Поврзете се со нас

Skopje Global

Вести

Директорот на Газпром има палата од 240 милиони долари

Kremlin.ru, Vladimir Putin, Alexey Miller (2022-02-02) 02, CC BY 4.0

Директорот на Газпром има палата од 240 милиони долари

Директорот на најмоќната руска компанија Газпром, Алексеј Милер, преку која се продава и дистрибуира гасот од Русија за надворешниот пазар, поседува палата во вредност од 240 милиони долари.

Скапата палата, најмногу и најчесто, како свој дом ја користи Милер, но таа му се наоѓа на услуга и на Владимир Путин, за кого велат дека повремено навраќа, како и на други високи руски функционери.

Ова го открива заедничката истрага на истражувачкиот тим на Алексеј Навални и на руската истражувачка мрежа „Проект“, од што се разбира дека луѓе блиски на руските разузнавачки служби имаат во посед разновиден, скап имот, што, всушност, е во полза на првиот човек на руската гасна компанија Милер, од каде милијарди долари се префрлени во разни оф – шор компании низ светот.

Деловно царство со парите од гасот

Парите што се извлекувани од Газпром, што е под државна контрола, бил искористен за изградбата на вистинско деловно царство и за купување на големо количество луксузен и скап недвижен имот.

Истрагата открила дека сето тоа има посебни номинални сопственици, кои формално се појавуваат како сето тоа да е нивно, но всушност, целото тоа вака напакувано богатство е во полза на Милер, а понекогаш и на Владимир Путин.

Истражувачкиот тим има докажано дека Алексеј Милер и неговата сопруга Марина Јенталцева која, инаку, е поранешна секретарка на Путин, живеат во елитната московска населба „Гринфилд“ на имот за кој се тврди дека има вредност од 240 милиони долари, што се смета дека е најскапата куќа за живеење во Русија.

Лично богатство и раскош

На аеродромот Остафјево, пак, во близината на Москва, е сместена вистинска аеро – флота во која на услуга е и хеликоптер, сопственост на овој „газда“ кој (со компанијата на чие чело е со години) го држи монополот врз целиот руски гас.

Кога Милер се враќа од некое патување, се спушта на Остафјево, од каде хеликоптер го префрла до неговата куќа која има на располагање и приватен хелиодром.

Според собраните финансиски податоци, излегува дека куќата ја има купено и платено сопругата на Милер, што само покажува каков обем имаат махинациите во врвот на руската држава.

Но, истрагата има откриено и додадено дека во рамките на имотот постои и ергела за коњи, бидејќи коњските трки (велат) биле голема страст на Милер кој поседува повеќе, скапи расни коњи, па така се наоѓа и на челото на акционерското друштво „Руски хиподроми“.

Разузнавачи – милионери

Во секој случај, сопствениците на целото ова богатство и на имотот, сега се сокриени. Меѓутоа, до 2020 година, сето ова му припаѓало на компанијата „Владение – V”.

Како формални сопственици биле заведени две лица од руските специјални служби. Едниот е Сергеј Трегуб од воената разузнавачка агенција ГРУ а другиот Александар Смирнов од втората тајна служба ФСБ (наследникот на некогашната советска КГБ).

Сега е откриено дека наводната нивна компанија има добиено најмалку 35 милијарди рубли – директно – од фирмата Газстројпром, или како што открива „Проект“ – руските даночни обврзници, со своите пари го финансирале уредувањето на палатата во која живее Милер.

Газстројпром, инаку, е изведувач на сите работи што ги извршува Газпром. Оваа фирма ги има изработено сите најважни инвестиции и проекти на Газпром, меѓу кои се гасоводот „Силата на Сибир“ и „Северен поток“.

Возач – главен акционер

Формално, и во овој случај, станува збор за руска државна компанија.

Но, истражувачите од тимот на Навални и од „Проект“ тврдат дека акционерски влог од безмалку 700 милиони долари во Газстројпром има некој си Сергеј Фурин. Нивната подоцнежна истрага открила дека тој е, всушност, возачот на споменатиот разузнавач Трегуб.

На тој начин е дојдено и до информацијата дека акциите на Газпром и Согаз, во вредност од над 530 милиони долари, се во сопственост на фирмата Реденси менаџмент.

Станува збор за оф – шор компанија регистрирана на Кипар, чиј директор е Вадим Трегуб. А, тој е близок роднина на функционерот на ГРУ, веќе солидно замешан во оваа криминална ујдурма. Конечно, преку оваа компанија, сопственикот на теренот на милеровиот имот, во московскиот „Гринфилд“, добива редовно парична надокнада. Директно од сметката на Газпром.

Алексеј Милер, инаку, е и потпретседател на руската влада.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Вести

Горе