Мајмунските сипаници се шират низ светот
Безмалку стотина случаи на мајмунски сипаници, забележани во околу 15 држави, се регистрирани досега низ светот, најмногу во Европа- потврди Светската здравствена организација (СЗО), која се уште нерастоварена од глобалната пандемија со коронавирусот, се соочува со нова зараза на глобално ниво.
Колку што засега се знае, повеќе од други педесетина случаи на оваа болест се водат како сомнителни, па СЗО предупредува дека бројот на новозаразените ќе продолжи да се зголемува во наредните недели.
Засега со сигурност се знае дека мајмунските сипаници се регистрирани во единаесет европски држави, како и во САД, Канада и во Австралија.
Вирална инфекција
Болеста се врзува за одалечените реони во Централна и Западна Африка, но досега не е утврдено како вирусот од таму се префрлил во другите делови од светот.
Станува збор за ретка вирална инфекција која, најчесто, има умерени ефекти. Здравствени експерти објаснуваат дека најголемиот број од заразените и заболени лица, се опоравуваат за неколку недели.
Самиот вирус, не се шири лесно и брзо како некои други вируси, па затоа се смета дека е мошне мал ризикот од создавање некоја поголема епидемија и од раширување на заразата- во земјите каде е веќе присутна, или на поголем простор.
Нема никаква посеба вакцина протов мајмунските сипаници, па вирусолозите објаснуваат дека постоечката вакцина за големи сипаници е ефикасна и нуди имунитет и до 85 отсто, затоа што двата вируси се мошне слични.
Според сознанијата на СЗО, со новиот вирус се погодени Британија, Шпанија, Португалија, Германија, Белгија, Франција, Италија, Холандија , Шведска, Австрија и Швајцарија.
Вакцината против големи сипаници
Но, СЗО не може да објасни – зашто оваа нетипична болест , која за земјите каде се има појавено е несвојствена избувна како епидемија и токму сега се има појавено. Една од претпоставките е дека вирусот на мајмунски сипаници веќе мутирал, иако има мали докази дека станува збор за некоја нова варијанта.
Експерите на СЗО, сепак, предупредуваат дека мајмунските сипаници сега можат полесно да се рашират, отколку во минатото, кога вакцината против малите сипници беше раширена во употреба низ Европа и светот.
Првиот европски случај е забележан во Британија, на 7 мај, а од тогаш, бројката забрзано расте и (велат) веќе ја загрижува владата во Лондон, па таа има нарачано вакцини против големи сипаници. Вирусот и заразата се откриени кај човек кој претходно патувал во Нигерија- во западниот дел на Африка.
Нов момент врзан за заразата е сознанието дека најголемиот број од инфицираните, посебно во Британија, се мажи за кои се знае дека биле во меѓусебен близок и интимен контакт, односно за луѓе од локалните геј заедници.