Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Горбачов умре разочаран од денешна Русија

RIA Novosti archive, image #330109 / Yuryi Abramochkin / CC-BY-SA 3.0, RIAN archive 330109 Soviet President Mikhail Gorbachev and U.S. President George Bush, CC BY-SA 3.0

Горбачов умре разочаран од денешна Русија

Последниот лидер на поранешниот СССР и првиот негов реформатор, Михаил Горбачов, кој почина во вторникот на 92 годишна возраст, Русите ќе го паметат по неуспехот да го спречи распадот на земјата. За светот, меѓутоа, тој ќе остане почитуван како миротворец.

Почина после 30 години откако беше насила симнат од власта, по што беше целосно тргнат од домашната политичка сцена и домашната политика. Остана несакан дома и повремено критикуван за „направените грешки“, најчесто врзани за неговото настојување да се реформира тогашната бирократизирана, тромава и недемократска држава, што како процес не одеше секогаш како што беше замислено.

Но, за разлика од своите претходници, иако потиснат на маргините на руската политика и општество, Горбачов и во таквите услови – до пред крајот на животот – остана да има јавна улога. Многу повеќе надвор од својата земја, отколку дома.

Бегство од рускиот шаблон

Нему не му пречеше – како политички пензионер – да учествува во рекламните акции на „Пица Хат“ или на „Луј Вутон“ по што и двете познати светски компании влегоа на пазарот во Русија. Во овој период, тој само еднаш се обиде да се врати во политиката, во 1996 година, кога се појави како еден од противкандидатите на Борис Елцин и доживеа тежок пораз. Не успеа да освои ниту еден отсто од гласовите.

Од тогаш се има одлучено да се сврти целосно кон светот – патувајќи и држејќи предавања, по што (како прв руски политичар) стана еднаков со западните политичари кои по напуштањето на политиката не паѓаат во очај што не се повеќе на власт. За разлика од советските и руските кои по сменувањето, остануваа до крајот на животот, (само)изолирани во некоја државна дача, во шумите поблиску, или подалеку од Москва.

Наместо тоа, тој објави мемоари, а потоа интензивно се има ангажирано на развојот на фондацијата што го носи неговото име. Горбачов уште во 1992 година има формирано една еколошка НВО, на која потоа има работено долги години, среќавајќи се во врска со оваа организација со низа политичари во светот, вклучувајќи го и еден Барак Обама, или со поранешната канцеларка Ангела Меркел.

Лутина и гнев кон Путин

Во 2011 година, за неговиот 80 роденден, во Лондон во тамошниот „Ројал Алберт Хол“, беше организирана хуманитарна свеченост, на која покрај низа познати актери и пејачки ѕвезди од Британија и САД, присуствуваше и Бил Клинтон.

Луѓето кои му останаа блиски и пријатели и со кои се има среќавано во неговиот скромен стан во Москва, меѓутоа, откриваат дека Михаил Горбачов, починал длабоко разочаран и лут на Владимир Путин. Иако поранешниот советски лидер се нема огласено во врска со руската инвазија и за војната што Русија ја води во Украина.

Познато е дека Горбачов и Путин никогаш не биле во некоја љубов.

Едно време Горбачов остро го критикуваше рускиот претседател за неговата внатрешна и надворешна политика. Потоа тензиите меѓу нив се намалија, за да пред агресијата врз Украина, Путин изјави дека „распадот на СССР е историска грешка и трагедија“, индиректно прозивајќи го Горбачов за тоа. Конечно, еден од сепаратистичките лидери на Донбас, кои често го кажуваат она што го мисли Кремљ, на веста за смртта на екс советскиот лидер, рекол дека – „тој намерно го уништил Советскиот Сојуз“.

Уништено политичко наследство

Зборувајќи за разочараноста на поранешниот лидер од сегашниот руски претседател, новинарот Алексеј Венедиктов за американскиот неделник „Њусвик“ изјавил дека Горбачов, пред смртта, бил гневен на Путин за она што направил од Русија – уништувајќи го целото политичко наследство на поранешниот советски претседател и уназадувајќи ја земјата на планот на демократијата и човековите права.

Станува збор за тоа дека „гласност“ и „перестројка“ (отвореност и реформи) – политичка линија која овозможи повеќе слобода на говорот (во земја со строго едноумие), како и економски реформи во државата која беше на работ од банкротство, помогнаа и на меѓународен план. За силно намалување на тензијата во надворешната политика на тогашен СССР и во односите Исток – Запад.

Но, од почетокот на агресијата врз Украина, работите се менуваат, откако Русија има донесено низа авторитарни, недемократски закони и мерки, што значат враќање назад во слободите и демократијата. Луѓето се апсат, се судат и казнуваат за спротивставувањето на војната, па дури и за употребата на тој збор, наместо путиновата измислица – „воена интервенција“.

Порази на надворешен и внатрешен план

Во Русија сега, одново се вршат прогони на неистомислениците и на критичарите на Кремљ, како во комунистичкото време. Како жртва на таквите прогони, падна и мошне популарното московско радио „Ехо на Москва“ чиј главен уредник беше Венедиктов.

На меѓународен план Русија е во длабока изолација во каква не била уште од времето на Сталин, уште и во услови на досега не применети волку остри и широки економски санкции. И едното и другото, како последица на инвазијата врз Украина и на војната што таму се води.

На безбедносен план, пак, НАТО поради кое (наводно) е покрената инвазијата, токму поради агресијата, значително го има засилено своето присуство во Источна Европа, каде до двете инвазии врз Украина ( во 2014 и сегашната, од февруари годинава) присуството на Алијансата беше речиси симболично.

Конечно, се што Горбачов има направено за меѓународниот мир, потоа за отворањето на Русија кон Западот, за разоружувањето, како и за изградбата на партнерски однос со западниот свет, но и се она што беше изградено како реформа на домашен план, Владимир Путин со својата политика има целосно уништено. Посебно во последните шест месеци од годинава.

„Прав и пепел“

„Не остана ништо од времето и духот на гласноста и перестројката. Се е претворено во прав и пепел“ – има речено Алексеј Венедиктов кој сето тоа го илустрира со сегашната позиција на НАТО.

„Кога го тргнаа Горбачов, Алијансата имаше само четири илјади војници за брза интервенција. Сега многу брзо ќе има 300 илјади“ – рекол за „Њусвик“ овој руски новинар.

Освен тоа, кога во 1989 година, продемократските протести ги зафатија сите комунистички држави на Истокот од Европа, од тогашниот советски блок, Горбачов не се определи да употреби воена сила за да ги задуши протестите, како што неговите претходници тоа го имаат направено – во 1952 година (Полска), во 1956 (Унгарија) и во 1968 година (Чехословачка).

Многу Руси, меѓутоа, не сакаат да му простат за тоа што – како што велат – морале да платат висока цена – за демократизацијата и за реформите.

Низ падот на нивниот и онака во советско време, низок стандард и над се, за губењето на државата за која мислеа дека е најмоќна во светот и несоборлива. Болно е за нив сознанието што им го стави пред очите Михаил Горбачов – дека тоа не беше така.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Свет

Горе