Историски успех на Шин Феин во Северна Ирска
Северноирската републиканска и католичка партија Шин Феин, освои најмногу гласови на изборите за Собранието на Северна Ирска – Стормонт – во Белфаст, победувајќи ја партијата ДУП на локалните унионисти и протестанти.
Станува збор за историски успех на оваа – Сеирска партија – и за настан од вистинско, историско значење за британската покраина на северот од ирскиот остров, затоа што за прв пат по 100 години, една партија на локалните католици доби најголема поддршка од гласачите.
Шин Феин освои 27 пратенички места во Собранието на покраината, додека досега мнозинската ДУП, која 20 години доминираше во политичкиот живот има 24 пратеници.
Католички прв министер во Белфаст
Според ваквата изборна разврска, партијата Шин Феин треба да ја добие функцијата прв министер на Северна Ирска, а унионистите од ДУП ќе го даде заменикот на првиот министер во идната заедничка влада на покраината. Според мировните договори, владата во покраината секогаш мора во своите редови да ги вклучува протестантите и католиците, при што прв министер се определува од партијата која на изборите ќе освои најмногу гласови.
Шин Феин, со својот успех направи историски политички исчекор во покраината, во која до мировниот договор од Велики петок во 1998 година, католиците и протестантите војуваа 35 години, при што загинаа десетици илјади лица.
Меѓутоа, локалните аналитичари во Белфаст, како и оние во Лондон, оценуваат дека вистински победник е партијата Алијанса. Таа од маргинална партија на претходните избори во 2017 година, стана трета политичка сила во покраината, добивајќи 17 пратенички места.
Силен пробив на центристите
Алијанса е големо освежување во тврдата политичка поделба во Северна Ирска, затоа што нуди центристичка линија и не се идентификуваат ниту со националистите – католици, а ниту со унионистите – протестанти.
Шин Феин, некогашно политичко крило на паравоената и терористичка ИРА, остана на позицијата за обединување на Северна Ирска со Ирска, или со Југот, како во политичкиот жаргон се нарекува Република Ирска. Но, со мирни средства, што е ориентација по мировниот договор од пред 24 години.
Демократската унионистичка партија (ДУП), пак, е за останување на покраината во рамките на Велика Британија и е партија на локалните протестанти и ројалисти.
Во секој случај, успехот на Шин Феин и на Алијанса покажува дека унионистите, постојано ја губат поддршката кај гласачите, што е видливо по смртта на основачот на партијата, поранешниот презвитеријански свештеник Ијан Пејсли.
ДУП ги блокира преговорите
Изборниот процес, меѓутоа, не ги разреши проблемите на локалната политика и влада, кои траеја низ целиот петгодишен мандат, во кој ДУП имаше само еден пратеник повеќе во Стормонт.
Унионистите и сега, веднаш по соопштување на резултатите, наместо да започнат преговори со Шин Феин за нова влада, соопштија дека нема да се преговара се додека Лондон и Брисел не се спогодат околу т.н. северноирски протокол, за специјалниот статус на покраината – што се врзува за спогодбата за Брегзит и британското напуштање на ЕУ.
Во типичен балкански (и македонски) манир, унионистите на самиот старт го блокираа постизборниот процес и создавањето влада, која Северна Ирска ја нема долго време. Во таквите интервали на блокирање на политиката и на инатењето на Северноирците – протестанти и католици – Северна Ирска се става под директна управа на Лондон.
Најверојатно тоа и сега ќе се случи, откако британската влада се огласи со објаснување дека (нов) протокол за Северна Ирска е итно потребен – за да се ослободи политичкиот процес во покраината.
Севернорците во голем број гласаа против Брегзит, а по напуштањето на ЕУ католиците се согласуваат со посебниот статус околу извозот и увозот на стоки – за и од Република Ирска, преку територијата на покраината.
Старо – нови сомнежи
Ваквиот однос на националниот политички блок ги плаши унионистите кои и по овие избори тврдат дека создавањето „граница на Ирско Море“ е почеток на обединувањето на Северот со југот на Ирска и отцепување од Британија. Иако е тоа само симболична линија, за да се каже дека контролата на стоките ќе се обавува на северноирска територија, наместо на класичено поставен граничен премин.
Во Брисел велат дека тој дел од договорот за Брегзит не е направен за да ја поремети мировната спогодба од Велики Петок, туку само за да не се создаде тврда гранична линија меѓу двата дела на поделениот остров. Сега кога Британците самите решија да заминат од ЕУ и на тој начин – да создадат криза на ирскиот остров.
Северна Ирска не е посебна држава, туку само дел од територијата на Обединетото кралство.
Создадена е како покраина во британски состав во 1921 година, по преговорите на ирскиот лидер Мајкл Колинс и тогашниот британски премиер Дејвид Лојд Џорџ, околу давањето независност на Ирска. Британците се согласуваат на тоа, но доколку шест области од североисточниот дел од островот (Алстер) останат британска територија. Затоа што таму мнозинското население и тогаш биле протестанти.
Колинс го прифатил тоа за да Ирска, после 700 години под британска власт, може да стане независна држава.
(Д.Л.)