Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Две визии за иднината на Франција

ifeelstock/Depositphotos.com

Две визии за иднината на Франција

Емануел Макрон го доби првиот круг од француските претседателски избори (27,8 отсто), пред лидерката на тамошната ултра – десница Марин Ле Пен (23,1 отсто), но новиот шеф на државата ќе се избере во вториот круг, на 24 април – како што тоа и се очекуваше. И, одново како и пред пет години – ќе се гласа за две крајно спротивставени визии за иднината на Француската Република.

Но, епилогот од првиот круг е повеќе, или помалку во рамките на очекуваните прогнози, иако во последните дваесетина денови, актуелниот претседател ја загуби сигурната предност од 10 отсто пред Ле Пен, најмногу, како што оценуваат домашните политички експерти – поради тоа што Макрон (практично) и не водеше предизборна кампања.

Освен еден митинг на стадион, пред 30 илјади свои симпатизери и поддржувачи, времето пред првиот изборен круг тој го потроши во настојувањето да се стави крај на војната во Украина. Наместо со француските гласачи, времето го потроши во – како што се покажа – бројните јалови телефонски разговори со Владимир Путин, во деновите по руската инвазија, откако рускиот претседател ги прати своите војници да ја освојуваат украинската територија.

Јалови разговори со Кремљ

Тоа го правеше како француски претседател, но и како претседавач на ЕУ, позиција што ќе ја има до крајот на јуни годинава. Но, додека Ле Пен им продаваше десен популизам на Французите, Макрон мораше да се бори со цинизмот на Путин и со неговата тврда, непопустливост околу тоа дека војната ќе заврши тогаш кога Украинците ќе капитулираат на бојното поле.

До тогаш, а Макрон верува дека еден рок за тоа е 9 мај – денот на завршувањето на Втората светска војна, што Русите го слават како Ден на победата – Украина и нејзините луѓе ќе се соочуваат со изживувањето на руските војници и нивното насилство, какво на европскиот континент немало од времето на нацизмот и хитлеровите освојувања.

Во секој случај, Ле Пен ја искористи шансата – сама да води кампања. Па, ако до пред три недели не се знаеше дали воопшто ќе влезе во вториот круг (на Французите им е здосадено од таткото, а сега на два пати ќерката Ле Пен) – таа ја стесни разликата на 4 проценти, зад Макрон.

Тоа ја прави (наеднаш) да се однесува и како фаворит за вториот круг и да се храбри и себе си, а да ги храбри и своите симпатизери дека – овој пат, за разлика од пред пет години, може дури и да го победи Макрон.

Заборавена социјала

Штабот на актуелниот претседател, меѓутоа, не мисли така, иако се признава дека во кампањата, таква каква беше, сосема биле потиснати во втор план социјалните прашања и проблемите со кои се среќаваат Французите, а кои ултрадесницата ги користи низ нејзините популистички настапи.

Затоа се смета дека Макрон со ваквиот изборен резултат, всушност, е казнет од гласачите и во три недели ја загуби уверливата предност, затоа што заборави на некои многу важни работи.

Една од најважните, како што велат експертите е фактот дека 38 милиони Французи заработуваат, месечно, и помалку од две илјади евра. Односно, дека претседателот и неговата влада мора да поработат повеќе на цела низа социјални прашања кои беа покренувани и низ бројни протести и штрајкови во изминатите години.

Во една таква атмосфера, кампањата која долго се сметаше како „неинтересна и без возбудување“, наеднаш добива силно забрзување, затоа што се смета дека за вториот круг ќе биде и тврда и остра, бидејќи се проценува дека конечниот победник не ќе се знае до самиот крај.

Малешон против Ле Пен

И Макрон и Ле Пен веднаш тргнаа во лов по гласовите на оние кои во првиот круг се определија за другите кандидати. Крајната десница сега верува дека 70 отсто од луѓето кои на 10 април гласале против Макрон, во вториот круг ќе гласаат за Марин Ле Пен.

Распоредот на силите, математички може да навестува една таква разврска, но на теренот работите изгледаат поинаку. Третопласиран во првиот круг беше ултралевичарскиот кандидат Малешон кој освои 22 отсто од гласовите и (за прв пат) речиси сосема и се приближи на Ле Пен. А, тој уште веднаш по соопштувањето на резултатите ги повика своите гласачи – „ниту еден свој глас да не и дадат на Ле Пен“.

Освен тоа, математиката направена од партиите на крајната левица и на центарот, како и на сите другите кои гравитираат кон нив, покажува дека Ле Пен може да води остра битка, до последниот здив, но дека на крајот Макрон и ќе биде победник и ќе остане во Елисејската Палата. Тоа го навестуваат и првите анкети на јавното мислење за победникот на претседателските избори.

Макрон фаворит за вториот круг

Како сега стојат резултатите, се проценува дека Макрон би освоил 51 отсто од гласовите – во најлош случај – или според друга истражувања и 52 отсто, но двете анкети се согласуваат дека крајниот исход ќе биде тесен.

За крајната разврска, изгледа, дека Французите уште еднаш ќе мора да се определуваат за традиционалните вредност на Франција.

За демократијата, слободите, либерализмот и рамноправноста, што го заговара и го брани актуелниот претседател Макрон, или за десничарењето, омразата, национализмот и популизмот, што им го нуди на гласачите, крајната десница.

Пред пет години, на изборите во 2017 година, тогаш новакот во политиката (Емануел Макрон) успеа да ги увери француските гласачи дека Франција не може да ги напушти вредностите што ги брани повеќе од 200 години и за што има свое место и во Европа и во светот – и да гласаат за него. Зад таа визија, која и сега останува, тогаш застанаа сите главни партии од левицата и од десницата – за да се спречи победа на ултрадесничарката Марин Ле Пен.

(П.Ф.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе