Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Макрон: неомилен изборен победник

gints.ivuskans/Depositphotos.com

Макрон: неомилен изборен победник

Трет пат, едно по друго, Французите и Франција на претседателските избори требаше да се определуваат против ултра – десницата и национализмот, наспроти традиционалните француски, демократски вредности. И, тие и по трет пат се определија на вистинската страна – за вредностите на државата, а против популизмот и десничарењето.

Десничарката Марин Ле Пен настојуваше да им се продаде на гласачите како „добра француска мајка“, набрзина преобратена во некаков умерен еврофил, или како загрижена Французинка, а по се што имаше направено и правеше, таа и овој пат беше во служба на рускиот претседател и на неговите планови – со помош на европските ултра – десничари, да ја разнебити ЕУ.

Но, уште еднаш доживеа да биде поразена. По втор пат од Емануел Макрон.

Победа на Франција и Европа

Победата беше означена како француски избор за 21 век и како можност да се тргне со изградбата на една поинаква, повеќе интегрирана ЕУ. Се смета дека Макрон со новодобиениот петгодишен мандат има можност, конечно, да го направи она што го одлагаше во неговите првите пет години во Елисејската Палата – во креирањето на преуредена Европска унија, која добива облици на федерална заедница на држави.

Едноставно, Французите добро знаат дека само преку ЕУ, нивната држава може да си дозволи да биде она што беше во 18 и во 19 век – една од светските сили.

На тој пат, некој париски медиуми сметаат дека не секогаш Франција наидува на разбирање во Берлин. Барем во онаа Германија со која раководеше Ангела Меркел, која не секогаш имаше разбирање за идеите на Макрон, за кого беше јасно дека настојува да наметне поголема улога за Франција и за Париз од онаа што таа ја имаше изминатата деценија и половина.

Од друга страна, има мислење дека повторниот избор на Макрон не треба да се врзува за визионерството и за тоа како треба да изгледа ЕУ, туку за француските внатрешни состојби, за поделеното општество и за социјалниот гнев кој тлее со години, што една популистка, каква што е Ле Пен се обиде да го злоупотреби за потребите за својата идеологија.

Обединети против ултра – десницата

Таа успеа да привлече повеќе гласачи за себе отколку во 2017 година, врз основата на незадоволството на долниот дел од средната класа, на т.н. обични луѓе (вработени во образованието и здравството, во јавниот сектор) кои сметаат дека претседателот се грижи само за неолибералната елита.

Но, кога требаше да се избира меѓу него и ултра – десницата, француските гласачи – и оние од лево и оние од десно – се обединија за да се поразат ултрашите и за да се одбрани државата каква ја сакаат повеќето Французи.

Тие се спротивставија на Ле Пен која (практично) го претставуваше она што го бранат европските десничари – како оние на Западот, оние во екс комунистички земји од Средна Европа, така и нивните истомисленици во Западен Балкан – авторитарноста и национализмот, омразата наспроти либералните демократски вредности, а сега и путинството и русофилството.

На овие кругови ништо не им значат сувереноста и вистинската демократија. Ним им се потребни лидери и водачи, како и раководење со декрети и наредби, авторитарност и конзервативизам, па затоа сега го оплакуваат поразот на Ле Пен – од Париз се до регионот на Западен Балкан. Вклучувајќи ја и ултрашката, македонска опозициска десница, која навива за Орбани и Јанши и смета дека Путин има право да ја освојува, уништува и парчосува Украина. Киев требало да биде покорен кон Москва – сметаат овие кругови и во Скопје!

Еврофил и центрист

Ле Пен, перфидно, се обиде – поинаку од досега – да ја нападне ЕУ против која со години војува, затоа што Унијата и пречи на нејзината мрачна идеологија.

Овој пат зборуваше дека не е против ЕУ, ниту против еврото, но затоа ги критикуваше односите со Германија, постојано провоцирајќи го Берлин во кампањата. Таа знае дека ако се растури француско – германската врска – нема да има ниту ЕУ, онаква каква што е сега и каква се замислува дека треба да биде. Таа Европа – неединствена и разединета – ќе биде она што го посакува Москва, па за тоа дава пари за партии и движења каква што е десничарската партија на Ле Пен.

Французите, меѓутоа, му дадоа мандат на Макрон – силен еврофил, центрист според политичките уверувања уште и претседава со ЕУ, од јануари до крајот на јуни годинава. Затоа се смета дека тој може уште веднаш да ја реализира својата визија за Европа.

На првата следна седница на Европскиот совет (на лидерите на земјите членки на ЕУ) треба да се расправа за заедничката европска одбрана, за исто таквата надворешна политика и за (макроновата) заложба за реформа на системот на гласање во Унијата – наместо сегашниот консензус.

„Арогантен технократ“

Европа, која со олеснување го прими крајот на француските претседателски избори, забележува дека Франција поинаку го пречекува Макрон на почетокот на неговиот втор мандат. Ако во 2017 година, тогаш непознатиот политичар, без некое поголемо искуство, го пречека со надеж дека тој млад човек ќе биде спремен за реформите какви и се потребни на неговата земја, сега го пречекува длабоко поделена и без некакви чувства кон него.

Впечаток е дека француските гласачи не ја сакаат Ле Пен која веќе им е здосадена, па се определија за Макрон како за помалото „зло“ од ултрашката, преадаптирана да биде некаков „народен трибун“. Но, старо – новиот претседател не го сакаат. За неговите претходници – Саркози и Оланд – се правеа шеги, најмногу поради нивниот приватен живот и љубовните афери, за Макрон се зборува само како за – арогантен технократ.

Таквото негово отсликување, велат,  за малку, ќе го чинеше изборен пораз. Уште повеќе што на домашен терен постојано се соочуваше со проблеми.

Во 2018 година бунтот на „жолтите елеци“ ги запре двете негови реформски иницијативи – за реформи на пензискиот систем и на законот за работни односи кој сите го бараат, но никој не се осмелува да се зафати со него. Иако уличните, насилни протести, тргнаа како отпор на планот за дополнително оданочување на дизел горивото.

Должник на Западен Балкан

Кога социјалните тензии попуштија, избувна пандемијата со коронавирусот.

Но, од неа Макрон излезе како победник, затоа што Франција се избори за висок процент на вакцинираност, болниците не се преполнија и не дојде до колапс на јавното здравство, како во Италија и Шпанија, на пример, а со интервенциите во економијата, земјата остана далеку од кризата која ја имаа другите на Западот.

Сега се соочува со војната во Европа, но тоа е битка која треба да ја избори со цела ЕУ и со другите на Западот. Остана да биде единствениот што остави отворена линија со рускиот претседател, за што го критикуваа дома,  но и некои во Унијата, како Полска, на пример.

Останува сега да се подготвува за јунските парламентарни избори и да го доврши мандатот како претседавач на ЕУ. Притоа и да ги исполни очекувањата на Западен Балкан. Пред се, на Северна Македонија и на Република Албанија, блокирани на нивниот европски пат поради национализмот на Софија кон Скопје.

И, на тој начин да покаже дека може да биде замена за Ангела Меркел, како лидер на Европа. Нешто што го посакуваат и оние Французи кои не гласаа за него.

(П.Ф.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе