Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

Бура околу кинеските ракети за Србија

Chinaimages/Depositphotos.com

Бура околу кинеските ракети за Србија

Пристигнувањето на кинескиот софистициран, против – воздушен ракетен систем во Белград, што Република Србија го има купено за потребите на нејзината војска, предизвика бура во регионот, а пред се, кај српските соседи, но и во европската политичка јавност.

Во Европа, на тоа (засега) реагираат само дека „знаат и се информирани “ за доаѓањето на кинеското вооружување во западнобалканскиот регион. Европските безбедносни аналитичари се занимаваат и со „демонстрацијата на сила“ на Пекинг – со пристигнувањето на шест воени кинески транспортни авиони – за да се испорача вооружувањето. Прелетувајќи притоа две земји – членки на НАТО – Турција и Бугарија.

Натрупување оружје

Во српското соседство, меѓутоа, реакциите тргнуваат од стравувањето – зашто воопшто на Србија и е потребен против – воздушен ракетен систем.

Станува збор за тоа дека никој во Западен Балкан, а и во поширокиот простор од регионот, нема да ја нападне земјата. Загриженоста е зголемена бидејќи освен со кинеските ракети, во еден подолг период, Белград натрупува разно оружје, што повремено го прикажува за домашната и за другата јавност.

Од тоа произлегува и прашањето – зашто е потребно тоа забрзано српско вооружување, освен доколку, не се користи за “некаква дестабилизација на регионот“ – за што Србија веќе беше и осомничена во безбедносната анализа на еден британски истражувачки тим, публикуван во лондонски „Гардијан“.

Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, по овој повод, изјави дека не го осудува Белград поради кинеските ракети, но дека се чуди што Србија воопшто тоа го прави.

„Трауматско будење“

„Хрватска нема да ја нападне својата сосетка. Америка исто така нема да изврши никаков напад. Ни Русија, Дури ако некој и би ја нападнал, набавениот ракетен систем нема да и послужи. Со него ќе соборат два авиони и сигурно ќе бидат горди поради тоа, но на тој начин не се добиваат војни“ – рекол Милановиќ.

Според хрватската агенција ХИНА, тој споменал дека Србија не е членка на НАТО и дека тоа е нејзин избор. Но, сега како што проценува хрватскиот претседател, (војната во Украина) предизвика – “преку ноќ земјата да остане без патрон“, што за него е „трауматско будење, кое ги има натерано да купуваат кинески ракети што, веројатно, се копија на ваквото руско оружје и се послабо од него“.

За Милановиќ набавката (на ракетите) чини многу пари, а не создава никаква разлика во позициите, па затоа ја повикал Србија да избере страна (Истокот, или Западот) на која ќе и се приклучи. „Во Белград мора се одлучат и тоа многу јасно – каде Србија припаѓа“ – порачал Зоран Милановиќ.

Загриженост во Подгорица и Приштина

Медиумите во Загреб откриваат дека уште во 2020 година, Вашингтон ја има предупредено власта во Белград да не го купува кинескиот ракетен систем ХК – 22. Притоа било порачано дека доколку сака да се приклучи кон ЕУ и другите западни сојузи, Србија ќе мора да ја усклади својата воена опрема со западните стандарди.

Црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ, меѓутоа, смета дека натрупувањето оружје на Балканот претставува дополнителен ризик.

„Генерално, тоа нас (Црна Гора) не загрижува, а во овој случај и затоа што станува збор за продолжените тенденции на вооружување на Србија од земји кои се непријатели на членките на НАТО“.

Косовскиот премиер Албин Курти, пак, го има осудено „натамошното вооружување“ на Србија за кое вели дека не е безбедно ниту за Косово, ниту за регионот. Според Курти, ваквата политика на Србија е последица на „стравот на Белград дека ќе остане сосема сам“.

Тој уште има речено дека Србија „секако е закана за косовската безбедност“, бидејќи на границите со Косово има 44 српски касарни и 42 офанзивни бази.

Контра обвинувања од Белград

Реакцијата на официјален Белград, не требаше долго да се чека, но засега, таа е насочена кон Ѓукановиќ и кон Курти.

Прво реагираше актуелниот министер за внатрешни работи Александар Вулин кој цинично му порача на црногорскиот претседател дека ако Србија сака да ја нападне Црна Гора, за тоа нема да и бидат потребни ракети, туку дека „доволно ќе бидат коњаници и тоа полициски – не воени“.

Претседателот Александар Вучиќ, во својата реакција на критиките од регионот, ги обвинил црногорскиот претседател и косовскиот премиер дека “и овој пат само шират омраза кон Србија и кон Србите“.

Тој ги нападнал критичарите на српското вооружување дека се дел од „кампањата за ширење лаги против официјален Белград“. Вучиќ тврди дека целта на тоа била (наводно) да се „жигоса Србија како проблем и како закана за регионот и да се потенцира како агресор кој ги загрозува Црна Гора и Косово“.

Ракетите и кинескиот ракетен систем, пак, ги означил како „дефанзивно оружје кое никого не загрозуваат“.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе