И Франција со коалициона влада
Само два месеци по претседателските избори на кои освои уште еден петгодишен мандат, Емануел Макрон доживеа неуспех на изборите за нов состав на францускиот Парламент.
Не доживеа пораз, затоа што неговата центристичка коалиција одново има далеку најмногу пратеници (245), но го загуби досегашното апсолутно мнозинство, за што му беше потребно да има најмалку 289 пратеници. Остана пократок за 44 народни избраници.
Затоа, сега и во Франција, како што е тоа случај во Германија, Австрија и Холандија, на пример, или во Шпанија и Италија и уште во цела низа европски држави – ќе мора да се прави коалиција со една, или со неколку партии, за да се добие не само стабилна, туку и ефикасна влада.
Очекувана разврска
Ваквата разврска за парламентарните избори се очекуваше, без разлика на сегашните првични и претераните изјави за – „досега невидена ситуација“, или за тоа дека земјата е во ситуација да „не може да се управува“ – на некои политичари, како и партиски ориентираните весници.
Макрон беше избран за претседател со силната поддршка на своите центристи, но и се поддршката на крајната левица, предводена од Жан Лук Меленшон, како и десно – центристичките Републиканци (УДП) – само за да во вториот круг не се случи да победи Марин Ле Пен и нејзината крајнодесничарска партија.
За изборите во Парламентот, меѓутоа, партиите на изборите настапија секоја за себе – со својата идеологија и програма – па Макрон мораше да се појави на политичкиот мегдан сам.
И, ако во таа битка, пред пет години, тогаш како ново лице на политиката, уверливо ги доби и парламентарните избори, со над 300 свои пратеници, овој пат, гласачите му го свртеа грбот.
Подем на крајната левица
Прво со мошне малиот одзив, и во двата круга, со помалку од 50 отсто излезност, а потоа и со зголеменото изјаснување за партиите на крајната левица и на крајната десница.
Ле Пен има 89 места во Парламентот од 650 пратеници, што ја прави и натаму да биде далеку од власта, но таа се фали како безмалку да победила, затоа што има регистрино девет пратеници повеќе од досега, во реоните кои важат за мултиетнички шарени делови на Франција.
Многу поголем успех, сепак, има остварено Меленшон, истиот оној кој силно го подржа Макрон против Марин Ле Пен. Неговата левичарска коалиција НУПЕС (Нова еколошка и социјално народна унија) се избори за 131 пратеник, па токму овој блок сега е главната опозициска сила во Парламентот во Париз.
Други 48 пратеници имаат низа мали партии од левицата и од центарот, додека најголем неуспех постигна некогаш владејачката сила во земјата – партијата на француските републиканци која сега има само 64 пратенички места.
„Немало ваков Парламент“
Меленшон сега зборува за тоа дека ќе биде „осtра опозиција“ на власта и е задоволен со тоа што успеал “да му ги поткастри крилјата на самобендисаниот“ Макрон.
Актуелната премиерка Елизабет Борне која Макрон ја постави по својата изборна победа, вели дека Франција немала Парламент како што е овој, но сепак најави дека веднаш почнува работата за изнаоѓање ефикасно мнозинство.
Нејзината изјава е поумерена од онаа на министерот за економија Бруно Ла Мер кој смета дека во овие услови земјата не ќе може да се управува, што, сепак не е точно. Ле Пен, пак, се храбри себе си со успех на изборите, затоа што по трите едно по друго порази на претседателските избори, во нејзините партиски редови се појавија првите гласови дека на партијата и е потребен нов лидер.
Мнозинството коментатори во медиумите се обидуваат да ги објаснат причините за неуспехот на Макрон, па заклучуваат дека вината треба да се бара во претседателот и во однесувањето на центристите, како и во имиџот за себе што го имаат изградено во првиот свој мандат.
Градење елитизам
Пред се, тоа е велат неговиот арогантен однос кон потребите на јавноста и на гласачите од долната средна класа и од работничките средини. Франција, има најниски плати меѓу големите во ЕУ, како и најмала минимална плата, а дека Макрон како елитист, во изминатиот пет годишен мандат, повеќе се интересирал за барањата на високата класа, на големиот бизнис и на банкарско – финансискиот сектор. Односно за интересите на богатите, отколку на „обичниот народ“.
Медиумите пишуваат дека сега Макрон ќе мора да се навикне на тоа оти зад себе нема Парламент кој ќе аминува на секој предлог – закон, или на реформа што ќе дојде од „неговата“ влада, туку дека за крупните реформски работи ќе мора да се договара, да преговара и да прави компромиси – а тоа значи да прави отстапки.
Во новата политичка ситуација, се оценува дека тешко ќе помине макроновата реформа на пензискиот систем. Тој и владата предлагаат одење во пензија на 65, наместо со сегашните 62 години. Уште во изборната кампања, ултралевицата агитираше за намалување на таа граница на 60 години, што ја нема никој во ЕУ, додека ултра – десницата заговара останување на сегашната граница.
Не е прв пат со „шарен Парламент“
Што се однесува до со години недопирнатите закони за работни односи и за плати кои со години чекаат реформирање, а ни Макрон во своите први пет години не успеа да ги започне, со сегашниот „шарен Парламент“ многу е веројатно дека тие и натаму ќе останат недопирливи.
Како и да е, француската политичка сцена сега ќе биде далеку поинтересна и повозбудлива од онаа досега. Макрон и неговата влада ќе мора да прават компромиси, да преговара со другите партии и да се договора за важните закони и за потемелните реформи, ако сака да се зафати со нив. И да прави отстапки што во изминатите пет години, не го правеше.
Ваквата ситуација, со Парламент во кој претседателот нема апсолутно мнозинство, сепак, не е новина и преседан.
Во 1988 година, тогашниот претседател, социјалистот Франсоа Митеран освои втор мандат, но на изборите за Парламент, не доби апсолутно мнозинство. Се определи да не прави коалиција, туку да управува со малцинска влада, но преговараше со центристите, со комунистите и со десницата, за витални прашања за земјата.
(П.Ф.)