Полетал во еден, а слетал во друг авион
Американскиот пилот Лук Аткинс стана првиот во светот кој успеа да полета во еден авион, а да слета со друг. Неговиот колега – пилот Ендрју Ферингтон кој беше дел од истиот „невозможен потфат“, тоа не му успеа, но сепак, безбедно, со падобран се спуштил на земјата.
Аткинс и Ферингтон се обиделе над пустината во сојузната американска држава Аризона, за прв пат да изведат еден крајно опасен потфат – во текот на летањето да си ги заменат авионите.
Двајцата полетале со два мали авиони од типот „Цесна 182“ и кога се искачиле на височина од 4000 метри, ги насочиле двете летала на синхронизирано понирање кон земјата – исклучувајќи ги авионските мотори. Веднаш потоа, во исто време обајцата скокнале со цел да се приближат сосема до спротивниот авион за да се префрлат во него, за да ја преземат контролата врз другиот авион и безбедно да атерираат.
Аткинс успешно преминал во другиот авион, ги презел неговите команди и безбедно слетал на земјата. Неговиот подвиг бил сниман со камера и директно пренесуван преку интернет низ светот.
Другиот пилот Ферингтон, меѓутоа, се соочил со проблеми и не можел да влезе во авионот со кој полетал Аткинс. Кога се приближил до леталото, тоа наеднаш почнало спирално да паѓа, па го активирал падобранот и така се приземјил.
„Сите бројки и математички анализи упатуваа на тоа дека се ќе биде во ред и дека можеме да успееме. Но нешто се случи со другото летало. Сепак, најважно е дека докажавме оти тоа е возможно и ја преминавме границата на можното и на неможното. И, над, најважно е дека и двајцата сме живи и неповредени“ – рекол Ферингтон.
Леталото кое требаше да го спушти на земјата Ферингтон имало сигурносен механизам и откако тој не успеал да влезе во него, се активирал падобранот кој го спуштил малиот авион на земјата. Сепак, при таквото атерирање малата „Цесна“ се оштетила.
Двајцата се членови на тимот „Ред Бул Ер Форс“, каде важат за најдобрите и најискусните пилоти и падобранци