Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Војната во Украина – одмазда за одмаздата

elena2067/Depositphotos.com

Војната во Украина – одмазда за одмаздата

Русија и Кремљ и понатаму не даваат никакви детали за потонувањето на нивниот адмиралски брод „Москва“ во Црно Море, без разлика што станува збор за најголемиот и главниот брод на руската црноморска флота и за пловен објект што во тамошната јавност е познат како „гордост“ на целата морнарица.

За руската страна останува да важи првичната изјава – дека станува збор за пожар што потоа предизвикал експлозија на складиштето за оружје и целата муниција кои ги имал со себе бродот. Не споменувајќи во ниту еден момент – што го предизвикало силниот пожар, ниту најавувајќи истрага за „инцидентот“.

Во единственото соопштение, направено во типичен советски стил, нема ништо ниту за судбината на оние над 500 морнари кои биле на крстосувачот, освен штурата изјава за тоа дека „луѓето се спасени, со префрлање на други бродови кои им притекнале на помош“.

Без разлика што е речиси невозможно една експлозија на воен брод „до врвот“ исполнет со разно оружје и муниција – што набргу и потонал – да помине без загинати и ранети лица.

Индиректно признание

Украинската страна, пак, од почетокот тврди дека „Москва” е погодена со ракетите „Нептун“ од домашно производство.

Од Киев први (пред руското соопштение) јавија дека моќниот крстосувач полека тоне како последица на ударот, експлозијата и пожарот, додека од рускиот главен град се тврдеше дека „Москва“ ќе биде извлечена од кримското пристаниште Севастопол, на друга локација.

Неполни 24 часови по нападот, стигна ИНДИРЕКТНА потврда на Русија за причините за потонувањето на нејзиниот адмиралски брод – откако од Москва се пофалија дека ја нападнале и делумно ја уништиле воената фабрика во околината на Киев – каде се произведуваат ракетите од типот „Нептун“. Истите оние поради кои крстосувачот потона.

Во знак на одмазда, а по распалената воинствена и одмаздничка атмосфера што ја градат медиумите на Кремљ – Русите ги обновија нападите врз Киев, откако претходно по секоја цена бараа изговор за да се вратат со своите бомби на главниот град, кога веќе моќната руска армада никако не може целосно да го освои Мариупол, иако систематски го уништува 50 денови.

„Убивајте ги – уништете ги“

Водителката на вестите првиот руски ТВ канал – Русија 1 – гневна поради веста дека „Москва“, сепак, потонала – јавно повикала на жестока руска одмазда.

„Напаѓајте ги, бомбардирајте ги, убивајте и уништете ги“ – мислејќи на Украинците и на нивната војска, која се уште пружа силен отпор, оневозможувајќи го Владимир Путин да ги присили на капитулација.

Во една дебатна телевизиска програма, на ваквата хистерична реакција во вестите, се надоврзало и толкувањето на еден локален аналитичар за тоа дека „потонувањето на „Москва“ е само по себе доволна причина за покренување војна“ – не објаснувајќи, притоа, зошто би се објавила војна врз соседна земја, само поради „пожар“ на сопствениот воен брод.

Сето тоа открива колку тажно делува немоќта на руската пропаганда да се носи со вистината, па излегува дека и поради „несреќа и пожар“ треба безмилосно да се убиваат украинските луѓе кои и онака досега имаат издржено и терор и геноцид.

Сега, меѓутоа, некои работи се сосема појаснети.

Убиен капетанот на „Москва“?

Пред се дека бродот „Москва“, секако, е погоден и потопен во операција на украинските сили. За тоа, за прв пат се огласија и Американците, откако еден неидентификуван функционер на Пентагон за Си – Ен – Ен има речено дека рускиот адмиралски брод потонал погоден од две против – бродски ракети.

Тој има речено дека во нападот има загинати руски морнари, но дека не може да се каже колкав е тој број.

Во соопштението на Украинците се открива дека „Москва“ била постојана и силна закана за градот Одеса и за неговата околина. потоа, дека токму од овој крстосувач уште од почетокот на инвазијата се вршени нападите врз украинските сили, како и дека потонувањето е одмазда за уништувањето на Змискиот остров.

Овој брод го има „збришано“ украинскиот остров, со тамошната мала украинска воена посада, која била заробена и одведена во Русија.

Конечно, во Киев се тврди дека во нападот на „Москва“ бил убиен капетанот на бродот Антон Куприн, човекот кој наредил гранатирање на Змискиот остров.

Војна до „победа“

На тоа, руската страна се заканува со интензивирање на воздушните напади врз Киев и неговата околина, сега кога по најавата за повлекување од тој реон, луѓето почнаа да се враќаат во своите домови.

Русите тврдат дека нападите се „одмазда за агресивните напади на Украинците врз руската територија“.

Останува нејасно дали како „територија“ се смета крстосувачот „Москва“, но факт е дека Русија најде изговор за воените злосторства што ги прави на украинска територија и за одржувањето на војната.

Како стојат работите на фронтовите, таа ќе трае до оној момент додека Путин не процени дека може да се пофали со „победа во Украина“ – или како цинично забележува – додека не бидат „исполнети целите на воената интервенција“.

Загубени два брода

На Црно Море, меѓутоа, во часовите на драмата околу крстосувачот, немало ништо за фалење и за гордеење. Според турски извори, Турција има спасено 54 морнари кои биле извлечени од морето. Тешко оштетениот брод, во тој момент (околу 01,30 часот по полноќ) бил навален на едната страна и тонел, што се случило само триесетина минути подоцна.

Турција и Романија биле првите кои објавиле дека можниот руски крстосувач – потонал во длабоките води на Црно Море.

Како и да се случило, останува податокот дека за само 50 денови војување на Русија со Украина – и без поморски битки – руската армија и нејзините поморски сили останаа без два големи и значајни брода.

Првиот, за поддршка на воените сили, беше тешко оштетен во Азовско Море, а вториот, адмиралскиот брод „Москва“ заврши на дното од Црно Море.

(С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Свет

Горе