Поврзете се со нас

Skopje Global

Вести

„Браќа Словени-ве лажат“!

Kuzmafoto/Depositphotos.com

„Браќа Словени-ве лажат“!

Една единица на руската војска, веднаш по навлегувањето и окупацијата на малото место Новиј Биков, на северот од Украина, го има запоседнато месното основно училиште, каде биле сместени војниците. Таму останале се до нивното повлекување од тој дел на украинската територија.

Една екипа на лондонскиот весник „Гардијан“ веднаш по заминувањето на Русите, го посетиле местото, а потоа и училиштето за кое локалните власти објасниле дека неодамна, пред инвазијата, било темелно реновирано. Сега, по повлекувањето на војската, училиштето е целосно руинирано и непрепознатливо.

Фотографиите што весникот ги има објавено, претставуваат пример за вистински вандализам, срамен затоа што тоа се има случено во 21 век, на европско тло. Но, над се, ваквото однесување е срамно за Русија од каде окупаторската војска е дојдена.

Вандализам на руската војска

Сите училници се уништени, мебелот и училишните помагала, намерно, се целосно уништувани, а сите простории се исполнети со остатоци од храна и од најразлично ѓубре. Руските војници со боја ги имаат офарбано сликите на украинските историски и литерарни личности, покривајќи ги нивните лица, а пред да си заминат ги имаат украдено сите компјутери, што ги имало училиштето.

„Гардијан“ во својата репортажа од Новиј Биков посебно внимание посветува на пораките што руската војска ги има напишано и оставено на ѕидовите – за кои британскиот репортер вели дека прецизно покажуваат каква е мисијата на Русија во војната во Украина и со какви инструкции инвазионите сили биле испратени на територијата на соседната земја.

Една порака гласи – „Браќа Словени – тие ве лажат“ – што треба да значи дека „тие“, од Западот, лажат, но паѓа во очи дека пораката не е упатена на „браќата” Украинци, туку на неидентификуваните Словени.

Тоа само треба да ја илустрира пораката што пред инвазијата им ја упати Владимир Путин, во која грубо ја негираше украинската национална посебност, па дури и правото на народот на Украина да има своја независна држава. Во тогашната порака испратена преку ТВ обраќање, гневниот руски претседател, во улогата на руски националист, тврдеше дека нема Украинци, дека тие се Руси и дека да не била Русија немало да постои ниту современа Украина.

„Вината“ на Ленин и Хрушчов

Обвинувајќи ги притоа Ленин и Никита Хрушчов, генерален секретар на КП на СССР по смртта на Сталин, дека ја „измислиле“ Украина како посебна територија, надвор од руската на која овие двајца „создале“ украинска (советска) република, што по распадот на Советскиот Сојуз стана независна Украина. Како што ја „измислиле“ и украинската нација.

Војниците што Путин ги прати во оваа земја да ја уништуваат и да ја парчосуваат, очигледно дека добро ја научиле оваа лекција, зададена од нивниот лидер, потсетувајќи ги притоа локалните Украинци во Новиј Биков за тоа каква историја се учи во Русија и што Русите мислат за нив, како народ.

Тоа го потврдуваат и со пораката – „Жал ни е, ама ние не ја сакавме оваа војна“ – уште една од лажливите изговори на Москва за оправдување на инвазијата. Префрлајќи ја наводната „вина“ и одговорност за агресијата врз Украина и Украинците – што се одлучија да им свртат грб на Путин и на негова Русија.

„Оквалификувани“ солдати

Британската новинарска екипа цитира уште една двосмислена порака од ѕидовите на локалното училиште, во стилот – „Ајде да живееме заедно“ – веројатно мислејќи – во „братска дружба“ како во времето кога Украина беше во руски табор, лојална на Москва и посебно на Кремљ.

Во тој дух на нескриена омраза и негирање и на понуден „мир“, по руски модел, војниците на Русија целосно ги имаат демолирано и уништено сите училници и простории во училиштето.

Оставена е – како за порака – само една просторија. Таа во која училиштето има уредено спомен – соба на отпорот против нацистите во текот на Втората светска војна. Што исто така се надоврзува на неразумното руско обвинување кон властите на Киев дека од Украина имаат направено „нацистичка држава“!?

Видливо е дека пишувачите на пораките се некои кои се политички „силно квалификувани“ за обични војници. Но, во крајна смисла – добро е што во Новиј Биков „настрада“ локалното училиште. Можеше, жртви на безумието на руската агресија – и таму, како во Буча – да бидат луѓето кои таму живеат.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Вести

Горе