Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Повеќе од 70 години со кинеската закана

ChinaImages/Depositphotos.com

Повеќе од 70 години со кинеската закана

НР Кина ја започна својата (од порано) најавена воена вежба во Тајванскиот мореуз и во близината на границите на Тајван, која сега по кусата посета на Спикерот на американскиот Конгрес Ненси Пелоси на Тајпеј, добива неразумни заканувачки димензии.

Со употреба на балистички ракети, како што тоа, од време на време, го прави севернокорејскиот диктатор со своите „играчки“ и со употреба на кинеската морнарица и авијацијата кои користат огнена муниција, Пекинг сака да одговори за „провокацијата“ на САД.

Станува збор за престојот на американската политичарка на островот, што Кинезите го сметаат за свој – но и за да им покажат на сите дека и тие – како Русите (во Источна Европа) – може во „својот двор“ да прават што сакаат. Или, по урнекот на Москва од пред инвазијата на Украина – да изведуваат вежби на „својата територија“ и никому да не поднесуваат сметки.

Токму тоа е објаснувањето и за сегашното кинеското расфрлање со сила, наспроти малечкиот Тајван и неговите вкупно 300 илјади војници, затоа што – според Пекинг – вежбата се одвива на „кинеска територија“.

Демонстрација на ароганција и сила

Како што е најавено, вежбата која ќе трае од 4 до 7 август и треба да биде најголема до сега. Таа треба да ја манифестира растечката моќ на Пекинг – воено и политички – да прати порака на регионот и на соседството, а сето тоа спакувано во наводното вежбање на операцијата за – „одвраќање на сепаратистичките сили (тајванските)“,  доколку би се осмелиле да ја нападнат Кина!

Тоа, сепак, делува несериозно, затоа што Пекинг знае дека тоа не може да се случи. Затоа, вистинската цел на вежбањето во мореузот кој е широк 170 км. колку што е оддалеченоста од кинеската територија до источниот брег на Тајван е да им се покаже на властите во Тајпеј што може да им се случи. Дека запоседнувањето на островот Кинезите може да го изведат кога сакаат, доколку се определат за насилно уривање на сегашниот статус – кво во тој дел од светот.

Кина, во секој случај, се чувствува понижена што не успеа да ја спречи ( неофицијалната посета) на Пелоси на Тајпеј, која пак, може да се објасни како последица на агресивното и  арогантното кинеско однесување во последно време, како и на нејзината поддршка на руското парчосување на украинската територија. Ниту еднаш досега Пекинг не покажа симпатии за Украина. Наместо тоа, сега настојува да се одмаздува, во руски стил – со демонстрација на својата сила.

Мирна реакција во Тајпеј

Тајванци, во секој случај, ги посматрале летовите на кинеските ракети кои се уривале во морето, поблиску до тајванскиот брег отколку во 1996 година, кога исто така вежбаа и го заплашуваа островот.

Една анкета правена пред неколку месеци покажува дека големо мнозинство од жителите на Тајван не веруваат дека Кина би можела да нападне и насила да ги припои кон НР Кина. Луѓето сметаат дека „комунистите од Пекинг, како и обично, изведуваат паради“, забележувајќи притоа дека – „повеќе од 70 години живеат во услови на кинеската закана“.

Локалните медиуми, затоа јавуваат дека жителите на островот (над 24 милиони) внимателно ја следат ситуацијата и од далеку ги следат кинеските воени операции, што во петокот продолжиле со ново нарушување на линијата која ги раздвојува двете држави. Но, се вели дека во Тајпеј и во другите градови нема страв, ниту се создава атмосфера на исплашеност. Објаснуваат дека ова сега, не им се случува за прв пат.

Историски, Тајван (порано Формоза) за прв пат се има најдено под целосна контрола на Кина во 17 век. Но, во 1895 година станува дел од јапонската државна територија, откако Кина ја загубила првата јапонско – кинеска војна.

Дури во 1945 година, по поразот на Јапонија во Втората светска војна, островот се враќа кон кинеската територија.

САД остануваат на политиката – Една Кина

Во Кина, меѓутоа, набргу избувнува граѓанска војна, во која комунистите, предводени од Мао Цетунг ја поразуваат националистичката војска на Чанг Кај Шек кој потоа, со својата влада и со остатоците од армијата, од Пекинг се префрла на Тајван.

Од тогаш, па во наредните децении, се до почетокот на седумдесеттите години на 20 век (како Република Кина) ќе ја претставува целата кинеска територија во светот, а во ОН ќе го има местото на Кина во Советот за безбедност.

Работите целосно ќе се изменат по историската посета на американскиот претседател Ричард Никсон на Пекинг и одлуката на САД да ја признаат комунистичка НР Кина како единствена држава на Кинезите и со властите на Мао Цетунг да воспостават целосни дипломатски односи.

Тајван, од тој момент, останува само самоуправна територија на која има и претседател, и Парламент и влада и Устав, па живее како вистински независна држава – но без од никого да добие меѓународно признание.

Ниту од Америка, која ја прифати линијата на Пекинг за ЕДНА КИНА. Притоа, ниту Чанг Кај Шек кој до крајот на животот управуваше со Тајван, никогаш се нема формално отцепено од Кина, ниту пак има прогласено независност.

Без признание на независен Тајван

Според официјален Вашингтон, политиката за Една Кина, САД и сега ја почитуваат и покрај посетата на Ненси Пелоси на Тајпеј.

И покрај хистеричните реакции на Пекинг дека престојот на Спикерот на американскиот Конгрес, на островот е „манијакален, неодговорен и ирационален чекор“, ништо не се менува во позицијата на САД кон Пекинг и НР Кина.

Впрочем, Америка ниту 1950 година го нема признаено Тајван како посебна држава, ниту пак тоа ќе го направи сега, но е категорично против насилно менување на сегашната состојба и продолжува да се грижи за тајванското опстојување.

Пелоси од Токио, реагирајќи на кризата што ја создава Кина, со својата агресивна воена вежба која го загрозува и поширокиот регион – се до Јапонија – затоа изјави дека Пекинг не може да спречи американски функционери и политичари да го посетуваат Тајван, како и тоа дека САД нема да дозволат оваа островска земја да се најде во целосна изолација, затоа што Кина тоа го сака.

Во Тајпеј, се тврди дека откако лидер на Кина и генерален секретар на Комунистичката партија стана Си Џинпинг, драстично се влошени односите на релацијата со Пекинг кои во еден период забрзано се подобруваа – пред се, низ забрзаните економски врски.

Најлоши односи во изминатите 40 години

Тогаш кинеската страна навестуваше дека унификацијата би можела да се изврши со невоени средства, низ се посилното економско поврзување.

Тоа меѓутоа, беше напуштено со Си како лидер кој заговара тврд однос кон Тајпеј, па многу често од Пекинг се порачува дека – „ако треба и со воена сила Тајпеј ќе се врати кон матичната земја“. Затоа, сегашните односи со „големата Кина“ на Тајван се оценуваат како – најлоши во изминатите 40 години.

Секако, сето тоа се прави и за домашни политички потреби. Си настојува да стане втор Мао – доживотен лидер на Кина – а од друга страна, во Пекинг стравуваат од можниот сепаратизам во Тибет, провинција која Кина ја има приграбено, како и од движењето на Ујгурите на крајниот кинески запад, но и од преголемата самостојност на Хонг Конг чиј посебен статус – практично – е погазен.

Во секој случај, сегашната агресивна и непријателски насочена воена вежба – предизвикува револт и гнев во реонот на Јужното кинеско Море и во Филипинското Море.

Јапонија има испратено остар протест откако кинески балистички ракети паднаа во јапонските територијални води. САД, од своја страна, веднаш го испратија носачот на авиони „Роналд Реган“, а од јапонската територија во Тајван слета една борбена ескадрила американски авиони, додека тајванските сили се во целосна мобилност.

Видливо е, меѓутоа, дека Американците не ја подржуваат борбената реторика кон Кина и оставаат Кинезите, на 7 август да го завршат тоа што го започна.

(С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Свет

Горе