„Разбојништво на Вартоломеј кон СПЦ“
Веста од Вселенската ( Цариградска) патријаршија- за прогласувањето на МПЦ-Охридска Архиепископија- за канонска, помесна црква- е значајна и голема работа за црквата во Македонија, за македопските православни верници, за Република Северна Македонија- од религиозно-црковен, но и од политичко-национален аспект.
Станува работа за вест која се чекаше со децении, затоа што одлуката на вселенскиот патријарх Вартоломеј значи и (конечно) излегување на цркавата од изолацијата во која беше ставена и влегување на нашата црква во редот на другите православни цркви- на рамноправна основа.
Вартоломеј во своето послание го нарекува поглаварот на МПЦ- Охридска Архиепископија како- „брат Стефан“ и го изедначува со другите од православното братство, иако сето ова се уште не значи и признавање на автокефалност на црквата, како што тоа пред години и се даде на Украинската православна црква.
Македонската црква и натаму се охрабрува да ги продолжи разговорите со црквата во Србија- за конечното надминување на спорот- што оваа црква го има покренато од 1967 година, кога МПЦ се оддели од СПЦ и се прогласи за самостојна-автокефална.
Реакции на Балканот
Во секој случај, радосен момент за македонските православни верници, кој никого , надвор од Македонија, не повредува и не навредува, затоа што во него не би требало да се бараат и наоѓаат некакви политикански игри.
Но, Балканот не би бил тоа по што е познат во Европа и поради што се третира така како што се третира- доколку посланието на Вселенскиот патријарх не предизвика бранување во македонското соседство. Во српската црковна јавност, пред се, како и кај бугарските религиозно-правни кругови, кои на еден или на друг начин, се врзани со бугарската црква, околу тоа – што направи Вартоломеј и што донесе одлуката за изедначување на МПЦ со другите.
Српската црква – официјално и јавно нема реагирано- барем до правењето на овој текст.
Меѓутоа, разни експерти, аналитичари и запалени бранители на СПЦ, побрзаа да се нафрлат и врз Вселениот патријарх и врз црквата во Македонија, како и врз македонските политичари. Со порака со предупредување до нив – да не мислат дека „црквата што сакаат да ја имаат“ станала автокефална – силно притоа бранејќи ги (досегашните) позиции на црквата во Белград.
„Српска канонска територија“
Професор на Правниот факултет во Крагуевац (Зоран Чворовиќ), на пример, на непримерен начин за академски човек, ја означи одлуката на патријархот како „разбојништво“ !
Според него , „Вартоломеј разбојнички упаднал на канонската територија на СПЦ, па расколниците (мисли на МПЦ) во Македонија , што се издвоиле од српската црква, ги прогласи за канонска, помесна црква„.
Сето тоа, арогантно и навредливо речено, само за да се каже дека Македонија и црквата во неа се „српска територија“ во која никој- освен српската црква- не смее да се меша и уште да одлучува. Уште и му се делат лекции на Вартоломеј дека при донесувањето на одлуката се повикал погрешно во врска со „наводното право тој (Патријархот) да биде и последната жалбена, апелациона инстанца во православниот свет – со право да ги преиспитува одлуките на помесните цркви“.
Во случајов, се мисли на српската црква. А, таа уште одамна, ја казни МПЦ со тоа што ја изолира од сите другите, не и дозволи да биде помесна црква, што е својствено на православието, дури и тогаш кога Македонија стана независна држава, по распадот на Југославија и ги прогласи црквата и свештенството за „расколници“.
Кремљ против Цариград
Барајќи и добивајќи, уште од почетокот на спорот, подршка од Руската црква (РПЦ) , српската инсистира МПЦ да го признае “гревот“- да се врати под капата на СПЦ , како некаков нејзин организиациски дел – па потоа, да моли за самостојност.
При тоа и СПЦ и РПЦ, на неколку пати имаат порачано дека максималното што македонската црква би можела да го добие од Белград е – автономија под капата на српската црква, но не и автокефалност.
Во согласност со Москва, црквата во Белград не прифаќа (било каква одлука) во врска со македонското „расколништво“ да донесе било кој друг освен СПЦ , па ни Вселенската патријаршија и патријархот Вартоломеј , Станува збор за политика на руската црква, усогласена со Кремљ, за да се минимизира Цариград до максимум, инсистирајќи на тоа дека Вартоломеј е само -прв меѓу еднаквите.
Таа теза на Москва, што на Балканот се спроведува со помош на српската црква , го дисквалификува цариградскиот Патријарх кој се обвинува дека сака да се однесува како „некаков источен папа“ и како врховен поглавар.
Дисквалификации на Вселенскиот патријарх
За ова се зборуваше само дискретно, во црковните кругови кои не сакаа да се потикнува борбата за превласт на Цариград и Москва. Така беше се до 2019 година, кога Вартоломеј ја прогласи за автокефална Украинската православна црква, која се оддели од руската, предизвикувајќи бесна реакција и на РПЦ, но и на Кремљ.
Дисквалификациите на овој крагуевачки професор кон Царигард, всушност, се тогашните дисквалификации од страна на руската црква, посебно од митрополитетот, задолжен за „надворешните работи“ . Истиот оној, кој доаѓаше во Скопје како гостин на поранешниот вмровски претседател на избеганиот криминален, македонски екс премиер- наводно за да го решел спорот со СПЦ- иако тој е тврдо на српската страна, а против македонските интереси.
Украинскиот случај ги распали страстите и затоа што во тоа време и Црна Гора ( со право) бараше враќање на автокефалноста на својата црква, добиена по признавањето на црногорската независност на Берлинскиот конгрес во 1878 година, а погазена со влегувањето на кнежевството Црна Гора во рамките на Кралството Југославија, по Версајскиот мировен договор.
За РПЦ и за српската црква ова се „расколништва“ , па за ваквата ситуација ги обвинија Цариград и патријархот Вартоломеј . Особено, неговата нова политика за признавање на новите цркви во православниот свет.
Религиозна стратегија
Кога Грчката православна црква ја призна Украинската, во Белград и во Москва – сложно и заеднички- се покрена „војна“ која се закануваше да предизвика – шизма- и расцеп на православието. На оние кои ќе бидат лојални на моќта и превласта на РПЦ во православниот свет и на оние кои ќе останат лојални на историската Цариградска патријаршија.
Во основата на целата приказна околу Украина, сепак, не е толку газењето на некакви религиозни канони кои тогаш- сложно и заедно- ги туркаа како „свето писмо“ руската и српската црква, туку овоземската, руска државна политика и стратегијата на Владимир Путин.
Рускиот претседател сака преку црквата и рускиот патријарх Кирил да ја елиминира Патријаршијата во Цариград ( руските го означуваат како Константинопол) и да ја наметне како доминантна РПЦ- за да се има под контрола светот на православните христијани , а преку тоа за да се наметне и во политиката во тој свет.
Истокот на Европа и Западен Балкан се главните цели на путиновата „религиозна“ стратегија.
„Неканонска одлука“
На таа линија се позициите на СПЦ кон црквата во Македонија. А, тие се дека одлуката била- „неканонска“, или што би се рекло- незаконска. Односно дека со неа, не само што се прејудицирало решението на прашањето за „македонскиот раскол“ , туку дека Цариград ја има „деградирано евентуалната одлука на СПЦ да им даде автокафалност на православните Македонци“.
Во меѓувреме, српската црква е налутена што во текстот на одлуката за МПЦ-Охридска Архиепископија, се користи терминот- црквата на Србија- како што се користи и формулацијата -црквата во Северна Македонија .
Се верува дека тоа е „вратка“ за дисквалификациите околу автокефалноста на црквата во Украина, од кога СПЦ го има и прекинато комуницирањето со Цариград. Од српската црква се порачува дека така ќе остане се додека не се измени – „неканонската“ одлука, што се однесува и за одлуката за МПЦ.
Конечно, религиозен Белград, ја обвинува Патријаршијата во Цариград дека со одлуката за црквата во Македонија и со формулацијата – црквата во Србија- имала намера да „продолжи да го разбива единството на СПЦ, со државните граници што се воспоставени во деведесетите години“ на 20 век.
(С.С.Г.)