Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Војната ја врати Европа во минатото

sashk0/Depositphotos.com

Војната ја врати Европа во минатото

Агресијата врз Украина и војната која путинова Русија ја води против оваа европска земја, освен што ја растура нејзината територијална целина, целосно ја урива и безбедносната структура врз која се темелеше Европа, создадена после падот на Берлинскиот ѕид, распадот на комунизмот, растурањето на СССР, како и кревањето на „Железната завеса“.

Во тие години се изгради нова клима на континентот на кој во 20 век се покренати двете светски војни. Во неа се вклопуваше и новата, посткомунистичка Русија која на Западот не сакаше да гледа како на свој непријател и противник, па Москва започна да гради партнерство со ЕУ (тогаш се уште ЕЕЗ) и со НАТО.

Изгледаше дека тоа може да трае, откако Русија стана и силен економски партнер, разгранувајќи ги бизнис врските со западните – европски и американски компании, пред се. Но, новата клима на доверба, разбирање и на кооперативност, не можеше да продолжи, откако за руски претседател беше избран Владимир Путин.

Реставрација на СССР

Во почетокот се веруваше дека новиот човек во Кремљ, неоптоварен со комунистичкото минато, иако школуван за професионален разузнавач на КГБ, би можел да го продолжи курсот што започна – уште во комунизмот со Михаил Горбачов, а се уреди и зацврсти со Борис Елцин. Имаше аналитичари и експерти кои дури веруваа дека елциновата линија ќе може да се унапреди, но таквото верување беа избрзани.

Новиот човек во Кремљ сакаше да покаже сила на домашната сцена, па се договори со олигарсите, на тој начин што ги има уценето – да му бидат лојални и да му служат, доколку сакаат да останат милијардери. Потоа, се сврти кон Европа и светот, порачувајќи им дека сака Русија да биде – светска сила, исто онаква каква што беше СССР, која ќе се пазари на меѓународната сцена. За себе, а не низ партнерството со другите големи играчи.

Во исто време, тоа е периодот на забрзано приклучување на земјите од некогашниот советски, комунистички воено – политички блок, кон западните интеграциски процеси – ЕУ и НАТО – што требаше да биде потврда на новото време – на единствена Европа, не повеќе поделена на Исток и Запад – демократска и плуралистичка.

Украина како изговор

Тоа, меѓутоа, повеќе не беше она што Москва го сакаше и за што соработуваше – една деценија претходно. А, двете инвазии врз Украина – првата во 2014 година – откако Украинците одлучија да градат економски врски и со ЕУ, што за Москва беше како предавство, а посебно втората – од 24 февруари оваа година – ја покажаа новата руска стратегија.

Станува збор за она што Путин го имаше замислено уште веднаш по влегувањето во Кремљ, кога ги наполни канцелариите со кгбеовци. Тоа е и концептот што го откри во месеците пред инвазијата, кога ја промовираше својата стратегија кон Европа и светот, додека ја лажеше европската јавност со божемни “воени вежби“ на украинската граница.

Украина, затоа, му е само изговор. Можност – преку неа и нејзиниот случај – да го реализира планот, додека со војната и со бруталните бомбардирање на цивилни локации, им се одмаздува на Украинците што и свртија грб на Русија.

Во една елаборација во неделите пред инвазијата, Путин има зборувано за „руски свет“ и за „наш (руски) простор“ во кои не смее да има „шарени револуции“ (како двете украински), жалејќи притоа за распадот на Советскиот Сојуз. За него тоа е најголемата политичка катастрофа на 20 век, па затоа сега зборува дека Русија (и во царски времиња) е она што некогаш беше СССР.

Непријателство и недоверба

Целиот тој простор Москва на Путин, сега го прогласува за своја зона на интерес и безбедност за неговата држава. Таа зона се означува како некаков „руски двор“ во кој освен Москва и Кремљ и државите од екс СССР, не може никој друг да влезе или да се вклучи на некој начин. Најмалку тоа му е дозволено на Западот.

Тоа се означува како „загрозување на руската безбедност“, што брутално и се покажува на Украина. Пред тоа на Грузија, со запоседнувањето на Абхазија и Осетија, а пред тоа и во Молдавија, во енклавата Придњестровје, што е одземена од Русите без никаков меѓународен мандат.

Според принципот – тоа е наше – тоа е поранешен Советски Сојуз – во кој Москва и сега сака да се однесува како да станува збор за било кое парче од руската државна територија.

Со ваквата нова стратегија за изградба на „голема сила“ низ судири и низ градење непријателство и недоверба со Западот (ЕУ/САД) – први на удар може да се најдат трите земји од Балтикот.

Особено што од поодамна Путин тврди дека Елцин (наводно) бил изигран околу нивното членство во ЕУ/НАТО, но таа закана сега се префрла и кон сите некогашни сателити на СССР, односно на целата некогашна комунистичка источна Европа и на Западен Балкан, иако екс Југославија никогаш не беше дел од советскиот блок.

Менување на правилата за игра

Бруталноста и суровоста на руската армада ги натера Европа и Америка да се постават сосема поинаку.

Тие одмолчеа на воената интервенција во Грузија, не се огласија како треба за анексијата на Крим и за окупацијата на Донбас, пред осум години, како што му имаат прогледано низ прсти и на Елцин за молдавскиот случај. Но, сега со покренувањето војна во Европа, против една земја членка на ОН, беше јасно и очекувано дека Западот ќе сврти нов лист.

На руската ревизија на безбедноста на Европа од времето по Студената војна, Западот реагираше со промена на досегашните правила на играта.

Тоа наликува на враќање кон минатото, на делење – ние на Западот и тие (Русија и Белорусија) на Истокот – а за накои тоа значи и спуштање на подзаборавената Железна завеса, иако и во ЕУ и во НАТО се спротивставуваат на тоа.

Впечаток е, меѓутоа, дека Владимир Путин токму тоа го посакува.

Непремостлива недоверба

Рускиот претседател знае дека дури и да се постигне некаков мировен договор со Украина – веќе е создадена е толку голема недоверба, не само со Киев, туку и со ЕУ/НАТО, што изгледа невозможно да се воспостави некаква меѓусебна доверба. Не, во секој случај со актуелниот руски претседател кој дури и настојува да се зголеми јазот на недоверба.

Веројатно и затоа Путин се однесува во стилот на времето од Студената војна и настојува да гради свои зони на интерес – поткопувајќи го единството на ЕУ/НАТО, како и со распалување антиевропско расположение во региони кои настојуваат да се приклучат на Европа (пред се, Западен Балкан).

Во земји какви што се БиХ, или Црна Гора и Северна Македонија, па дури и во сојузничка Србија, путинова Русија создава внатрешни политички кризи, распалувајќи го национализмот и користејќи го градењето на русофилството, за десничарење и анти – западен наратив на опозиционите партии.

Русија закана за Европа

Во таква атмосфера, кога Истокот станува закана – другата страна (Западот) го напушта некогашното партнерство со Москва. Во услови на војна, Русија сега (одново) станува главната закана за слободниот, демократски свет.

Едноставно, како што има речено и генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, се создава нов однос, затоа што руската страна, низ украинскиот случај, покажа дека не сака демократски земји на своите граници и наместо тоа сака и веќе работи на изградбата на сфери на влијание.

Има аналитичари кои сметаат дека можеби пребрзо се оди со враќањето во минатото, но естонската премиерка Каја Калас не мисли така.

Според неа, Западот дозволи да биде изманипулиран од Путин. „После ова што го направи и го прави во Украина, нему повеќе не може ништо да му се верува“ – вели Калас, заговарајќи дека Европа мора да биде подготвена за да ова во Украина повеќе не се повтори.

С.С.Г.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе