Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

„Путин би го победил Вучиќ на избори во Србија“

vaximilian/Depositphotos.com

„Путин би го победил Вучиќ на избори во Србија“

Владимир Путин, доколку би можел да се кандидира за претседателски избори во Србија, не само што би влегол во вториот изборен круг, туку би можел и да го победи Александар Вучиќ, актуелниот српски претседател – покажува анализата на белградската агенција Демостат за расположението на српската јавност и за рејтингот на домашните и странските политичари.

Спроведеното истражување открива дека Вучиќ (во моментот) има добиено само еден поен повеќе од Путин, на прашањето во кој политичар граѓаните имате најмногу доверба. Српскиот претседател има добиено 46, додека неговиот руски колега 45 отсто поддршка од граѓаните на Србија.

Според аналитичарите на Демостат, станува збор за една апсурдна и речиси неверојатна ситуација.

Вината на медиумите

Тие сметаат дека најголема заслуга за ваквото определување имаат домашните медиуми, блиски до власта кои постојано градат некаков култ на херој за Путин, дури и сега, додека неговите војници ја разурнуваат Украина по извршената агресија, убивајќи невини цивили и настојувајќи да ги анектираат окупираните територии.

Медиумите се обвинуваат и за една друга апсурдна ситуација – сите други српски политичари, не само од опозицијата, туку и некои од власта (Ивица Дачиќ, инаку коалициски партнер на партијата на српскиот претседател) – далеку да заостануваат на листата на политичари во кои се има доверба.

Дачиќ кој важи за миленик на Москва и се смета за предводник на русофилската струја во српската политика – поранешен премиер, министер за надворешни работи и парламентарен Спикер – има поддршка од само шест отсто, колку што има добиено и пензионираниот генерал Здравко Понош, претседателски кандидат на српската опозиција на априлските избори за шеф на државата.

Недемократите повеќе омилени

Еден Виктор Орбан во истражувањето има добиено поддршка од 37 отсто, додека Милорад Додик од српската енклава Република Српска во БиХ е вториот по популарност српски политичар (зад Вучиќ) откако 27 отсто од граѓаните му ја имаат дадено својата доверба. Тој е уште еден политичар кој доаѓа од странска земја – соседна Босна – кого во Србија го сметаат за свој, а во Кремљ за омилен.

Правејќи анализа на ваквите сознанија од анкетата, експертите на Демостат сметаат дека кога станува збор за путиновата популарност, наспроти поддршката која ја има Вучиќ, сметаат дека треба да се има во предвид дека српскиот претседател, својот култ на личноста го има изградено и го гради повикувајќи се на Путин.

Тоа ги тера луѓето, практично, да ги изедначуваат, притоа не правејќи разлика меѓу нив двајцата.

Конечно, истражувањето открива и уште една страна која (сега) е доминантна во српското општество, а тоа е дека предност им се дава на недемократите, нелиберални и автократски определени политичари.

Радикална и русофилка

На цена се националисти и популисти – какви што се и Путин и Орбан и Додик, а и кинескиот лидер Си Џинпинг кој има добиено 12 отсто поддршка меѓу лидерите во кои Србите имаат доверба.

Во Демостат велат дека тоа ја објаснува и силната поддршка за Вучиќ, како неприкосновен лидер, кому му веруваат и чии одлуки без поговор ги одобруваат и ги подржуваат.

Тоа ја прави и Србија помалку демократска од нејзиното поблиско и пошироко опкружување, но тоа и ја оддалечува од Европа во која граѓаните како да не сакаат да се приклучат. Особено не, ако треба да се санкционира Русија, за нејзината брутална агресија врз Украина.

Оценка е дека Србија е традиционално радикална и русофилски определена, наспроти другиот дел од јавноста, посебно во големите градски центри, кои се проевропски расположени, па и про – НАТО определени. Тие, меѓутоа, се многу помалку.

На Исток, или на Запад

Ваквите показатели од истражувањето предизвикаа бранување во српската јавност, а посебно предизвикаа „војна“ на социјалните мрежи меѓу проруските и проевропските приврзаници.

Особено затоа што доаѓа во време на војната во Украина, на прегрупирање на политичко – безбедносните сили во Европа, многу видливо во одлуките на трите Самити одржани едно, по друго – на ЕУ, на групата Г – 7 и на НАТО. Додека во тоа време Србија е како изолирана.

Уште повеќе што веќе четири месеци се врши силен притисок врз Белград – да мора да се определи – дали сака да биде на Истокот (со путинова Русија), или како цела Европа, да се определи кон Западот, кон Европа, каде оваа балканска држава припаѓа и географски и културно – историски и политички.

Во Белград велат дека вината за тоа што 80 отсто се против воведувањето санкции за Русија, а 56 отсто дека Србија не треба да ја ускладува својата надворешна политика со онаа на ЕУ, што инаку е еден од предусловите за полноправно членство во Унијата, лежи во неевропскиот, или дури во анти – европскиот наратив на власта во изминатите години.

Сокривајќи ја притоа вистината дека токму ЕУ е најголемиот донатор и инвеститор на државата – неколкупати повеќе од Русија.

(Д.Б.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Западен Балкан

Горе