Јапонија на Самитот на НАТО?
Јапонија би можело да се случи – за прв пат досега – да учествува на еден Самит на НАТО – тврди јапонската новинска агенција Кјодо, која притоа открива дека јапонскиот премиер Фумио Кишида е наклонет на тоа да се појави на овој Самит.
Самитот на лидерите на Северноатлантската алијанса е предвиден кон крајот на јуни и тој е целосно посветен на Украина и има за цел да се поттикне координацијата на западот во врска со руската инвазија на оваа земја.
Доколку се случи еден јапонски претседател на влада, сепак, да учествува во работата на состанокот на 30 лидери на НАТО, таквиот потез на официјален Токио би можел да се означи како „необично агресивна позиција“ на Кишида (кон Москва), без разлика што тој повеќепати досега ја има остро осудено Русија за направените – како што има речено – “воени злосторства“ кон Украина.
Во минатото, јапонските највисоки државни функционери настојуваа да бидат внимателни во односите со Русија. затоа што двете земји со децении на ред имаат нерешени спорови за несредените територијални прашања. Портпаролот на јапонската влада, засега, одбива да ги коментира откритијата на агенцијата Кјодо, која пак за своето тврдење се повикува на неидентификувани владини извори.
Самитот на НАТО се одржува на 29 и на 30 јуни во Мадрид. Тој, меѓутоа, временски се поклопува со кампањата за изборите за нов состав на Горниот дом на Парламентот, кои се закажани за 10 јули. Владата досега тврдеше дека конечната одлука за тоа дали Јапонија ќе биде на Самитот на НАТО ќе биде донесена во зависност од политичката ситуација во земјата пред изборите.
За овој Самит, покрај земјите членки, НАТО ги има покането и Јапонија, Австралија, Нов Зеланд и Јужна Кореја, во својство на партнери во азиско – пацифичкиот регион.
Западни аналитичари, но и јапонски политички експерти оценуваат дека учеството на Кишида на овој политички собир би претставувало силна порака за меѓународна солидарност во врска со украинската војна и кризата создадена околу Украина.