Отказ од работа за расипана забава на Орбан
Двајца водечки експерти во метеорологијата – раководители во државната метеоролошка служба на Унгарија, се отпуштени од работа затоа што му ја расипаа замислената (спектакуларна) забава на унгарскиот премиер Виктор Орбан.
Директорите на службата – Корнелија Радич и Ѓула Хорват беа прогласени за виновни – после девет години (велат) мошне успешна работа – затоа што не го погодија времето за забавата на унгарскиот автокарт – грандиозната прослава на националниот празник, онака како што тој ја имал замислено – со спектакуларен огномет во Будимпешта.
Гневот на моќниот водач
Метеоролозите имаат прогнозирано дека на денот на славењето ќе има силно невреме – со ветер и со дожд – а тоа не е воопшто погодно за огномет, па главната атракција на церемонијал – мајсторите, била откажана. Силно невреме тој ден имало во разни делови од Унгарија, но не и во главниот град.
Откажувањето на славењето, кое според орбановите пропагандисти, требало да го покаже „големиот унгарски успех“ во Европа и „зголемената моќ и престиж“ на земјата” под водството на Орбан и неговата крајно – десничарска и националистичка партија Фидес, кои 11 години ја држат Унгарија под своја контрола – многу го има разгневено семоќниот унгарски водач.
Тој наредил Радич и Хорват веднаш да бидат набркани од работа и тоа се случило. Како во секоја држава со деспотска власт – веќе следниот ден двајцата добиле отказ и останале на улица.
Огномет за пропаганда
Славењето на „голема“ Унгарија, сепак, се одржа – изминатиот викенд, кога Орбан можеше на своите лојални поданици да им ја покаже својата моќ – нудејќи им го – како што имаат напишано неговите медиуми – „најголемиот огномет во Европа“. Според унгарската пропаганда огнометот во Будимпешта бил поголем и од оние што обични се прават во Лондон – во сосема други прилики и за сосема други поводи – како доаѓањето на Новата година, на пример.
Опозицијата во земјата, како и критичарите на орбановиот авторитарен режим, остро го осудуваат суровото казнување на двајца угледни стручњаци во својата професија. Грешка, навистина, била направена, но грешки во оваа служба, секаде низ светот, се случуваат и властодршците не реагираат, затоа што тоа не е нивна работа – да се мешаат во нечија стручност.
Уште помалку, реагираат онака како што прави Орбан, чија ароганција станува опасна и надвор од неговата Унгарија – мешајќи се отворено во внатрешните работи на други земји во поблиското и подалечното соседство.
„Во стилот на унгарскиот комунизам“
„Ваквата постапка и казнувањето на Радич и Хорват е политичка казна и сето тоа е сосема идентично со постапките на власта од времето на унгарскиот комунизам“ – велат од домашната опозиција. Од таму (одново) потсетуваат на постојаната пресметка што Орбан и Фидес ја спроведуваат кон „нелојалните” интелектуалци и стручни лица – вработени дури и во највисоките научни институции.
Опозицијата во оваа прилика, ја обвинува власта, а пред се Орбан кој со семејството важи за најбогатиот Унгарец, за корупција, за непотизам и за газење на демократијата и на демократските слободи и за партиски вработувања.
На сите вакви критики и на петицијата за враќање на работа на набрканите директори на метеоролошката служба – во моќната Фидес, во власта и меѓу лојалните медиуми – нема некоја реакција.
Освен дека двајцата истерани „и онака биле за сменување од функциите, зашто лошо работеле“. Во меѓувреме, веднаш бил поставен нов раководител на унгарската државна метеоролошка служба – човек кој е лојален на режимот – но кој не е метеоролог.