Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

„Прашање е дали Русија ќе помага за Косово“

"Policy Talks @ the Ford School: Christop" (CC BY-ND 2.0) by University of Michigan's Ford School

„Прашање е дали Русија ќе помага за Косово“

Новиот американски амбасадор на САД во Република Србија Кристофер Хил изјави дека „Белград би требало добро да размисли околу тоа дали Русија ќе помага околу Косово“, врзувајќи го ова прашање со одлуката на српските власти за воведувањето санкции кон Москва.

Србија е единствената земја во Европа, која заедно со Босна и Херцеговија (поради противењето на српската енклава Република Српска и на нејзиниот проруски лидер) нема воведено санкции кон Русија, поради нејзината инвазија врз Украина.

Во разговор за „Гласот на Америка“, Хил рекол дека САД и ЕУ очекуваат Србија да се приклучи кон санкциите против Русија, но инсистирал дека тоа е, сепак, одлука која мора да ја донесе Белград, како и дека никој не притиска за една таква одлука. Сепак, американскиот амбасадор не одговорил дали ќе има последици за американско – српските односи доколку српската страна остане на својата сегашна позиција – да не воведува санкции.

„Страв од руска одмазда“

Официјален Белград се брани дека таквата позиција е дел од настојувањето земјата да остане „неутрална“ (?) во однос на војната на Истокот од Европа.

Според проевропските белградски медиуми, меѓутоа, тоа на властите им е потребно за да ја оправдаат политиката која европската политичка јавност ја означуваат како – „седење на две столчиња“. Овие медиуми за таквата политика, пак, тврдат дека по руската агресија и војната, таа е надмината и пропадната.

Од друга страна, постојано се зборува и се предупредува дека (може да уследи) руската одмазда – со запирање на испораката на гас (и нафта), како и дека земјата ќе останела без греење, а индустријата без енергија.

Но, дури и во Белград се помалку се верува во силината на еден ваков аргумент, па се смета дека овде повеќе станува збор за позиционирањето на домашната политичка сцена и за стравот од силно распаленото русофилство, што сега и се одмаздува на власта.

Санкциите за Москва, според политички експерти, затоа не се повеќе прашање на храброст (на српскиот политички врв и на земјата), колку што се работа за реална проценка. А, тоа е дека доколку се остане на сегашната позиција, Западот би можел да воведе посредни санкции за Србија, затоа што „Газпром“ е мнозински акционер во главната српска нафтена компанија НИС, а рускиот партнер веќе е под санкции.

Назад во историјата, или одење напред

Сепак, најмногу оправдување за одлагање со санкциите, е „стравувањето дека Русија нема повеќе да ја заштитува српската стратегија за непризнавање на независноста на Косово“.

Околу ова во Белград работите се поларизирани, но поголемиот дел од јавноста и натаму верува во она што го продаваат русофилските кругови (Социјалистичката партија на Србија, а сега и низа мали антизападни и националистички партии кои влегоа во Парламентот) – дека” само сојузот на Белград со Москва може да го сочува Косово да остане српско“.

Амбасадорот Хил, затоа, има речено дека Србија треба одново добро да размисли, доколку навистина верува дека Русија ќе и помогне во решавањето на косовското прашање. Тој смета дека врз основите на српската перспектива за влез во ЕУ, земјата уште сега треба да се однесува како членка на Унијата и да им се приклучи на санкциите.

Сугерирајќи притоа потреба за покренување на (замрените) преговори со Приштина, колку и да се тие тешки. Американскиот дипломат затоа порачува дека државата не треба да настојува да се остане заглавена во сегашнината, туку да се движи во времето кога и Србија и нејзините луѓе ќе живеат подобро.

НАТО за поголема безбедност

Што се однесува до рускиот фактор, кога станува збор за Косово, Хил рекол дека Белград не би требало да гледа на Русија (како заштитник и поддржувач), туку секоја ситуација да ја гледа и да ја цени посебно.

Особено што Русија, по инвазијата и војната, толку многу се има оддалечено од „меѓународното достоинство и од западните вредности“, што за сметањето на некаква руска помош за Косово, ќе треба – одново многу добро да се размисли.

Според американскиот амбасадор за Србија нема веќе дилема за тоа во која насока ќе оди – кон Истокот, или кон Западот – затоа што постои само еден правец и тој треба таа самата да го определи.

“Русија сега тешко дека било кому може да му биде земја – модел и држава која треба да се избере за пријател или за сојузник“ – рекол Хил. Притоа, сугерирал дека Белград би требало да се приклучи кон НАТО.

„Во 21 век е многу тешко да се купува воена опрема – малку од едната страна, малку од другата – и да се верува дека се задоволени безбедносните потреби на земјата. Најдобро е, затоа, влегувањето во една заедничка безбедносна структура“ – рекол амбасадорот на САД во Белград, Кристофер Хил.

(Д.Б.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Западен Балкан

Горе