Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Петнаесет премиери на британската кралица

Петнаесет премиери на британската кралица

Изборот на британските ториевски гласачи, досегашната министерка за надворешни работи Лиза Трас да стане лидер на конзервативната партија и премиер се случува во тешко време за Велика Британија – после корона пандемијата и економската и енергетска криза, но и во услови на низа други околности по кои нејзиното влегување во Даунинг стрит 10 ќе остане запаметено.

За прв пат, на пример, формалната оставка на досегашниот премиер (Борис Џонсон) и предавањето на мандатот на новиот шеф на владата, што редовно се прави во кабинетот на кралицата Елизабета, не се случи во Лондон, во кралската Бакингамска палата, туку во Шкотска. Во дворецот Балморал, во шкотската област Абердиншер, каде кралицата престојува подолго време – како што е речено – одморајќи се.

Мандат добиен во Шкотска

Ваквата одлука беше донесена по совет на лекарите, за да Елизабета не биде изложена на екстра патување, што веќе и претставува проблем и тешкотија, откако беше објавено дека таа има проблеми со движењето и стоењето на нозе. Кралицата има 96 години и се потешко може да ги издржува патувањата и службените задолжувања и обврски, како именувањето нов премиер.

За неа се вели дека и натаму останува витална и способна да остане на британскиот престол на кој се наоѓа 70 години, но дека е тешко мобилна, па без никакви најави во кралството е започнат „тивок процес на транзиција“ – пренос на најголемиот број од кралските обврски на синот – престолонаследник, принцот Чарлс. На службената фотографија од приемот во Балморал и разговорот со новата премиерка Трас, се гледа кралицата како се потпира со бастум.

Наследничката на контроверзниот Џонсон, освен патот на север, за добивање премиерски мандат, влегува во британската историја и како третата Британка (по Маргарет Тачер и Тереза Меј) која ќе предводи влада на Обединето кралство и како петнаесетта по ред во времето на Елизабета Втора.

Черчил првиот премиер на кралицата

Таа стана кралица во 1952 година, по смртта на нејзиниот татко Џорџ Шести кој беше на тронот во текот на воените години од Втората светска војна. Првиот премиер кого тогаш младата Елизабета го „наследи“ беше Винстон Черчил кој во 1951 година се врати на премиерската позиција, што веднаш по крајот на војната ја загуби. Потоа следуваа – Ентони Идн, па Харолд Макмилан кој прв побара прием на Британија во тогашната ЕЕЗ, претходницата на денешната ЕУ и Алек Даглас Хјум – сите од редовите на конзервативната партија.

Првиот лабурист кого кралицата го именува за премиер беше Харолд Вилсон, кого го наследи ториевецот Едвард (Ед) Хит, единствениот ерген во Даунинг стри 10 кој ја внесе Британија во Европа/ЕЕЗ после десет години преговарање и чекање поради ветото на Франција. Хит беше еден мандат на функцијата, на која следните две години се врати Вилсон, кого го наследи уште еден лабурист – Џејмс Калаган.

Во 1979 година, на политичка сцена стапува Маргарет Тачер, првата жена премиер во британската историја и на таа функција остана единаесет години, како никој пред тоа и по тоа, до партискиот пуч со кој беше симната од позицијата, во средината на нејзиниот четврти едно по друго мандат. Премиер во 1990 година стана Џон Мејџор кој ги отслужи двете преостанати години од мандатот што го освои Тачер, а потоа самиот доби нов мандат за премиер во следните пет години.

Годините на Тони Блер

Мејџор беше поразен на изборите во 1997 година од Тони Блер кој потоа десет години остана на функцијата, во кои се случија низа бурни настани. – од трагичната смрт на принцезата Дијана, која тој на означи како „народна принцеза“, успешно менаџирајќи со кралицата за да ја убеди да се појави на погребот на контроверзната поранешна сопруга на престолонаследникот Чарлс – во интерес на иднината на кралството, па преку војната во Ирак до терористичките напади во Лондон на исламистичките терористи.

Неговата најголема заслуга како премиер е обезбедувањето траен мир во Северна Ирска, со договорот од Велики петок (1998) и со легализирањето на партијата Шин Феин.

И Блер не го дотера до крај својот мандат, иако е лабурист кој останал најдолго како премиер.

Левичарите во партијата, предводени од нелојалниот министер за финансии Гордон Браун, го натераа „доброволно“ да се повлече во 2007 година, па пучистот Браун на тој начин, стана премиер на Обединетото кралство. Гласачите, меѓутоа, го казнија неговото неверство и нелојалноста кон лидерот, па Браун остана премиер само доработувајќи го мандатот што претходно, на редови избори, го имаше освоено Блер.

Промашување со референдумите

Дејвид Камерон во 2010 година стана премиер, но мораше да прави коалиција – прва после многу години во Британија каде (практично) на сила е двопартизмот и сменувањето на конзервативците и лабуристите на власта. Камерон кој требаше да биде реформатор на ториевеската партија се заглави со двата референдуми и беше поразен.

Првиот, за независност на Шкотска, што брзоплето го одобри, верувајќи во статистиката, а не во расположението на шкотските гласачи, па за малку Обединетото кралство ќе останеше без северот на државата. Потоа согласувајќи се и со референдум за ЕУ (Брегзит) што, инаку, никој од него и од владата – не му го бараше.

Кога беше поразен, разочаран, поднесе оставка. Беше свесен за големата грешка што ја направи, неверувајќи во силата на евроскептицизмот кај неговите конзервативци, а пред се на тие во Англија и предаден од дотогашниот другар – Борис Џонсон – кој од еврофил, набрзина се претвори во анти – ЕУ политичар, само за да стане премиер.

Тоа на крајот и му успеа. Британците изгласаа Брегзит и излегување од ЕУ, после 44 години членство, а за нова премиерка беше избрана Тереза Меј, дотогаш министерка за внатрешни работи.

Лупинзите на Борис Џонсон

Меј беше со Камерон против напуштањето на Унијата. Како нов нов лидер и премиер, меѓутоа, таа мораше да ја спроведе линијата на својата конзервативна партија и на мнозинството гласачи – па ја извади Британија од ЕУ.

Џонсон беше шеф на дипломатијата – велат еден од најнеуспешните – но со партиски пуч ја тргна од функцијата Меј. Наводно затоа што делот од договорот со Брисел, за Северна Ирска, бил неповолен за Британија. Набрзина стана премиер и тоа го потврди со исто така набрзина изведените предвремени избори, кои инаку се реткост во британската политичка пракса.

Џонсон беше четиринаесеттиот премиер на кралицата Елизабета, за кој се веруваше (а тој беше убеден во тоа) дека е потенцијално новиот и модерен Черчил, кој долго ќе остане на власт.

Соочен со низа афери, како последица на неговиот карактер и непостојаност, мораше да си замине од Дауниг стрит 10 – после неполни три години. На истиот начин како и Меј – со пуч на неговите партиски колеги во Парламентот и владата. На неговото место го наследува Лиз Трас која тој ја постави во Форин Офисот – како првата жена шеф на британската дипломатија.

(Д.Л.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе