Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

„Дистанцирање од Москва или балканска Венецуела“

resulmuslu/Depositphotos.com

„Дистанцирање од Москва или балканска Венецуела“

Лидерот на српската партија СПО Вук Драшковиќ, поранешен министер за надворешни работи на милошиќевата СР Југославија, изјави дека Србија ќе мора итно да се дистанцира од Москва и од Владимир Путин, или во спротивно ќе се претвори во „балканска Венецуела“.

„Ние, Србија, мораме да застанеме на страната на цивилизираниот дел од светот, каде верувам еден ден ќе се најде и Русија, кога ова зло – војната во Украина – ќе заврши и кога НОВИ луѓе ќе ја предводат таа земја“ – има речено Драшковиќ во интервју за белградската Н 1 телевизија.

Србија подржува брутална војна

Според него, Владимир Путин во Украина не води никаква „специјална воена операција“, туку брутална, вистинска војна, па дека затоа е „страшно што дури 80 отсто од граѓаните на Србија се против воведување санкции за режимот во Кремљ“.

Како што вели овој српски политичар, тоа се луѓето кои ја подржуваат и бруталната агресија врз украинската територија, затскривајќи се зад, наводното, братство на српскиот со рускиот народ.

Сите тие луѓе се согласуваат со апсурдните тврдење на Путин дека Украина е „грешка на историјата“ и „лажна држава“, како што тие путиновски поддржувачи, овде на Балканот се согласуваат со исто таквите тврдења за тоа дека (наводно) БиХ е „измислена и вештачка творба“, или дека Косово е „лажна држава“, а Црна Гора „историска грешка“.

Станува збор за оној дел од српското граѓанство кое со одбраната на инвазијата и војната во Украина, се спротивставуваат на европеизација на Балканот, заговарајќи и бранејќи „путинизација“ на овој регион – вели Драшковиќ кој притоа објаснува дека Западот сега настојува балканците да престанат да се мразат меѓу себе.

„Фундаментална измислица“

„Западот се обидува да го префрли Балканот во цивилизираниот дел од светот, за разлика од Русија на Путин која на Балканот има интерес да се одржува омразата, да се поттикнуваат судири, во очекување Москва да се смести во регионот, а пред се во Србија“ – оценува лидерот на СПО.

Таквата ситуација (и Драшковиќ, како и низа аналитичари) ја објаснува со Косово и со верувањето дека, наводно, само Русија може да и помогне на Србија – да се спречи Косово вистински да стане независна држава.

„Сето ова е една КУЛТНА НЕВИСТИНА, една фундаментална грешка и чиста измислица“. Според Драшковиќ, Русија ниту го чува Косово, а ниту се грижи тоа да остане српско.

„Знам добро (како тогашен министер за надворешни работи) дека само еден ден по спогодбата од Куманово (за повлекување на српската војска и српските паравоени единици, за да се запре бомбардирањето на Белград и Србија) – со Резолуцијата 1244 на ОН (за која Москва гласаше) – на Србија и беа одземени Косово и територијалниот интегритет и суверенитет врз покраината.

Москва гласаше за српско повлекување

Од таму Србија целосно, доброволно се повлече, по што нема никаква контрола ниту власт веќе 23 години – потсетува лидерот на СПО.

Но, според таа Резолуција, во Виена се одржаа разговори за косовската иднина. Во разговорите што ги водеше финскиот политичар Марти Ахтисари учествуваа и Борис Тадиќ и Воислав Коштуница, и на нив, според Драшковиќ кој бил дел од српскиот тим, како шеф на дипломатијата, Финецот има соопштено четири принципи.

Тоа се – нема враќање на Косово, под капата на Србија, однос нема враќање на состојбата од пред кумановската спогодба, потоа, нема поделба на Косово, нема обединување со Албанија и гарантирање максимални права за Србите на Косово и заштита на српските културно – историски споменици.

„Колку да не се заборави – Русија гласаше за овие принципи за трајно решавање на косовскиот статус. Но, кога предлогот на Ахтисари требаше да се усвои – Москва побара ТРГОВИЈА.

Според принципот – ќе ги прифатиме и официјално овие предлози, доколку ист ваков статус добијат Абхазија и Осетија (во Грузија) и Придњестровје (Молдавија). Украина ниту се споменуваше, а ниту Русите ја споменаа“ – открива Драшковиќ детали од виенската конференција.

„Нема преседан за Косово“

Според тоа, вели екс министерот за надворешни работи, КОСОВСКИОТ ПРЕСЕДАН како што сега зборуваат во Белград и како што Путин се обидува да ја оправда анексијата на источна Украина, НЕ Е НИКАКОВ ПРЕСЕДАН. Особено затоа што Европа и САД, на Слободан Милошевиќ му нудеа во Рамбуе, крај Париз, поповолна варијанта за Косово од оваа, но тој тоа студено го одби.

Затоа Драшковиќ инсистира дека Владимир Путин воопшто не го брани Косово.

Таквите приказни ќе ги продава низ Европа, низ Балканот и во Србија се додека не добие прифаќање на независноста на Донбас. Тогаш кога тоа ќе го добие, Косово ќе биде признаено како независна држава.

Сега, пак, останува да се направи некаква нова спогодба врз основите на таа на Ахтисари, затоа што нити Белград, а ниту Приштина, не ги имаат исполнето сите договорени работи.

Драшковиќ смета дека се бара нов компромис – Србија да не биде обврзана да го признае Косово, а за возврат да не смее да го попречува влезот на Косово во меѓународните институции. Нешто како Ахтисари план – плус.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе