Најскап е животот во Словенија, а најевтино е во Македонија
Порталот „Нумбеоа“ ја има објавено својата најнова годишна листа на најскапите и најевтините држави за живеење во светот.
Листата се прави врз основа на пресметките на трошоците за стан и домување, за облекување, за храна и превоз, за интернет и за комунални услуги. При обработката на податоците за секоја земја се земаат во предвид и трошоците што граѓаните ги имаат за купување на основните животни намирници, но и низа други параметри за да се определат – најскапите и најевтините земји.
Според овие параметри на овој портал – излегува дека најскапа е живејачката на Бермудските острови и во Швајцарија, како и во Норвешка и Исланд.
Данска и Луксембург пред сите во ЕУ
Од земјите членки на ЕУ, најскапо е да се живее во Данска, па потоа во Луксембург – мало кнежевство со највисок БНП по глава на жител во Европа, како и во Ирска (пред повеќе од четири – пет децении една од најнеразвиените европски држави) и Холандија.
Франција е рангирана како 19 – та според трошоците за живот, пред Финска, Белгија, Шведска и Австрија, кои имаат поскапа живеачка од земји какви што се САД и Велика Британија. Овие две економски сили, пак, имаат повисоки трошоци за живеење од Италија, сега третата економија во ЕУ и од Германија – првата економска сила во Европа – која е рангирана како 34 – та.
Од земјите во поширокиот регион и од Западен Балкан, прва е Словенија, рангирана како 45 – та, која на тој начин излегува дека во „дежалата“ е поскапо да се живее отколку во една Шпанија, но и отколку во Чешка и Словачка, како и од Португалија и од сите три земји од Балтикот. Хрватска е рангирана на 59 место и од ваквото рангирање излегува дека таму е поевтина живејачката отколку во Грција, која годинава е на 41 место.
Балканот поевтин од Европа
Црна Гора е на 87 а веднаш до неа е Бугарија на 88 место.
Според оваа табела, Србија е 94 – та, а Босна и Херцеговина е рангирана како 96 – та. Пред Албанија која е на 99 и Русија на 101 место. Веднаш до неа е Романија која се покажува како најевтина за живеење од сите земји – членки во ЕУ.
Република Северна Македонија, пак, е на 118 место и на тој начин е земја со најниски трошоци за живот, споредено со сите другите во поширокиот и потесниот круг држави во овој дел од Европа.
На дното на глобалната листа од 140 држави се Индија, Авганистан и Пакистан. Како 134 – то е рангирано Косово, но бидејќи не се третира како земја членка на ОН, означена е како независна територија за која има меѓународен спор.