Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Јужна Осетија бара припојување кон Русија

Јужна Осетија бара припојување кон Русија

Сепаратистичката, отцепена грузиска провинција Јужна Осетија побара припојување кон Русија, за да стане дел од руската државна територија.

На тоа, владата на Грузија, во Тбилиси реагираше со остра осуда, соопштувајќи дека таквото барање е нелегитимно и неприфатливо. Грузискиот министер за надворешни работи Давид Заакалиани ги осуди изјавата за приклучување отцепениот дел од Грузија кон Русија и најавите за организирање референдум во Јужна Осетија.

Во август 2008 година, отцепувањето на оваа грузиска провинција беше причина за 22 дневната војна на Грузија и Русија, што заврши со пораз на Грузијците.

Казнување за свртувањето кон Запад

Лидерот на провинцијата Анатоли Бибилов, меѓутоа, сака да организира референдум за целосното отцепување на неговата самопрогласена „независна држава“ за да може да се припои кон територијата на соседна Русија. Грузиските власти сметаат дека станува збор за голема провокација и за повреда на меѓународното право.

Бибилов, пак, ги отфрла грузиските аргументи и тврди дека припојувањето кон Русија било цел која има стратешко значење. Порачувајќи притоа дека луѓето во Јужна Осетија тоа го очекуваат и го бараат од властите.

Во летото 2008 година, Европа и светот млако реагираа на руската инвазија врз Грузија, покрената, наводно, за да се спречела поголема војна меѓу Грузијците и Јужноосетијците. Но, Русите војуваа со грузиската војска и во силен тенковски напад, влегувајќи преку Северна Осетија (која е на руска територија) брзо пристигнаа до пред главниот грузиски град Тбилиси.

Во основа, целата на интервенцијата од пред безмалку 13 години, беше да се казни „шарената револуција“ на тогашниот грузиски претседател Михаил Сааклшвили кој ја сврте оваа поткавкаска република кон Западот, најавувајќи дека сака земјата да стане членка на ЕУ и дел од НАТО.

Москва со иста шема

Во рамките на таа и таква определба, владата во Тбилиси се согласи да испрати свој контингент војници во Авганистан, под знамето на Алијансата, иако Грузија немаше формално барање за членство. Дури во еден момент, грузискиот контингент беше и поброен од оние на некои земји – членки на ЕУ/НАТО.

Русите врз Грузија се насочија со многу поголема сила (тенкови, пред се) од онаа со која располагаа Грузијците, со истата тактика што ја применија и врз Украина, иако во украинскиот случај употребија и се уште користат многу поголема сила.

Во таа војна не наидоа на некој посилен отпор на грузиската војска, па Русите очекуваа дека тоа ќе им се случи и во Украина, но се соочија со неочекувано силен и одлучен отпор на Украинците, што предизвика Украина да биде намерно уништувана во казнени експедиции.

Грузија беше поштедена од тоа, затоа што Саакашвили тогаш прифати да капитулира гледајќи со каква сила навлегува Русија во неговата земја.

Осакатување на Грузија

Како казна за „непослушноста“ на Грузија и затоа што им свртеа грб на Истокот и на Москва – уследи казна. Отцепувањето на Јужна Осетија, што Кремљ набргу потоа ја призна за „независна држава“, признавајќи ја притоа и веќе од порано отцепената Абхазија, на источниот брег од Црно Море.

Но, со тој потег Москва ја осакати територијално Грузија, која, инаку, при распадот на СССР, истата таа Русија ја има признаено како независна држава во границите на некогашната советска република – со Абхазија и Јужна Осетија.

Во својот веќе познат лажлив стил за дезинформирање на сопствената и меѓународната јавност, тогаш портпаролот на Кремљ Дмитри Песков кој и сега е на таа функција – тогаш има дадено изјава дека Русија “нема преземено никаква правна рамка за приклучување на Јужна Осетија (и Абхазија) кон руската територија“.

Сега, за барањето на Бибилов и на Јужна Осетија, Песков има речено дека – „овој пат станува збор за луѓето кои изразуваат свое мислење (за припојување кон Русија) и Москва кон тоа се однесува со целосен респект“.

Во Украина по грузиско сценарио

Планот за референдум предвидувал тој да се организира еден месец по инвазијата врз Украина. Но, изгледа во содејство со Москва планот е поместен, меѓудругото и поради жестината на војната и на украинскиот отпор кој руската страна не го очекуваше.

Претпоставка на европски експерти е дека сето ова е само подготовка на терен за истото сценарио од Јужна Осетија во Источна Украина – само со приграбување на многу поголема територија од онаа земена од Грузија.

Москва пред инвазијата од 24 февруари ги призна отцепените Луганск и Донецк како „независни држави“. А, тие од порано, уште од 2014 година имаат „побарано од Москва“ да се согласи да се приклучат кон Русија.

Владимир Путин многу е веројатно дека нема да може да одолее на својата повеќе годишна опсесија – да ја распарчи Украина, за казна, како што тоа и го направи на Грузија.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе