Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Анкета: Предност за ЕУ за Македонија, Црна Гора и Украина

Ale_Mi/Depositphotos.com

Анкета: Предност за ЕУ за Македонија, Црна Гора и Украина

Мнозинството граѓани на четирите најголеми земји – членки на ЕУ, го подржуваат влегувањето на Украина во Унијата и дури ја ставаат во групата со Македонија и со Црна Гора, сметајќи дека тие треба да имаат предност при зачленувањето, пред една Србија и Албанија.

Најновото истражување на агенцијата ЈуГав, направено во Германија, Франција, Италија и Шпанија, во текот на март, покажува една сосема нова ситуација – за прв пат – нето поддршката (повеќе анкетирани ЗА, отколку ПРОТИВ) за влез во ЕУ имаат добиено Украина (како нов кандидат) и двете екс ЈУ републики – Македонија и Црна Гора.

Така, на пример, кога станува збор за Украина, за 22 отсто биле повеќе оние кои се за нејзиното влегување во Унијата, од оние кои се изјасниле против. За Црна Гора таквиот однос изнесува малку под осум отсто, додека за Република Северна Македонија за пет отсто се повеќе тие кои се изјасниле за влез на земјата во ЕУ, од оние кои се против тоа,

Опадната позицијата на Србија

Во случајот со Србија, меѓутоа, безмалку пет отсто повеќе се оние кои се изјасниле против нејзиното влегување во Унијата, од оние кои го подржуваат српското зачленување.

Како причина за ваквата (опадната) позиција на Србија се смета дека е нејзината неискреност кога треба да се определи дали сака на Западот, или сака да остане на Истокот – врзана со Русија. Дополнето со политиката на седење на два стола, што многу европски аналитичари и медиуми ја означуваат како – „повеќе нетолерантна“ – посебно сега во руската инвазија врз Украина.

Кај Албанија, противниците на нејзиното влегување во ЕУ се за два отсто повеќе, додека кога станува збор за Турција – дури 32 отсто од Европејците повеќе се против, наспроти оние кои се согласуваат со тоа оваа земја да се најде во Унијата.

Војната ја „турка“ Украина

Гледано по земји, само во Шпанија Србија има “позитивна“ оценка во оваа европска анкета. Во Франција, на пример, 42 отсто од анкетираните смета дека на Србија не треба да и се дозволи влез во ЕУ, во Германија така мислат 41 отсто од луѓето, а во Италија, против српското зачленување се изјасниле 37 отсто од Италијанците.

Украина, наеднаш, по инвазијата на Русија врз земјата и како последица на војната, стана претендент за ЕУ, иако до тогаш таа немаше ниту формално барање за кандидатски статус. Работата се забрза откако претседателот Володмир Зеленски побара од ЕУ да ја прими неговата земја – преку ред – во Унијата.

Без разлика на ваквата разврска Украина има предност пред Србија која веќе осум години има започнати преговори за влез во ЕУ, како што тоа го направи и Црна Гора.

Македонија чека да стартува со преговорите, откако во 2020 година, Софија, неочекувано стави блокада, инсистирајќи како предуслов да се разрешат некои исторски разлики со Скопје околу испреплетеното заедничко минато.

Три земји со највисока поддршка

Најголема поддршка Украина има во Шпанија, каде шест од 10 анкетирани сметаат дека оваа земја треба да биде дел од ЕУ, додека само 14 отсто се против.

Експертите на ЈуГав сметаат дека има промени во мислењето на Европејците, кога станува збор за украинскиот случај. Во 2018 година, четири години по анексијата на Крим и окупацијата на Донбас, само 22 отсто Французите и 30 отсто од Германците се согласувале со прием на Украина во ЕУ.

Како држави кои имаат најголема поддршка за приклучување кон европското семејство и натаму се Норвешка, Швајцарија и Исланд кои и онака имаат изградено специјални односи со ЕУ.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе