Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

„Путин (практично) го призна Косово“

ToskanaInc/Depositphotos.com

„Путин (практично) го призна Косово“

Рускиот претседател Владимир Путин изјави во Москва дека „Луганск и Донецк го имаат истото право (на независност) како што тоа право еднаш го искористи Косово“.

Во разговорите што во Кремљ ги имаше со генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш, Путин инсистирал на тоа дека овие два украински региони „станале независни врз основа на направениот преседан на Меѓународниот суд за правда, при одлучувањето за Косово“.

Односно, врз основите на одлуката на Судот (за косовскиот случај), во врска со остварувањето на правото за самоопределување иа определена територија – на било која држава – за тоа дека не е задолжително претходно да се бара согласност од централната власт за да се прогласи сувереност.

Според Путин овие две, како што тој ги нарекува „народни републики“ ги користат истите права, како и Косово, да се изјаснат за суверени, кога преседанот, како што рекол, еднаш бил направен.

Статусот на Луганск и Донецк

Украинските региони Луганск и Донецк, во источниот дел од државата, сместени покрај самата граница со Русија, уште во 2014 година, по првата руска агресија кога беше освоен и анектиран Крим, се отцепија од Украина после од Москва потикнатиот бунт на локалните, проруски сепарати и прогласија независност. Од тогаш, тие два региони се прогласија за „Луганска народна република“ и за „Донецка народна република“ – одлука која руската страна ја прифати, но не ги призна како независни држави.

Руските медиуми под контролата на Кремљ, меѓутоа, веднаш почнаа во сите свои информации, регионите да ги третираат како да се посебни меѓународно – правни субјекти.

Украинците ги сметаат и сега за окупирани територии, за чиј статус требаше дополнително да се преговара, врз основата на договорот „Минск 2“ кој пропадна, затоа што ниту Киев, но ниту Москва не се согласуваа да се работи на неговата реализација, иако за тоа еднаш се имаат согласено.

Непосредно пред започнувањето на руската инвазија, од 24 февруари, Путин еднострано, го прогласи договорот од Минск за „мртов документ“ и ја прзна „независноста“ на регионите, на територијата колку што сепаратистичките бунтовници успеаја да освојат во борбите со украинската армија пред осум години.

„Правно толкување“

Двата региони се многу поголеми и сега, во борбите во Источна Украина, руската армија и локалните бунтовници, практично, настојуваат целосно да завладеат со територијата, за која Москва, со одлуката за признавање на „државноста“, си даде мандат да ја освојува, или како што велат Русите – да ја “ослободува“.

На Гутереш, затоа, рускиот претседател му дал свое „правно толкување“ на ситуацијата, уште и споредувајќи го тоа со Косово и со неговото прогласување независност, во февруари 2008 година. Откако генералниот секретар на ОН, претходно, ја осудил инвазијата врз Украина, како груба повреда на меѓународното право што никој не може да го прифати и да го признае.

Никој не споменува што на тоа реплицирал Путин, но во изјавата по разговорите, тој рекол дека Москва останува спремна за дипломатско разрешување на ситуацијата. Уште порачувајќи дека на разговорите во Истанбул “бил постигнат напредок, но дека сето тоа застанало по случајот со местото Буча” за што руската страна и натаму тврди дека станува збор за „украинска провокација“.

Загриженост во Белград

Изјавата на Путин и неговото споредување на Косово, како модел за руското прифаќање на самостојноста и државноста на Луганск и Донецк – предизвика збунетост и загриженост во Белград.

Особено што на Русија не и прв пат да го ползува косовскиот случај за да ги оправдува своите воено – политички потези на просторот на некогашниот СССР и со анексијата што веќе ја направи, со присвојување на украинскиот полуостров.

Колку за потсетување – со договорот на Украина и Русија за меѓусебно признавање од 1991 година – Крим остана да биде дел од украинската државна територија и тоа Русија го има прифатено, како што ја призна новата независна држава Украина на просторот на кој до тогаш се простираше поранешната советска република – вклучувајќи ја и цела Источна Украина.

Територија која сега забрзано, преку воена инвазија, Русија настојува на брутален начин да ја окупира и да ја присвои – наводно за да се спречел „геноцид“ врз тамошното руско население.

Признание на косовската самостојност

Официјален Белград, меѓутоа, нема јавно реагирано, верувајќи и натаму на Москва и на силната поддршка што и ја пружа во меѓународните форуми, како и на специјалните и стратешките врски меѓу двете земји. Дипломатски експерти во српскиот главен град, пак, оценуваат дека изјавата на Путин, таква каква што ја пренесуваат руските државни агенции, значи дека рускиот претседател ја признава самостојноста на Косово.

„Владимир Путин, практично, има речено дека тој ја признава косовската независност и сето она што досега го има направено Косово“ – има речено Среќко Ѓукиќ, член на Форумот за меѓународни односи во Белград, додавајќи дека рускиот претседател тоа и го потврдува признавајќи го „преседанот како дел од меѓународното право“.

Освен тоа, овој експерт, инаку поранешен дипломат, потсетува дека Путин и во 2008 година, се повика на „косовскиот случај“ кога одлучи да ги признае за независни држави областите Абхазија и Јужна Осетија, што се отцепија од Грузија, воспоставувајќи со нив и дипломатски односи.

„Одлучен чекор на Москва“

„Со овој потез, Русија веројатно, го направи одлучниот чекор кон признавањето на Косово и на тој начин ги олесни позициите на САД и на ЕУ и на целиот Запад, во нивното настојување да се затвори косовското прашање” – има речено овој експерт

Тој во оваа прилика ја осудува досегашната” слепа доверба“ на Србија во Москва, врз основите на определбата за „два стола“ што, стар – новата власт во Белград и сега настојува да ја одржува во живот, иако е изложена на силен притисок и на Западот и на Истокот (Русија) да се откаже од таквата политика.

Српските русофили чие влијание се шири и на поширокиот балкански регион, преку пласирањето на руската пропаганда, побрзаа да ги одбранат Москва и Кремљ од нив самите. Српската проруската партија „Заветници“ која за прв пат влезе во Парламентот, ги обвини „оние кругови во Србија“ кои „сакаат да ја поткопаат руската поддршка за Србија“. Цитирајќи го притоа амбасадорот на Русија во Белград.

(Д.Б.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Западен Балкан

Горе