Може ли Европа без рускиот гас
Москва го затвори „Северен Поток 1” клучниот гасовод од Русија за Германија и Европа, со што целосно е прекината испораката на рускиот гас. Тоа ќе предизвика натамошно редуцирање во снабдувањето, во време кога европските држави војуваат со високите цени на енергијата, токму поради кусокот со овој енергенс.
Државната компанија „Газпром“ соопшти дека затворањето на „Северен Поток 1“ било неопходно, за да се извршело сервисирање на гасоводот и дека целата таа операција требало да трае неколку денови.
Западните земји, меѓутоа, не веруваат многу на ваквото руско објаснување и тврдат дека уште еднаш, станува збор за уцена, односно за користење на гасот како руско оружје во судирот на Москва со ЕУ.
Поучена од таквите постапки, наредени од Кремљ, Европа настојува, во што покус рок, да ја прекине својата досегашна зависност од рускиот гас, која по агресијата врз Украина и војната што таму се води се потврди како промашено стратешко решение, направено во времето кога се мислеше дека Русија нема (одново) да тргне кон подигнување нова Железната завеса меѓу Истокот и Западот.
Москва создава криза
Според податоците од минатата 2021 година, ЕУ со рускиот гас задоволува 40 отсто од своите енергетски потреби.
Германија, најголемата и најмоќната европска економија, е и најголемиот увозник. Дури 56 отсто од гасот за индустријата и за домаќинствата е од руско потекло. Потоа следи Италија со 29 отсто, па Холандија со 13 и Франција со 11 отсто, како и Полска со 10 отсто од потребите.
Британија, која повеќе не е во ЕУ, во сегашната ситуација изгледа дека има подобра позиција, особено што земјата со руски гас покрува само 4 отсто од потребите. Земјата и самата е производител на природен гас (од наоѓалиштата во Северно Море), а од увоз го користи гасот од Норвешка, САД, пак, воопшто не увезуваат руски гас.
Меѓутоа, и двете земји, во секој случај, се погодени од руските извозни рестрикции – од кризата во Европа што Москва намерно ја создава, затоа што таа се претвора во глобална криза, зголемувајќи ги цените на гасот на светско ниво.
Политика и уцени со гасот
Русија, од своја страна, ги продолжува „воените игри“ и во Украина и со гасот, како нејзина „резервна артилерија“, за да ги присили Европејците и светот да попуштат – со санкциите и со поддршката за Украинците во војната во која Москва се повеќе се заглавува.
Играта со „Северен поток 1“ трае уште од почетокот на летото, кога и тогаш (од наводни технички причини) „Газпром“ ја намали испораката преку овој гасовод на 40 отсто од неговите капацитети. Сега, се ветува рок за техничкиот сервис на овој гасовод, за кој тврди дека бил неопходен.
Но, очигледно е дека испораката на гасот е политичко прашање, што се создава за политички потреби, па вината за „техничките проблеми“ на „Северен Поток 1“ руската страна ги префрла на европските санкции. Од Москва тврдат дека не можеле на време да ги обезбедат резервните делови, иако не е јасно за какви проблеми станува збор, кога до скоро гасоводот работеше без проблеми.
Станува збор за случајот со турбините што по сервисирањето во Канада, се наоѓаат во Германија. Русија тврди дека не можело да се префрлаат на руска територија, затоа што се воведени санкции, со кои е опфатен и целиот енергетски сектор. Уште има и поплаки дека под забрана била ставена и неопходната документација на производителот на турбините „Сименс – Енерџи“.
Намалување на потрошувачката
Компанијата, пак, ваквите тврдења ги квалификува како – обичен изговор, а со тоа се согласува и владата во Берлин која игрите околу овој гасовод, направен уште пред една деценија, ги смета за „обична уцена“.
Точно е дека санкциите се однесуваат и за енергетскиот сектор, но со нив не се опфаќа главниот гасовод кон Европа, што работеше нормално кога Москва почна со воведувањето санкции, по инвазијата врз Украина, што траеше се додека од Кремљ не почнаа со казнување на Западот, преку намалувањето на испораката на гас, до сегашното целосно запирање.
Сето ова се случува во време кога руската страна го гори течниот природен гас, што не го пушта кон Европа, иако и за ова свое објаснување нема дадено никакво објаснување. ЕУ, пак; останува на својата одлука да го намали увозот на руски гас за две третини во рок од една година. Унијата, сепак, не се определи за целосно исклучување од користење гас од Русија.
Како и да е, за да постигне определената цел, земјите членки на ЕУ се имаат согласено да ја намалат потрошувачката на гас за 15 отсто во следните седум месеци.
Останува, сепак, нејасно дали Унијата ќе најде замена и доволно количесто гас за да сокрие прекинот на снабдувањето од Русија,
Малку терминали за ЛНГ
Како алтернатива и како една од варијантите е увозот – со транспорт на течен гас ЛНГ – што со танкери би се носел од САД и од Катар, пред се.
Таа варијанта изгледа и лесно остварлива, иако енергетски експерти забележуваат дека „работите не се така едноставни“, затоа што според нив Европа нема доволно терминали за прием на ЛНГ во големите пристаништа. Се смета дека тоа е посебен проблем токму за Германија.
Владимир Путин, од своја страна, нареди – непријателските земји (во тој список се наоѓа и Северна Македонија) да го плаќаат гасот во руски рубли, преку банката на „Газпром“ каде би се менувале еврата и доларите.
Москва го прави тоа за да ја спаси својата национална валута од пропаѓање, но таквата постапка го поскапува гасот за оние кои го купуваат, што исто така, треба да биде една казните за сите кои ја имаат санкционирано руската агресија на Украина.
Полска, Бугарија и Финска одбија да менуваат конвертибилни валути за рубли, па Русија ги казни на тој начин што им ја прекина испораката на гас. Некои европски компании, сепак, имаат отворено сметки во рубли за гас, преку конверзија на еврото во руската валута.
За гас и нафта – 400 милијарди годишно
Овие компании тврдат дека со ваквата постапка не ги повредуваат воведените санкции на Унијата и притоа го отвораат прашањето за тоа дали санкциите на Европа и на Западот, имаат ефект. Оценката, според европски експерти, е дека санкциите, сепак, ја погодуваат Русија таму каде таа мисли дека е најсилна – во енергетскиот сектор.
Прво, ЕУ за гас и нафта, годишно и плаќа на руската страна 400 милијарди евра. Толку ЕУ платила во 2021 година, а сигурно е дека во оваа година, таа сметка ќе биде помала. Потоа, гасоводот „Северен Поток 2“ за што Русија има потрошено 11 милијарди евра, не работи и стои како „мртва инвестиција“ и трето – горејќи го течниот природен гас, Русите горат милиони долари и евра, што ќе се слееја на руска сметка.
Во секој случај, за целосен ефект на санкциите и за да се види нивната ефикасност, треба време.
Од друга страна, проценка е дека работите не се така црни како што се мисли во јавноста. Европа, забрзано ги полни резервите со гас за месеците кои доаѓаат. Во некои земји резервите достигаат и до преку 80 отсто. Германскиот канцелар Олаф Шолц деновиве изјави дека неговата земја е „добро подготвена за зимата и без рускиот гас“.
(С.С.Г.)