Поврзете се со нас

Skopje Global

Вести

Кремљ го премолче извинувањето на Путин

demerzel21/Depositphotos.com

Кремљ го премолче извинувањето на Путин

Рускиот претседател им се извини на Израелците и на Евреите за историски неточната и неодмерена изјава на министерот за надворешни работи Сергеј Лавров, за тоа дека нацистичкиот фирер Адолф Хитлер имал “еврејска крв“.

Во соопштението на кабинетот на израелскиот премиер Нафтали Бенет се вели дека Владимир Путин се извинил во телефонскиот разговор што го имал со Бенет. Соопштение за разговорот на двајцата политичари има објавено и Кремљ, но во службената информација од Москва е премолчено извинувањето на Путин.

Сепак и така, станува збор за мал преседан, затоа што колку што се знае, ова е досега редок случај, ако не и единствен за кој се знае, Путин некому и за нешто да му се извини. Уште и за гаф на еден свој министер и исклучително близок и лојален соработник.

Лавров го разгневи Израел

Во разговорот за италијанската телевизија, на почетокот од овој месец, Лавров се обидувал да ја одбрани приказната на Кремљ за „денацификацијата“ како цел за која била покрената инвазијата врз Украина. При тоа рекол дека еврејското потекло на претседателот Володмир Зеленски не го доведува во прашање ставот на Путин дека Украина „ја предводат нацисти“.

Според долгогодишниот шеф на руската дипломатија, можеби Зеленски е Евреин, но и „Адолф Хитлер исто така имал еврејска крв“, па ги има направено сите оние злосторства во текот на Втората светска војна.

„Тоа што Зеленски е Евреин, не значи ништо. Мудрите Евреи имаат речено дека често пати – најгласните анти – семити, всушност биле самите Евреи“ – рекол Лавров во интервјуто.

Побарано и добиено извинување

Ваквиот коментар на рускиот министер предизвика бурна и гневна реакција во Израел и меѓу еврејската заедница насекаде низ светот, но и осуда на меѓународната заедница. Изјавата дојде на само еден ден по одбележувањето на денот на Холокаустот, па израелскиот премиер Бенет и шефот на израелската дипломатија, како и главниот рабин на Израел побараа од Москва јавно извинување.

Нацистичка Германија во текот на Втората светска војна има ликвидиран – најмногу во концентрациони логори – шест милиони Евреи. Затоа, израелскиот премиер остро реагираше, забележувајќи дека “лагите и измислиците (на Лавров) имаат за цел да ги обвинат Евреите дека самите се виновни за најголемите злосторства во историјата“.

Во соопштението од кабинетот на Бенет се вели дека израелскиот премиер го прифатил извинувањето на Путин, како и тоа што го разјаснил (својот став) кон еврејскиот народ. Руската страна, меѓутоа, во своето соопштение двајцата лидери разговарале за Холокаустот, но воопшто не се споменува путиновото извинување.

Ваквиот гест на рускиот претседател, во време кога е длабоко „заглавен“ во војната во Украина, за чие покренување се измислија низа „оправдувања“ – сите без никакво значење, затоа што инвазијата не може да се оправда – доаѓа после две изјави на Москва за коментарите на Лавров.

Кавгаџиски изјави на руското МНР

Во првата на руското МНР, се брани министерот и практично се повторуваат неговите, најблаго речено, неумесни коментари. Во изјавата на министерството се нападна Израел дека (со острите коментари за осуда на Лавров), се подржува неонацистичкиот режим во Киев!?

Во втората, се огласи воинствената портпаролка на министерството Марија Захарова која им возврати на Израелците дека платеници – Евреи се борат на страната на украинската крајно – десничарска единица Азов, што уште повеќе ја зголеми нервозата во израелско – руските односи.

Официјален Ерусалим ги отфрли ваквите обвинувања, објаснувајќи дека ако и има Израелсци на украинската страна, тоа се локални луѓе, а не некои кои се дојдени од Израел.

Припадниците на групата Азов, по инвазијата се борат со украинската војска против Русите во Источна Украина и тие се дел од отпорот во Мариупол, во челичарницата Азовстал. Руската страна за нив вели дека се нацисти, а изјавата на Лавров ја заголеми напнатоста, затоа што таа е насочена против украинскиот претседател – инаку Евреин по потекло.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Вести

Горе