Поврзете се со нас

Skopje Global

Ukraine war

Едиторијал

Нема крај на војната

ponomarencko/depositphotos.com

Нема крај на војната

Европа ја одбележи победата над нацизмот и фашизмот од пред 77 години и денот на поствоеното помирување и обединување, што ЕУ го прославува како – денот на Европа.

Во Москва, пак, се прославуваше 9 Мај- Денот на победата- со воена парада и со говор на рускиот претседател кој при тоа  поврза нешто што никако не се поврзува. Поразот на нацистичка Германија во Втората светска војна и победата на сојузничките сили и на советската Црвена армија,  со сегашната воена инвазија на руската војска врз Украина и војната што Владимир Путин им ја наметна на соседната земја, на европскиот континент и на светот.

Имаше бројни навестувања и шпекулации што ќе се случи на овој ден. Русија да прогласи општа мобилизација и да покрене тотална војна, за да се натера Украина на капитулација. Или, пак, Москва да навести ескалација на судирањата и да прогласи победа на фронтот.

Ништо од тоа, во понеделникот, не се случи.

Оправдување на агресијата

Во својот говор, Путин пред руската јавност одново настојуваше да ја оправда агресијата која донесе толку многу зла во соседството , обвинувајќи ги сите за она што се случи и се случува, само не Русија .

Одново главните виновници- како и секогаш – се Америка и НАТО, а сега и власта во Киев, без секаква основа обвинувајќи  ја Украина  за (наводниот)„ неонацизам“. Војната против Украинците, затоа, ја означи како ( нова)  „татковинска војна за Русија“ но , после се што рече, не најави и крај на војната.

Наместо тоа, рускиот претседател само  продолжи со дисквалификација на противникот на фронтот, со обвинувањата кои се слушаат уште од пред 24 февруари, а особено по инвазијата, за тоа дека Украина била „преземена од фашисти, ултра-националисти и нацистички симпатизери“ , па дека затоа интервенцијата била неизбежна за да се спасувала- мајка Русија.

Прв пат зборуваше за жртвите, потврдувајќи  дека руската страна има загуби на фронтот, иако без да  даде некакви детали. Последната бројка на министерството за одбрана во Москва беше дека Русите имаат 1350 загинати војници, но станува збор за податок од пред шест недели.

Од тогаш нема ништо ново, иако од она што го спомена – одавајќи им почит на жртвите и на ранетите и ветувајќи компензација за нивните семејства – претпоставка и тоа мошне веројатна е дека руската војска има околу 40 илјади војници кои се – надвор од стројот. Сметајќи ги заедно убиените, ранетети и дезертираните војници.

Споредување на неспоредливото

Токму со овој податок може да се објасни и постојанто настојување на Путин да ја оправда својата воена агресија и распалената војна, за која (сега е многу јасно)  не очекуваше дека вака ќе се развива и уште дека ќе трае осумдесетина денови. Не зборувајќи овој пат за „специјална воена операција“ – што претставува изненадување- но и не квалификувајќи го она во Украина како војна, рускиот претседател постојано правеше паралела меѓу ова сега и операциите во Втората светска војна.

Впечаток е дека на тој начин сакаше да ја покрене и да ја мобилизира руската јавност, со патриотизмот и со потсетувањето на херојството на жртвите во војната со Адолф Хитлер и со германскиот нацизам. Тое , очигледно, му е потребно на Путин за да ја зголеми подршката за војувањата на украинската територија која – како изгледа- ни од далеку не е толку висока како што тврди  официјалната пропаганда.

После говорот на шефот на државата, уследи дефиле на неколку илјади војници на Црвениот плоштад, иако се вели дека ги имало помалку од минатата година. Притоа, целата нова тешка артилерија и разните тенкови и самоодни оклопни возила беа ставени на показ, презентирајќи ја нивната моќ и убиственост.

Нема „План Б“ ?

Меѓутоа, во последен час беше откажано најавеното „шоу“ на военото воздухопловство и посебно на специјалниот команден авион за „Судниот час“ , со кој требаше да се одржува „во живот“ заканата од можна употреба на нуклеарното оружје. Откажувањето, наводно, било поради неповолните временски услови.

Како и да е, се очекуваше да се најави и брза победа на Русија на украинскиот фронт. Европски и руски експерти предвидуваа дури тоа да се случи во следните неколку денови, со испраќање нови воени сили, но тоа го немаше во говорот, а  засега го нема ниту  како навестување. Исто онака, како што нема ниту „План Б“ за да може да се каже дека 9 Мај е вистински ден на победата.

Сето тоа, сепак, не значи дека нешто од ова нема да се најави и да се направи во следните денови, или недели. Сега, кога е јасно дека нема никаков знак, или некакво навестување што би водело кон завршување на инвазијата, повлекување на руските сили и крај на војната.

Едноставно, не се знае што треба да се очекува после парадата и по славењето на Денот на победата, во услови на агресија против една суверена  држава. Затоа што и  понатаму останува дека   само Владимир Путин знае што ќе се случува и до кога сето ова ќе трае.

„Интегрирање кон Русија“

Тоа значи дека е можна  и мобилизација, од која стравуваат и Русите , затоа што ќе бидат опфатени со неа. Можна е и ескалација на непријателствата- за да се покори Украина и по тоа-  да се прогласи победата која се „брка“ по секоја цена. Победата која му е потребна за да може да се извлече од војната што ја има предизвикано- без да изгледа дека е поразен.

Во овој случај, меѓутоа, не се знае што значи  победа за рускиот претседател.

Постојат неколку опции околу тоа- од капитулација, до покорување на Украина. Од запоседнување на целиот источен дел на земјата, вклучувајќи го и југот, до поврзување со Придњестровје во Молдавија.

Новите проруски власти во градот и областа Хершон, на пример, веќе зборуваат  дека немаат намера да прават „рефередндум“ како оној (на брзина изведен) , на Крим, во пролета 2014 година . Тие зборуваат за тоа  дека „постепено ќе се ИНТЕГРИРААТ во територијата на Русија“.

Во исто време, Путин од Москва  прати две пораки. Едната е дека не сака глобална војна, што се смета како силна порака, а втората дека – во случај на детални преговори- за иднината на Украина- би бил задоволен да ја добие контролата врз Донбас.

Пораки и сигнали

Украинската страна , веќе од порано има прифатено воено неутрален статус на Украина и откажување од членството во НАТО, како и од поседувањето било какво оружје за масовно уништување, но за сето тоа бара безбедносни гаранции од меѓународните партнери.

Володмир Зеленски  продолжува да зборува дека нема откажување од ниту едно парче од украинската територија, тврдејќи дека тој е претседател на цела, а не на половина Украина. Сепак, забележливо е дека украинскиот претседател, притоа,  не го споменува полуостровот Крим.

Освен тоа, американскиот претседател Џо Бајден, при последното доделување помош за владата во Киев, патем, спомена дека средствата (за помагање) се веќе при крај. Германскиот канцелар Олаф Шолц има  речено дека ЕУ не е во војна со Русија, додека францускиот претседател Емануел Макрон- на Денот на победата- порача дека „ќе и требаат децении на  Украина за да стане членка на ЕУ“.

Сите овие  може да се означат како пораки за Киев,  за потребата да почне да се размислува и за завршување на војувањето. Но , ова може да значи и праќање сигнали до Москва. Посебно што францускиот претседател, претходно, разговараше телефонски со рускиот, А, за него се знае дека  е непријателски расположен кон Унијата и нејзиното ширење, исто толку колку што е и кон проширувањето на НАТО.

(Спектатор)

 

 

 

 

 

 

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Едиторијал

Горе