Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Балтикот ја напушта кинеската иницијатива „17+1“

"Government Office of Estonia in the even" (CC BY 2.0) by EU2017EE

Балтикот ја напушта кинеската иницијатива „17+1“

Естонија соопшти дека ја напушта кинеската програма за соработка, позната како „Иницијатива 17+1“ (седумнаесет земји плус Кина). Оваа земја и другите две од Балтикот, уште од порано имаат најавено дека ќе се повлечат од оваа програма, објаснувајќи ја одлуката со заклучокот дека таа најмногу и користи на Кина.

Пред се, на кинеската економија, но и на политичките интереси на Пекинг за навлегување на територијата на ЕУ, во Централна и Источна Европа и во регионот на Западен Балкан, преку земјите кои се имаат приклучено на Иницијативата.

„Ние, сепак, ја сакаме соработката во рамките на ЕУ. Освен тоа, Кина отворено застана зад Русија при нејзината инвазија врз Украина и не ја осуди руската агресија и војната“ – изјави естонскиот шеф на дипломатијата Урмас Реинсалу.

Со Кина преку ЕУ

Со слична порака, иако одделно една од друга, се огласи и соседна Латвија.

Двете земји соопштија дека повеќе нема да бидат дел, ниту да партиципираат во „17+1“. Владата на Латвија, освен поради односот на Пекинг кон Украина, својата одлука ја објаснува и со новите приоритети на надворешна и трговска политика на земјата, иако нема дадено поширока елаборација за тие нови приоритети.

И двете земји соопштуваат дека, сепак, планираат и натаму да ја продолжат својата соработка со Кина, како на билатерална основа, така и соработката што воспоставена преку ЕУ. Но, во билатералниот дел таа ќе се одвива само врз основите на меѓународното право, човековите права и меѓународните трговски односи, засновани врз транспарентна основа, со почитување на правото и законите.

Во мај 2021 година, Литванија веќе се повлече од оваа кинеска иницијатива. Кина во меѓувреме, еднострано ги прекина дипломатските и сите други трговски и економски односи со Вилнус, затоа што литванските власти дозволија Тајван да отвори своја претставничка канцеларија во оваа балтичка земја, без дипломатски статус.

Пекинг со Москва против Западот

Кина од своја страна одбиваше и натаму одбива да ја осуди агресијата врз Украина од страна на Русија и војната што Москва ја покрена. Официјален Пекинг не ги подржува ниту санкциите на Западот – ЕУ,САД и Британија – против Русија.

Наместо тоа, кинеската страна го осудува Западот дека е наводно „виновен“ за актуелната ситуација, давајќи и право на Москва за инвазијата. Тоа е сосема спротивно на постојаните кинески про – форма декларативни заложби за „почитувањето на територијалниот интегритет на секоја земја“. Право кое Кина не и го признава на Украина и кое, очигледно, се употребува само за кинеските стратешки потреби.

Иницијативата која сега се означува како „17+1“ – на почетокот бројот на членките беше помал – ги има опфатено повеќето од земјите на некогашниот советски, комунистички блок од Источна Европа, вклучувајќи го и целиот Балтик кој до 1991 година беше дел од распаднатиот Советски Сојуз.

Но во него се најдоа и неколку земји од ЕУ, како Унгарија и Хрватска, но и Грција и Италија, како и дел од земјите во Западен Балкан.

Инвестиции со поткуп

Станува збор за кинески државни инвестиции, преку зајмови и долгорочни банкарски кредити, со камати кои се покажа дека се повисоки од оное на ЕУ и на европските банки. Се покажа, меѓутоа, дека кинеската иницијатива е замислена за да се следи стратегијата на Пекинг за навлегување во ЕУ, за политичко инфилтрирање и влијание врз политиката на земјите членки на Унијата.

За таа определба, најмногу се користи Унгарија на Виктор Орбан, преку нетранспарентни договори во инфраструктурата.

На истата таа оснива е и навлегувањето на Кина со скапи пари во Западен Балкан – најмногу во Србија, но и во Црна Гора на Мило Ѓукановиќ и во Македоиија.

Станува збор за времето на вмровската деспотија, кога нетранспарентно, сокриено од јавноста, тогашната власт се има испазарено со Кинезите за автопат од Кичево до Охрид, искачен високо на планината, за кои е примен поткуп.

Останува запаметено за историјата телефонското јавување на тогашниот министер за транспорт, до главниот „капо“ во земјата, сега бегалец од затвор, со прашањето – „Ало, шефе, колку да им земеме на Жутите“ – мислејќи на мито – провизија“.

„Најскапиот пат во светот“

Не се знае како Кинезите имаат влезено во Србија, како и колкав е вкупниот српски долг кон Кина, но се знае дека Црна Гора, за малку ќе банкротираше (минатото лето), кога дојде време да им се плаќа една рата на кинеските инвеститори за „најскапиот пат во светот“, како што напиша „Њујорк Тајмс“. За првиот автопат, со делница од 100 км процената на една милијарда долари!

Во секој случај, црногорскиот и македонскиот пример се искористени во елаборацијата на предлог – законот на американскиот Сенат, за Западен Балкан, за борба со корупцијата, за пресметка со локалните корумпирани деспоти кои создаваат криза во регионот и за инвестициски развој на овој дел од Европа – на самата граница со ЕУ.

Напуштањето на кинеската иницијатива „17+1“ од страна на трите балтички земји, затоа станува сосема разбирливо, кога се има во предвид сето она што се случи во Западен Балкан, па и во Унгарија. Колку што се знае, на пат за напуштање на иницијативата е и Грција, која е сосема незадоволна од тоа како Кинезите управуваат со пристаништето во Пиреја, што го имаат земено под контрола.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе