Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Закана од враќање на „Wild West” во Америка

brandilyon/Depositphotos.com

Закана од враќање на „Wild West” во Америка

Американскиот Врховен суд за прв пат пресуди дека Американците имаат право да носат оружје, надвор од куќата во која живеат, предизвикувајќи бура од незадоволство во јавноста, отежнувајќи ги на тој начин напорите на актуелната администрација во нејзината борба со значително зголеменото насилство со огнено оружје.

Шестмина конзервативни судии, од кои тројца беа поставени во времето на трамповата администрација, инаку силен бранител за правото за носење оружје, ги имаат надгласно тројцата прогресивни судии и го поништија законот на сојузната држава Њујорк, донесен уште пред речиси 110 години. Според овој закон во таа американска сојузна држава е ограничено правото за носење оружје.

„Срамна одлука“

Ваквата одлука на судот е уште почудна и поконтроверзна, затоа се случува во време кога Американците се шокирани од низата убиствени напади на улиците и на јавните места низ САД. Посебно, по масовното убиство од 24 мај во едно основно училиште во Тексас во кој беа убиени 19 деца – ученици и две нивни учителки.

Токму тоа ги поттикна републиканските сенатори да прифатат – заедно со демократите – да се изгласа една мала реформа во врска со купувањето и чувањето оружје по домовите на луѓето.

Затоа, американскиот претседател Џо Бајден изрази длабоко несогласување со решението на Врховниот суд. „Длабоко сум разочаран со пресудата која ги води работите во спротивна насока, а тоа е нешто што сите нас треба да не загрижува“.

Гувернерката на Њујорк, од редовите на демократите, Кети Хочал остро ја осуди одлуката на судот, нарекувајќи ја „срамна во време кога целата нација почна да се освестува од бројните случаи на насилство со огнено оружје“.

Поништен закон од 1913 година

Таа уште предупреди дека сега, со одлуката на конзервативните врховни судии, Америка се соочува со заканата на нејзините улици да се врати времето на „Дивиот Запад“ – кога секој, секого, може да го застрела, ако смета дека е нападнат и треба да се брани.

Мошне влијателната асоцијација за огнено оружје НРА (National Rifle Association), меѓутоа, реагираше со воодушевување за судската одлука. За НРА, станува збор за голема победа и за вистински пресврт, после низа децении голема борба за правото за носење оружје.

Уште во 1913 година, во државата Њујорк е донесен закон со кој се определува дека секој што сака да поседува оружје, мора за тоа да има дозвола од локалните власти. При тоа, беше неопходно да се докаже дека е присилен да се брани, поради тоа што е изложен на закана, или затоа што тоа го бара природата на неговата работа.

Со пресудата на Врховниот суд, такви докази повеќе нема да треба да се поднесуваат.

Вториот амандман од Уставот

Законот, инаку, го имаат оспорено две лица, сопственици на огнено оружје на кои њујоршките власти одбиле да им издадат дозвола.

Медиумите во САД тврдат дека целата работа била во договор со НРА која им има помагано во случајот, како силен и моќен лобист за носењето оружје – оправдувајќи го тоа со доследната примена на вториот амандман од Уставот на САД. Овој амандман го штити правото на Американците да може да поседуваат и да носат огнено оружје, надвор од својот дом – куќа, или стан.

Според еден од судиите кои гласале за ваквата пресуда – „во амандманот на Уставот ништо не упатува на постоењето разлика меѓу живеалиштето, или некое јавно место, кога станува збор за носењето оружје“.

Во САД е регистрирано најголемо ниво на смртност од огнено оружје, меѓу високо развиените држави. Само оваа година, се регистрирани 240 масовни пукања, а за такво се смета кога има најмалку четири застрелани лица. Во 2020 година, 45 222 Американци биле убиени со огнено оружје.

Во 2017 година, во оптек, меѓу цивилите, имало 400 милиони парчиња разно оружје, или по 120 на секои 100 Американци.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе