат оставени на коловозите и по тротоарите, таму каде биле застрелани, во моментите кога украинската војска повторно навлезе во градот.

Масакрирани тела по улиците

Ваквите слики од Буча кои го заобиколија светот ја шокираа меѓународната јавност од бруталноста и ѕверствата на војниците на Русија кои, инаку, требаше да ја ослободуваат Украина од „нацистите“ и од „ненародниот режим“ во Киев. Како што целата инвазија ја оправдува (за својата јавност) руската пропаганда и како тоа повеќе од пет недели го зборува Владимир Путин, за да ја оправда суровата војна што и ја наметна – без повод – на Украина во која излегува дека ги казнува – недолжните украински цивили.

Оние кои први имаат влезено во градот, по повлекувањето на Русите, сведочат за грозоморните сцени на масакрирани и разнесени човечки тела и за сторено злосторство што некои го означуваат како потешко и од она што го имаат направено исламските џихадисти на Исламска држава (ИД).

Градоначалникот на Буча изјавил за француската агенција Франс Прес дека во градот се откриени и масовни гробници, во кои досега се откриени телата на над 300 жители.

Освен тоа, дека на улицата се пронајдени над 20 мртви тела, но се стравува дека би можело конечната бројка од извршениот масакр да биде уште поголема. Особено откако репортерите на агенцијата и самите имаат откриено на десетици други тела на мажи во цивилна облека, во една споредна улица.

Русите имаат оставени мини насекаде

При повлекувањето руските војници имаат насекаде поставено и мини кои остануваат постојана закана за оние малку луѓе кои полека се охрабруваат да излезат од скривалиштата во кои имаат поминато повеќе од еден месец – во крајно мизерни услови, со минимални залихи од храна и вода.

Градоначалникот рекол дека додека не дојдат стручњаци за деминирање, но и за откривање на мините кои се поставени насекаде – постои реална закана луѓето и натаму да страдаат.

А, мини има поставено на влезни врати, на поштенски сандачиња, како и на разни други предмети кои се по улиците за општо користење, на кои луѓето обично им приоѓаат, и ги додирнат при што може да ја активираат експлозивната направа и да настрадаат.

Зашто на Русите им било потребно тоа да го прават, освен, секако, за да им се одмаздуваат на обичните луѓе и за да ги казнат за нивната лојалност кон сопствената држва и кон легално избраната власт. Но, Украина веќе побара меѓународна истрага за злосторството и го повика Меѓународниот кривичен суд (ИЦЦ) да испрати свои луѓе во Буча.

„Ова е геноцид“

Веста доаѓа откако Украина повторно ја презеде контролата врз целото пошироко подрачје на Киев, а главниот град на земјата за прв пат, веќе три дена, не е изложен на насилствата и бомбардирањето од страна на руската војска, која сега целосно е свртена кон запоседнување и окупација на целата територија на Донбас и на Источна Украина.

„Она што се случи во Буча е геноцид. Не може никако поинаку да се оквалификува стореното, освен како намерно изведено злосторство врз цивили“ – изјавил Зеленски за една американска ТВ мрежа. Во разговорот украинскиот претседател објаснил дека Русија тоа го има направено за да „уништи цела една држава и луѓето во неа“.

„Сите ние, околу сто етнички заедници кои живееме во Украина, Русија сака да не уништи само затоа што одбравме да не бидеме покорени и ставени под контролата на Руската Федерација“ – рекол Зеленски за американската телевизија, додавајќи дека „во 21 век се случува цела една држава да биде изложена на тортура“.

Москва зборува за „провокација”!?

Официјална Москва, од своја страна, побрза да ги отфрли обвинувањата од Киев, тврдејќи дека ништо од она што се прикажува не е точно и дека, всушност, станува збор за „уште една провокација“!?

Меѓутоа, Велика Британија и Франција, заедно со САД, Германија, ЕУ и НАТО остро го осудија она што се случило во Буча, како страшно воено злосторството на руската војска. При тоа се побарани нови, дополнителни санкции за Москва која продолжува со операции за уништување на цели градови и за казнување на населението.

„Насилството во Буча предизвикува чувство на удар со тупаница во стомакот“ и тоа мора веднаш да престане. Не може на таквите работи да се гледа како на нешто нормално, а тоа ни се случува секој ден, гледајќи ја бруталноста на Русија во Украина – изјавил американскиот државен секретар Ентони Блннкен.

Истрага за воени злосторства

Во изјава за Си – Ен – Ен Блинкен рекол дека САД ќе се вклучат во обезбедувањето документи за можните воени злосторства, за да може да одговараат пред меѓународната правда оние кои ги имаат направено.

Слично имаат реагирано и неколкумина германски министри кои во одвоени изјави инсистираат дека масакрот во Буча не може да остане без одговор. Канцеларот Олаф Шолц во Берлин побара расветлување на злосторствата на руската војска против украинските цивили.

Британската шефица на Форин Офисот, Лиз Трас има речено дека не смее да и се дозволи на Москва да ги прикрива своите злосторства на фронтовите во Украина преку своите „цинични дезинформации“. Францускиот претседател Емануел Макрон, пак, во својата реакција рекол дека Русија ќе мора да одговара за злосторствата направени во местото Буча крај Киев.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Свет

Горе