Русите се повлекоа од Змискиот остров
Малечкиот, карпест и ненаселен Змиски остров во северозападниот дел од Црно Море и лоциран наспроти пристаништето Одеса, беше заземен од руската војска уште првиот ден од руската инвазија, на 24 февруари и од тогаш, четири месеци беше постојано изложен на постојано бомбардирање од стана на украинската армија.
И, кога тоа најмалку се очекуваше, Русите се повлекоа од островот – оставајќи само згариште зад себе.
Во официјалното руско соопштение се вели дека станува збор за „гест на добра волја“, за да може – како што се вели – да се извезе украинското жито и за да се престане со обвинувањето кон Русија дека таа е виновна за веќе создадената глобална криза со храната.
Од Киев, на тоа веднаш реагираа со неприфаќање на ваквото објаснување, затоа што Русите и натаму продолжуваат да ги гранатираат украинските складишта со пченица и други житарици, да ги оштетуваат силосите и да го крадат украинското жито од окупираните територии, што потоа завршува во Сирија.
Неуспешна мисија
Змискиот остров е лоциран на само 35 км од украинскиот брег, па затоа е лесна цел за ракетни и за артилериски напади од копно, како и со помош на беспилотни петала (дронови). А, Украинците тоа и го правеа во изминатите месеци од војната.
На тој начин, во април, беше ослабната руската борбена моќ во тој дел од фронтот, откако со украинска ракета (лансирана од копното) беше погоден адмиралскиот – команден брод на руската црноморска флота „Москва“ кој потоа се запали и набрзо потона.
Од тие причини, пак, Русите во изминатите месеци имаат вложено големи напори, островот да го претворат во некаков природен „носач на авиони“ што ќе биде постојано закотвен, и полн со ракети и со радио и електронска опрема.
Но, се покажа дека таа операција на Москва се има претворено во логистичка „ноќна мора“. Излезе дека островот е тежок да се брани и да се одбрани, особено затоа што е далеку од главните поморски бази на Русија, на Црно море.
Стратешко значење
Украинците, од своја страна, имаат ограничени поморски сили за да може да извршат некаков десант и за да се истоварат на својот остров.
Воени експерти дури сметаат дека стационирањето воени сили на островот нема никаква воена смисла, затоа што е премногу мал за да му се даде некаква воена цел. Проценките се дека и да се постави некаков гарнизон, тој би бил лесно изложен на напад.
Сепак, без разлика каков е, островот им пружа природна заштита на Одеса, најголемото украинско пристаниште и на северозападниот дел од Црно Море.
Особено што Русија која и онака го има запоседнато најголемиот дел од украинскиот црноморски бег, полуостровот Крим, како и Азовско Море, со поседувањето на Змискиот остров ја комплетираше блокадата на Одеса, а на тој начин го правеше невозможно извезувањето на украинското жито.
Уште повеќе што во изминатите месеци, во Киев се стравуваше дека Русите на малиот остров би можеле да го инсталираат својот ракетен систем С – 400.
Закана и за Романија
Конечно, со контролата на овој малечок остров, Русија беше директна закана за Романија, земја членка на НАТО, па така и за главното романско пристаниште Констанца, за Алијансата како целина, но и за широката делта на Дунав. А, тоа веќе не е прашање од воено – безбедносно и стратешко значење, туку и од длабоко економско, затоа што делтата има големи резерви од гас и од нафта.
Во секој случај станува збор за симболична, но значајна победа за Украина.
Ова е прво повлекување на Русија од некоја о окупираните делови на украинската територија, иако руското министерство за одбрана тврди дека – Русија не се повлекла од островот, туку откако ја завршила својата операција, за која требело да се поседува островот – едноставно – заминале од таму.
Зашто, сепак, заминаа ?
Целта на пропагандата на Москва и овој пат е идентична како и во сите изминатите месеци.
Треба на својата јавност да и се каже да не им верува во „западните лаги“ туку да верува дека Русите “се добрите момчиња“, а особено да верува дека „операцијата во Украина оди според планот“.
Она што сега е најважно, тоа е прашањето – што навистина претставува заминувањето од Змискиот остров, односно дали е дел од некоја нова тактика, за да се удри на некое друго место, во оваа војна за која западните разузнавачи предвидуваат дека ќе трае и подолго од крајот на оваа година, ако што тоа го предвидува претседателот Володмир Зеленски.
Втората работа е дали по повлекувањето на Русите, Украинците ќе може да го обноват извозот со пченица и со сите други сега заробени жирни и маслодајни растенија и на тој начин да се ублажи кризата со храната и со нејзината цена во светот, ни и да и се помогне на целосно разурнатата домашна економија.
Неизвесност околу пченицата
Експерти велат дека тоа во теорија е можно, но дека практично е тешко изводливо. Барем додека Украина не обезбеди ефикасна морнарица, затоа што руските воени бродови доминираат во Црно Море.
Украина одби руските бродови да бидат ескорт на бродовите кои ќе го изнесуваат житото од Одеса, откако Русите за тоа, побараа, Украинците прво да го деминираат влезот (и излезот) на пристаништето.
Турција се обидува да посредува во оваа работа, но дали ќе успее во својата мисија ќе се види во текот на јули кога полните силоси и складишта во Украина ќе мора да се испразнат за да се полни со реколтата од оваа година – иако таа, поради војната, е значително помала.